ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН НА СРЦЕВА МАНА УШТЕ ПРЕД РАЃАЊЕТО НА ДЕТЕТО – ВРВЕН ТИМ НА ДОКТОРИ ЗА КОМПЛЕТНА ГРИЖА НА ДЕЦАТА

Позитивни резултати дава мултидисциплинарниот пристап во лекувањето на деца со срцеви мани, кој почна да функционира во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ откако се воспостави Одделот за детска кардиохирургија. Посебна предност на пристапот е што експерти од сите области во болницата ги третираат децата со вакви мани во сите фази од лекувањето, односно од дијагнозата до финалното лекување. Она што ја издвојува болницата е што овде се дијагностицираат срцевите мани уште додека детето е во утробата, што е значителна предност во лекувањето. Тоа им овозможува на специјалистите да делуваат во момент кога е најпотребно или, ако има нужност, интервенција да се прави уште веднаш по раѓањето. До сега специјалистите следеа четири деца кај кои срцевата мана била дијагностицирана пред раѓањето. Едното новороденче е веќе третирано, односно кај него е извршена операција, а кај другите продолжува редовното следење, па интервенциите ќе се прават тогаш кога е најпогодно.

Пренаталната дијагноза е предност на современото лекување, чекор напред во интегралната здравствена грижа и, секако, многу е значајна за овие пациенти. Д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, вели дека овој мултидисциплинарен пристап дава позитивни резултати. „За првпат можам да потврдам, во Македонија мултидисциплинарниот пристап кај деца со срцеви аномалии даде плод, а тоа значи дијагностицирање на аномалијата уште во утробата од страна на нашите гинеколози и педијатарот кој се занимава со фетална кардиографија. Во ‘Аџибадем Систина’ вкупно четири деца се водат пренатално, односно уште во утробата. Едното новороденче веќе беше оперирано, затоа што имаше итност, додека другите три се следат“, вели д-р Чадиковски. Кај детето кое е оперирано е дијагностицирана тетрологија со пулмонална артрезија. Првичното сомневање за срцева мана на фетусот е поставено на редовниот скрининг кај гинекологот д-р Павле Димчев. „Пациентката дојде на редовен скрининг кој вклучува и базичен ехокардиографски скрининг на кој и утврдив дека постои сомневање за срцева мана, по што се консултиравме и дополнително со д-р Драшко Димески, педијатар, кардиолог кој направи понатамошен детален фетален ехокардиографски преглед и беше потврдена дијагнозата – тетрологија со пулмонална артрезија. Затоа ние постојано апелираме трудниците да прават редовни скрининзи кај гинеколог со цел навреме да бидат откриени аномалии на фетусот, навреме да се постави точна дијагноза и соодветен третман“, вели д-р Димчев, гинеколог-акушер. Веднаш по раѓањето било сместено на интензивна нега, а интеревенцијата била изведена по седум дена. Комплетната интервенција ќе биде за неколку месеци. Но тоа сега е дома подготвено да продолжи со животот. Инаку, мултидисциплинарниот пристап значеше дека комуникацијата настанала меѓу докторите уште пред раѓањето. Во тоа биле вклучени и гинекологот д-р Павле Димчев, д-р Душко Фидановски, педијатар, д-р Чадиковски и д-р Драшко Димески, педијатар-кардиолог.

РЕФЕРЕНТЕН ЦЕНТАР ВО РЕГИОНОТ

Д-р Душко Фидановски вели дека комплетната грижа на децата е и една од визиите на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. „Почнувањето со работа на Одделот за детска кардиохирургија за Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ значи дека отсега новороденчињата и децата кои имаат вродени срцеви мани или други заболувања, а кои имаат потреба од кардиохируршки третман ќе можат на едно место да бидат комплетно дијагностички прегледани, но и да добијат терапија, без разлика дали се работи за интервентни кардиолошки или кардиохируршки процедури. Интегралното згрижување на кардиолошките проблеми, од прецизна дијагноза (пренатална и/или постнатална) до конечен третман, вклучително и постхируршко интензивно лекување претставува врвно ниво на здравствена грижа, која е реткост и за болниците од регионот“, вели д-р Фидановски.

СРЦЕВИТЕ МАНИ КАЈ БЕБИЊАТА ВО ПОРАСТ

Статистичките податоци укажуваат на значителен пораст на вродените срцеви аномалии, а загрижувачки се податоците што ваквите срцеви нарушувања се јавуваат кај плодот не само кај трудници кои имаат одреден ризик-фактор туку и кај здрави трудници кои имаат нормална бременост без никаков ризик. Феталната дијагностика на срцето открива постоење на вродени срцеви аномалии на фетусот или евентуални проблеми во ритамот на срцето. Станува збор за безбедна и прецизна еходијагностика, која дава детални информации за срцето на детето. Д-р Драшко Димески, педијатар-кардиолог, вели дека кај трудници со високоризична бременост скринингот се прави во 15. или 16. гестациска недела и се изведува трансвагинално. Кај трудници кај кои не се очекува одреден ризик, стандардна рутинска метода се изведува трансабдоминално од 19. до 24. недела како прв скрининг и вториот контролен скрининг околу 28. или 29. недела. „Овој период е најдобар во однос на самиот фетус, неговата возраст, просторот што го има во матката кој му дозволува слободно движење со што ни дава подобар приказ на сите анатомски структури на срцето“, вели д-р Димески. Овој скрининг има многу предности, меѓу кои: најрано откривање вродени срцеви мани, информирање на родителите за состојбата на феталното срце кај плодот, планирање на времето и местото на раѓање во родилиште каде постои и кардиохируршки тим доколку фетусот е носител на ВСМ, можна терапија кај феталните срцеви аритмии, можно прекинување на бременоста кај комплексните кардиопатии асоцирани со генетски нарушувања, овозможување на научни сознанија за развојот и текот на ВСМ и перспективна фетална интервентна кардиологија и кардиохирургија.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!