Лубеницата во најголем процент содржи вода, дури 92%, a содржи и изненадувачки многу хранливи состојки. Со секое парче лубеница внесувате значително количество витамин А, Б6 и Ц, ликопен, антиоксиданси и аминокиселини. Лубеницата не содржи масти а има многу малку сол па затоа е и идеален избор за летниот период.
Една од главните состојки кои ја прават лубеницата здрав десерт е високото количество на ликопен, црвен каротеноид, кој го има во овошјето и зеленчукот. Ликопенот се смета за еден од најмоќните антиоксиданси кој го зајакнува имунитетот, го зајакнува срцето и коските и се бори против болестите, меѓу кои и канцерот. Ликопенот ја дава црвената боја на лубеницата, а го има и во доматите, црвениот грејпфрут, папаја… Најмногу ликопен има во добро созреана лубеница, така што колку што повеќе е црвена лубеницата толку повеќе ликопен содржи.
Освен ликопен, лубеницата содржи и цитрулин, амино киселина, која во организмот преминува во аминокиселината аргинин. Овие аминокиселини ја подобруваат крвната циркулација, а според неодамнешно истражување делуваат и на подобрување на еректилната дисфункција.
Здравствени придобивки на лубеницата
Превенира кардиоваскуларни заболувања
Високите дози ликопен се ефективни во заштита на клетките од оштетување и помагаат во намалувањето на ризикот за појава на срцеви болести. Концентрацијата на цитрулин и аргинин е добра за вашето срце. Помага во подобрување на циркулацијата и помага да се намали ризикот од таложење масти.
Антивоспалително дејство
Ликопенот ја прави лубеницата овошје кое се бори против воспалителните процеси во телото на тој начин што го забавува воспалителниот процес, а има и антиоксидантно дејство преку неутрализирање на слободните радикали. Дополнително лубеницата содржи и холин, супстанција што ја смирува воспалителната реакција.
Го хидрира телото
Лубеницата е совршена храна за хидратација на телото. Содржи вода и електролити кои се идеална комбинација за обезбедување вода и минерали во топлите денови.
Го подобрува варењето
Растителните влакна помагаат во варењето на храната, а лубеницата ги содржи во изобилство.
Ја негува косата и кожата
Витаминот А е чувар на вашата кожа, а само една чаша сок од лубеница содржи речиси една четвртина од дневната потреба од овој витамин. Витаминот А помага да се задржи виталноста на кожата и косата, а истовремено поттикнува здрав раст на нов колаген.
Ја намалува болката во мускулите
Сокот од лубеница пред тренинг или друга физичка активност помага во намалување на болката и напнатоста во мускулите. Тоа најмногу се должи на ефектот на аминокиселините кои ја подобруваат циркулацијата.
Превенира канцер
Како и другите овошја и зеленчук, лубеницата со своето антиоксидантно дејство делува во намалување на ризикот за појава на малигна болест. Се смета дека ликопенот особено делува во превенција на канцерот на простата.