/Дојде првиот училиштен ден

Дојде првиот училиштен ден

Сподели


Тргнувањето на училиште носи многу промени како во животот на детето така и во животот на родителите. Пред тргнување на училиште сè може да биде опуштено и лежерно, но училиштето е првата посериозна обврска во животот на детето.

Многу деца се радуваат на тргнувањето на училиште и на првиот училиштен ден бидејќи стануваат „големи“, но има и такви кои се плашат и со драго срце би останале дома и би си играле по цел ден. Родителите кои имаат повеќе деца често се чудат зошто децата различно се однесуваат иако се исто воспитувани.

Драги родители, пред да тргне на училиште вашето малечко преиспитајте се самите, но и вашите чувства. Дечињата иако се мали чувствуваат сè што чувствуваат и вие. Доколку вие сте исплашени од тоа дали детето ќе сака да оди на училиште и сте загрижени, и тие ќе се чувствуваат исто.

1. Тренирајте самостојност

Од учениците се очекува да се одвојат од своите родители, целиот ден да го поминат сами на училиште, сами да се грижат за себе, за задачите, сами да ги извршат хигиенските потреби, сами да јадат, да донесуваат одлуки, да почитуваат правила. Ако детето е навикнато сето ова да го правите вие како родители, не можете да очекувате дека детето на 1 септември само ќе ја земе училишната чанта и ќе тргне на училиште. Пред првиот училишен ден покажете му на детето каде се наоѓа училиштето и запознајте го со новата учителка. На тој начин ќе го намалите стравот од непознато.

2. Разговарајте со детето

Со своето прваче разговарајте за вашето училишно искуство, но и за промените кои се случуваат во овој период од животот. Советувајте го каде да внимава додека оди и се враќа од училиште, каде да ја премине улицата и во случај на потреба од возрасен кого да побара и каде да се обрати. Првите неколку дена носете го вашето дете до училиште или пратете го со придружба на другарчињата од класот.  

3. Учествувајте во училишните активности на детето

Заедно одберете училишна чанта и прибор, со тоа кај него ќе ги поттикнете позитивните мисли за училиштето. За училиштето зборувајте со позитивни изрази, место каде се случуваат убави работи, се запознаваат многу нови другарчиња и се стекнуваат нови знаења. Опремете простор во домот каде детето ќе може да учи и да ги завршува домашните задачи.

Среќен прв училиштен ден!