Мозочните удари најчесто настануваат без најава, како последица на некоја претхона состојба. Најчестите причини за ударот се нерегулираниот крвен притисок и нерегулираниот дијабетес, покаченото ниво на масти во крвта, аритмии, срцевите аномалии, како и вродените недостатоци на системот за згрутчување на крвта, појаснува д-р Милчо Демерџиев, специјалист по неврологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Иако мозочниот удар, за жал, не може да се предвиди, сепак постојат начини како да го намалите ризикот од негова појава, а тоа е преку соодветно лекување и регулирање на гореспоменатите болести и состојби. Постојат два вида мозочни удари. Околу 80 % од сите инфаркти во мозокот настануваат кога се затнува артерија и дел од мозочното ткиво останува без снабдување со крв, или како резултат на крвавење кое настанува поради пукање на крвен сад.
Мозочните удари со крвавење може да бидат во мозокот (интрацеребрални хематоми) и меѓу обвивките на мозокот (субарахноидално крвавење). Најчеста причина за крвавење е нерегулиран крвен притисок, вродени или стекнати дефекти на артериите (аневризми, артерио-венски малформации). Претходно доживеан мозочен удар за 10 пати го зголемува ризикот од негово повторување. Причина за тоа, потенцира д-р Милчо Демерџиев, најчесто е непридржувањето кон терапијата, нерегулирање или влошување на основната болест, која е причина за промената на крвните садови.
„Треба да се трудиме брзо да препознаеме дека нешто се случува со пациентот, бидејќи во денешно време стои дека „времето е мозок“. Пристигнувањето на пациентот во болница, негово брзо дијагностицирање (до 4-5 часа) ни овозможува аплицирање на тромболиза, т.е. супстанци кои го „топат“ тромбот и артеријата повторно се отвора со што може да дојде до комплетно или делумно повлекување на симптомите и последиците да бидат минимални“, вели д-р Милчо Демерџиев, специјалист по неврологија
„Според информациите на Светската здравствена организација (СЗО), годишно околу 15 милиони луѓе страдаат од мозочен удар, а пет милиони од нив умираат заземајќи го второто место како причинител на смрт во светот“
СЕКОЈА СЕКУНДА Е ВАЖНА, КОИ СЕ ПРВИЧНИТЕ СИМПТОМИ
Симптомите за настанувањето на мозочниот удар, во некои случаи, можат да се препознаат на време и да се минимализираат последиците. Како што вели д-р Милчо Демерџиев, „времето е мозок“ и советува веднаш да се побара медицинска помош и во најкраток рок да се дијагностицира појавата на мозочниот удар, кој, за жал, многу често настанува без најава. Во мал процент, како што објаснува д-р Милчо Демерџиев, најавата оди во облик на транзиторни исхемични атаки, односно реверзибилно нарушување на одредена мозочна функција кое се повлекува во тек на 24 часа и пациентот е без последици. Златното правило при појава на мозочен удар е брзото реагирање, односно проверка на лицето, рацете и говорот на пациентот.
МОЗОЧНИОТ УДАР, ПРИЧИНА БРОЈ ЕДЕН ЗА ИНВАЛИДИТЕТ ВО СВЕТОТ
Последиците од мозочен удар можат да бидат од незабележливи до фатални. Тоа зависи од зоната што е зафатена од мозочниот удар. Може да бидат и незабележливи, но може да бидат и катастрофални – тешка инвалидност и смрт. Последиците ќе бидат незабележливи ако ударот е во осетните делови на мозокот. Тогаш пациентот ќе има само намален или променет осет на телото, кој за околината е незабележлив. Ако е во видниот систем, може да има само дефекти во видното поле, меѓутоа ако е во моторните делови или во мозочното стебло, каде на многу мал простор се сместени многу витални структури, последиците се послаба или комплетна подвижност на екстремитетите, па и смрт, потенцира д-р Милчо Демерџиев.