Почетна » Блог » Бременост и новороденчиња » Транспорт за критично болни новороденчиња

Транспорт за критично болни новороденчиња

Сподели

Неонатален итен транспортен сервис (НИТС) е специјализиран санитетски транспорт од еден до друг медицински центар на критично болни новородени. За негово успешно спроведување неопходна е соодветна опрема, специјално санитетско возило и едуциран медицински тим. 

Кои новородени имаат потреба од итен транспорт?

Ризичните новородени се оние кои се раѓаат од ризична бременост (мајки со болести пред или појавени во тек на бременоста) или од ризично породување (предвремено породување, породување со вакуум или форцепс). Ризичните новородени имаат потреба од реанимација, а потоа, најчесто и престој и лекување во одделенија за интензивна и специјална нега. Доколку за овие новородени не постојат соодветни услови за нивно лекување во матичниот центар, тие ќе треба да се транспортираат во центар од повисоко ниво, односно таков кој располага со соодветни услови за нивно лекување.

Покрај тоа, еден процент од новородените се раѓаат со вродени аномалии на внатрешните органи, најчесто на кардиоваскуларниот и гастроинтестиналниот систем, кои бараат лекување во специјализирани центри за изведување на хируршки интервенции кај новородени. Бидејќи и во вакви случаи се работи за витално загрозени новородени, кои бараат постојано следење на виталните функции и соодветна интензивна терапија, тие имаат потреба и од посебен тип на транспорт до местото на конечното разрешување на проблемот.

Видови на НИТС

Транспортот најчесто се изведува помеѓу два медицински центри, од центарот во кој е родено новороденото со одреден проблем до центарот во кој постојат услови за негово згрижување и лекување. Меѓутоа, многу често транспортот треба да се изведе и внатре во една болничка установа, при пренесување на пациентот од едно до друго одделение, заради реализирање на потребни дијагностички постапки (ултразвучен преглед, разни видови на снимања и др ).

Во зависност од растојанието на кое треба да се изведе транспортот и патната инфраструктура, тој може да се изведе по сувоземен или воздушен пат. До 300 км со добра патна инфраструктура транспортот се изведува со санитетско возило, а доколку треба да се поминат поголеми растојанија најдобро е транспортот да се изведе со санитетски хеликоптер или авион. Ограничувачки фактор за воздушниот транспорт се неповолните временски услови и непостоењето на место за слетување во близина на болничката установа.

Како треба да биде организиран НИТС?

Бидејќи се работи за тешко болни деца, организацијата треба да биде слична на таа во единиците за специјална и интензивна нега на новородените. Сложеноста на овој систем е во тоа што секогаш треба да се има предвид дека се работи за интензивно лекување на новороденото во движење, па така врз него може да влијаат и непогодностите кои може да се јават за време на патување. Заради тоа, основен принцип е новороденото да биде колку што може со постабилни витални функции пред отпочнување на транспортот, за да се намалат потребите од различни интервенции во текот на транспортот.

Транспортот треба да се изведе по пропишаните стандарди за тоа, во спротивно несоодветно изведениот транспорт значително ќе ја влоши состојбата на новороденото, а кај високо ризичните новородени може да биде и животно загрозувачки.

Транспортниот сервис најчесто се организира како составен дел на установите кои веќе имаат услови за интензивно лекување на новородените.

Кои се елементите на НИТС?

Освен санитетско транспортно возило кое има доволен простор за прием на пациентот и медицинскиот тим, кое располага со независен извор на електрично напојување и доволни резерви на медицински гасови (воздух и кислород), друг основен елемент на НИТС е транспортниот инкубатор во кој треба да се смести новороденото за време на патувањето.

Покрај транспортниот инкубатор, транспортниот сет треба да располага со монитор кој ќе ги следи основните витални параметри на новороденото (срцевата работа, дишењето и снабденоста на крвта со кислород) како и неколку инфузомати за давање на континуирана терапија на новороденото.

Доколку новороденото има проблеми со дишењето и треба да добива респираторна поддршка за време на транспортот, потребен е и транспортен апарат за вештачка вентилација, т.н. транспортен респиратор.

Освен оваа софистицирана опрема, важен дел на НИТС е тимот кој треба да го изведе транспортот на новороденото. Тимот е составен од медицинска сестра и доктор неонатолог, со искуство за работа во интензивна нега кои се дополнително обучени за изведување на ваков тип транспорти. 

Кои се можностите на НИТС во Аџибадем Систина?

Идејата за формирање на НИТС во Аџибадем Систина беше потребата за транспорт на новородените кои од другите установи во земјата и регионот ќе имаат потреба да се лекуваат кај нас, како и транспорт на новородени кои од нашата болница или други болници во земјата ќе се упатуваат на лекување во специјализирани установи во соседните земји.

„Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремено санитетско возило потполно опремено и прилагодено за транспорт на возрасни, деца и новородени. Покрај тоа, на располагање е и нов модел на транспортен инкубатор со респиратор, комплетен мониторинг систем и систем за континуирана венска терапија, можност за самостојно одржување на телесната температурата на новороденчето, како и независна апликација на кислород за време на транспортот. За најтешко болните новороденчиња кои имаат потреба од респираторна поддршка, располага и со најсовремен транспортен респиратор за механичка вентилација на новороденчиња и деца со тежина до 10 кг. Со еден збор, се работи за вистинска мобилна единица за интензивна нега на новороденчиња, која може да ги задоволи потребите за пренесување на тешко болните новороденчиња по сувоземен пат на далечина до 400 км. Медицинскиот тим го сочинуваат четворица лекари и четири сестри посебно обучени и со долгогодишно искуство во изведување санитетски транспорт на тешко болни новороденчиња.“ вели д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за педијатрија.

Најди доктор Закажи преглед Контакт