Д-Р ПАТРИЦИЈА КАЛАМАРАС: Создадовме прв приватен инфективен оддел во кој ги третираме сите инфекции, од сипаници, хепатитис до сепса

Инфективниот оддел кој во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се отвори со стартот на пандемијата на Ковид- 19 е прв приватен инфективен оддел во земјава. Тој е нишката која недостасуваше во здравствениот систем во земјава, затоа што до тогаш инфективните пациенти немаа можност да се лекуваат по вакви стандарди со врвна услуга и најискусни специјалисти, вели д-р мед. науки Патриција Каламарас, специјалист по инфектологија во болницата. Иако во текот на пандемијата во одделот се лекуваа најмногу ковид-пациенти, и тоа со голема успешност во лекувањето, во овој капацитет се третираат сите патологии од инфектологијата. Д-р Каламарас, која е една од најпризнатите доктори од оваа специјалност, вели дека одделот е опремен со најсовремена опрема, нуди целосна безбедност и изолираност. И моментно, освен ковид-пациенти сè почесто се лекуваат и пациенти со морбили, варичела, рубеола, хепатити, сексуално преносливи болести, мононуклеози, сепса…

Пандемијата на Ковид-19 стишува, иако сè уште многу предизвици се пред здравствените работници. Го водите првиот приватен инфективен оддел во земјава, во кој освен вакви пациенти се третираат многу повеќе инфективни заболувања.

Д-р Каламарас: Посебно ми е драго што се отвори приватен оддел од ваков тип. Честопати и самите пациенти прашуваа дали имаат можност да се лекуваат приватно од разни инфективни болести. Приватните болници се генерално секогаш повеќе опремени, работат со врвни експерти, секој од својата патологија. Така е и овде. Граѓаните добија можност и пристап до такви услуги иако до пред некоја година тоа не беше случај. На некој начин беа обесправени и тоа сега е овозможено во „Аџибадем Систина“. Работиме со врвна апаратура и врвни специјалистички и докторски тимови.

Како сте организирани од аспект што лекувањето на овие пациенти бара и посебна изолација, сите се заразни. За каков оддел всушност станува збор.

Д-р Каламарас: Одделот беше отворен кога започна пандемијата на Ковид -19. Имавме  голем успех во лекувањето на бројните пациенти кои се лекуваа овде, секако и тие кои беа амбулантски, исто така и хоспиталните пациенти. Одделот има 12 кревети, идеално е организиран од секој аспект, па овде се третираат повеќе различни патологии. Хоспитализираме наеднаш и повеќе пациенти затоа што се формирани посебни изолирани единици во кои се лекуваат пациенти кои се високо заразни, како на пример осипни инфекции, морбили,  рубеола – сите високо контагиозни. Можеме да ги примаме во исто време и да ги лекуваме при што е апсолутно запазен начинот на изолација. Секој апартман е направен според највисоки стандарди.

Вие сте еден од најпознатите инфектолози, каков е тимот кој работи во овој приватен оддел? Како се третираат пациентите, имате и сè помлади пациенти.

Д-р Каламарас: Ние сме голем тим од доктори инфектолози,медицински сестри и болничари, со еден збор   обучен кадар со големо искуство. Во секој момент има можност за оние пациенти кои имаат полоша клиничка слика и имаме и интензивна нега. Се работи во соработка со анестезиолозите и инфектолозите, водиме и потешки случаи, како што се енцефалити, менингити,  инфекции на целото тело, пневмонии, отити, тонзилоларингити, хепатитис , А, Б, Ц, сепса. Можам да кажам дека веќе имавме искуство со вакви пациенти кои беа во лоша состојба но на крај сè заврши добро и успеавме да ги излекуваме. Имавме и млади пациенти кои успешно беа излекувани. Тука ги третираме од деца  од најмала возраст дел од нив кои  сè уште не се вакцинирани па сè до посериозни инфекции кај возрасни. Така што нашиот оддел  ги третира сите без разлика на возраста.

Клучен е значи тој мултидисциплинарен пристап во лекувањето. Сега третирате и деца со сипаници?

Д-р Каламарас: Ние како „Аџибадем Систина“ функционираме како голем тим и применуваме мултидисциплинарен пристап. Кога станува збор за деца соработуваме со докторите од педијатрија и неонатолозите, а ако се возрасни пациенти, во зависност од проблемот, соработуваме со колегите од Одделот за нефрологија, неврологија. А тој пристап гарантира една врвна грижа. Тука се сублимирани сите дејности со врвни стручњаци. Да, сега ги третираме  и децата со сипаници. Со отворањето на инфективниот оддел комплетно ги заокруживме сите здравствени услуги кои треба да ги нуди една високоразвиена модерна болница.   

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!