/Жените почесто добиваат уринарни инфекции

Жените почесто добиваат уринарни инфекции

Сподели

Уринарната инфекција е всушност бактериска инфекција во уринарниот систем која може да го зафати мочниот меур, бубрезите и мочните канали.

Дали имам ризик за појава на инфекција?

На секој од нас во одрeден период од животот може да ни се случи појава на уринарна инфекција, но одредени состојби и болести како дијабетес, мултипна склероза и Паркинсонова болест може да бидат ризик фактори за појава на ваква инфекција. Други состојби и болести кои ја зголемуваат можноста за инфекција се:

  • Повреди на `рбетниот мозок.
  • Напредната возраст
  • Пациенти кои имаат каков било вид на задршка на преминот на урината, како тумор, камен во бубрег или зголемена простата
  • Бремени жени
  • Жените кои користат дијафрагма како контрацепција
  • Пациентите кои користат уринарен катетер
  • Практикување анален секс, ХИВ инфекција

Повеќето од факторите на ризик истотака ја зголемуваат можноста една обична инфекција на мочен меур да премине во посериозна инфекција на бубрезите или да се појави сепса (преминување на инфекцијата во крвотокот). Бремените жени кои имаат уринарна инфекција се под поголем ризик од предвремено породување.

Затоа секоја уринарна инфекција треба да се сфати сериозно и веднаш да се премине со лекување.

Што ја предизвикува уринарната инфекција ?

Најчест предизвикувач на ваквата инфекција е бактеријата Escherichia coli која живее во гастроинтестиналниот тракт. Други бактерии кои  предизвикуваат инфекција се стафилококи, протеус, клепсиела, енетерокок и псеудомонас. Одредени инфекции на мочниот меур може да бидат поврзани и со предизвикувачите на сексуално преносливите болести хламидија и микоплазма. Слични симптоми дава и уште една сексуално пренослива болест – трихомонас.

Зошто жените почесто добиваат уринарна инфекција?

Причината е во анатомијата на уринарниот систем, каде кај жените мочниот канал е многу пократок за разлика од мажите. Друга причина е близината на мочниот и аналниот отвор, па можноста за премин на бактериите од фецесот е многу веројатна. Уринарните инфекции се поврзани и со сексуално преносливите болести кај жените. Кај мажите инфекцијата може да се јави и како резултат на премин на инфекција на простата.

Хроничната бубрежна инфекција кај децата честопати е предизвикана од структурни проблеми кои предизвикуваат враќање на урината од мочниот меур назад кон бубрезите или од неможноста на мочниот меур да се испразни целосно.