ДО 2050 ГОДИНА ДИЈАБЕТЕС ЌЕ ИМААТ ПОВЕЌЕ ОД 1.3 МИЛИЈАРДА ЛУЃЕ – ЕВЕ КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ

Истражувањата покажуваат дека за двојно ќе се зголеми бројот на луѓе што заболуваат од дијабетес мелитус до 2050 година. Така е наведено во неодамнешна студија која е објавена во реномираното научно списание „The Lancet“. Според најновите проценки, бројот на пациенти од 529 милиони ќе достигне до 1.3 милијарди до 2050 година, додека стапката на заболени не се очекува да се намали во ниту една земја во следните 30 години, пренесува „Гардијан“.

Како што нагласуваат експертите, овие податоци се алармантни. Особено загрижува фактот што дијабетесот не секогаш дава почетни специфични симптоми и потешко се открива. Луѓето најчесто ги игнорираат овие симптоми или мислат дека се работи за некое побезопасно заболување.

Дијабетесот тип 1 сè уште не може ефективно да се спречи, додека за тип 2, врз чија појава покрај генетските фактори значително влијаат и факторите на околината, може навремено да се дејствува. Современиот начин на живот подразбира продолжено седење и намалена физичка активност, особено во поголемите градски средини.

Нездравата исхрана, исто така, е еден од клучните фактори на ризик. Засладените сокови, нередовната исхрана и прескокнувањето оброци, недоволен внес на овошје и зеленчук, консумирањето алкохол и заситени масни киселини значително го зголемуваат ризикот од болести. Симптомите и знаците што може да укажуваат на присуство на дијабетес се:

  • зголемена жед
  • често мокрење
  • зголемена глад
  • замор
  • заматен вид
  • бавно зараснување на раните
  • намалување на осетот во екстремитетите
  • трпнење во раце и нозе.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА ДИЈАБЕТЕСОТ?

Дијабетесот се дијагностицира на три начини – со одредување на шеќер во крвта на гладно, потоа со тест на орално оптоварување со глукоза и со мерење на хемоглобин А1с (шеќер врзан за хемоглобинот). Но, сè уште златен стандард за дијагноза претставува тестот со орално оптоварување со глукоза.

Д-р Надица Божиновска-Димова, специјалист по ендокринологија од Клиничка болница „Аџибадем Систина“, советува дека пациентите со дијабетес треба да ги слушаат советите на своите лекари и да се придржуваат до пропишаната терапија. Потребно е при секоја посета на својот лекар да ги мерат крвниот притисок и телесната тежина, а на секои 3-4 месеци да се одредува А1с, маснотиите во крвта, креатининот во крвта и албуминот во урината, а еднаш годишно да се прави преглед на очното дно, како и сеопфатен преглед на стапалата.

СОВЕТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА

Кога зборуваме за дијабетес, превенцијата игра голема улога. За жал, засега не постои превенција за дијабетес тип 1. Превентивните мерки главно се насочени кон тип 2 дијабетес. Прво и основно, треба да се внимава на исхраната и да се одржува здрава телесна тежина. Треба да се спроведува балансирана здрава диета. Тоа значи да консумираме повеќе зеленчук, овошје и риба, а помалку тестенини, масти и брза храна. Физичката активност треба да биде рутинска работа. На пример, брзото одење 30 минути секој ден го намалува ризикот да заболите од дијабетес тип 2 за 40%. Редовнaта физичка активност го подобрува искористувањето на инсулинот од страна на организмот и помага во намалувањето на нивото на шеќер во крвта. Вежбањето, исто така, ги намалува мастите, крвниот притисок и штити од срцеви заболувања. Една од причините за појава на дијабетес е и стресот, па затоа задолжително е да го контролирате и да се потрудите да се ослободите од него. На пушењето цигари треба да заборавите, а ноќното спиење да биде од 6 до 9 часа.

Одделот за ендокринологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремена технологија во регионот за дијагноза и третман на ендокринолошки болести, а нуди и програма за дијабетес, која вклучува консултации за специјален режим на исхрана, широка палета на едукативни активности и соодветни физички активности. Мултидисциплинарниот тим, составен од специјалист по ендокринологија, медицинска сестра задолжена за едукација на пациентите со дијабетес, нутриционист, како и другите специјалисти што работат на оваа проблематика, обезбедува беспрекорна медицинска грижа за пациентите што имаат дијабетес или, пак, сакаат дополнително да се едуцираат.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!