Како правилно да ја заштитиме кожата од штетното влијание на сонцето
Пред нас е летото, за многумина омиленото годишно време кое буди пријатни чувства. Овој период од годината нè асоцира на море, плажа, одмор, летни авантури, па затоа најголем дел од своето слободно време сакаме да го поминеме надвор од своите домови. Но, и покрај сите благодати што ги носи летото и долгите топли сончеви денови, сонцето има свои позитивни и негативни страни. Науката докажа дека претераното и неодговорно изложување на сонце може да има и штетни последици за човековото здравје. Имуносупресија, забрзано стареење на кожата, па дури и рак на кожата се дел од можните компликации ако луѓето претерано се изложуваат на сонце, вели доктор Весна Пљакоска, дерматовенеролог. „Сонцето е сојузник и пријател на човековото здравје и имунитет, но доколку сме невнимателни, може да има негативни ефекти врз нашето здравје, бидејќи сонцето емитува ултравиолетови зраци кои се невидливи со голо око. Постојат три вида УВ-зраци: УВА, УВБ и УВЦ. УВА-зраците сочинуваат 98 отсто од зрачењето и се најмалку опасни, но исто така со текот на времето, поради нив, кожата потемнува и старее. УВА-зраците го стимулираат тенот, но исто така се поврзани и со други проблеми, како што се катаракта и други проблеми со очите, предвремено стареење на кожата, брчки, губење на еластичноста на кожата, осип на кожата и алергиски или други реакции на лекови.
Затоа особено внимание треба да се посвети на нега на кожата, начините како да се заштитиме од штетното влијание на сонцето, за да може безгрижно да уживаме во летните месеци“, објаснува доктор Пљакоска. Покрај користењето заштитен фактор, соодветната заштита од штетните ефекти на УВ-зрачењето вклучува и: следење на УВ-индексот, избегнување директно изложување на сонце од 10 до 16 часот, а се препорачува и носење висококвалитетни очила за сонце со леќи, кои обезбедуваат 100% заштита од УВБ и УВА зраци, заштитна капа или шапка и светла, лесна и широка облека.
КАКО ПРАВИЛНО ДА СЕ ПРИМЕНИ ФАКТОРОТ SPF
Многу често луѓето неправилно нанесуваат крем за сончање, т.е. нанесуваат премалку или не нанесуваат редовно. Правилното нанесување заштитен фактор е од клучно значење за заштитата од сонце, бидејќи со неправилно нанесување добиваме значително помала заштита од предвидената. „Средствата за заштита од сонце се обележани со заштитен фактор кој е прикажан со лабораториски одреден број (SPF). Бројот на заштитниот фактор означува колку долго можеме без опасност да оста неме на сонце, ако сме заштитени во однос на времето што можеме да го поминеме без заштита. Станува збор за време што можеме да го поминеме изложени без страв од изгореници. Ознаката SPF се однесува само на заштита од УВБ-зраците. Затоа е потребно да се одбираат квалитетни производи за заштита од сонце кои имаат комбинација УВА и УВБ заштита од сонце“, вели д-р Пљакоска.
ШТО ДОКОЛКУ ДОБИЕТЕ ИЗГОРЕНИЦИ
Изгорениците од сонце се многу честа појава, а се манифестираат со црвенило, често придружено со болка, а подоцна и со лупење на кожата. Чувството на непријатност може да се намали со ставање ладни облоги, туширање со млака вода неколкупати на ден, да се нанесува спреј со термална вода и смирувачи со хидратантен лосион, во комбинација со кортико препарат, кој се нанесува со лесно втривање на кожата. При појава на изгореници, оштетената кожа не треба да се изложува повторно на сонце.
ПОЈАВА НА ХИПЕРПИГМЕНТАЦИИ
Хиперпигментациите се потемнети делови на кожата со различна големина и форма поставени во нејзино ниво, со нијанси од светлокафеави до темнокафеави кон црни. Тие настануваат поради прекумерно производство на меланин – пигмент што дава природна боја на вашата коса, кожа и очи. Прекумерното изложување на сончевите зраци е главна причина за нивна појава, бидејќи токму сончевата светлина го поттикнува создавањето на меланин. Имено, меланинот дејствува како природен филтер на нашата кожа, штитејќи нè од штетните УВ-зраци, поради што добиваме потемен тен. Со прекумерното изложување на сончевите зраци, доаѓа до појава на хиперпигментации, нивно потенцирање, појава на старечки пеги, мелазма и потенцирање на поствоспалителни хиперпигментации. Имајќи предвид дека хиперпигментациите се разликуваат по своето потекло, морфологија и хистолошка структура, пред да се третираат, задолжителна е консултација со дерматолог, со цел да се одреди најсоодветниот третман. Најчести опции за третман на овие појави се хемиските пилинзи и ласерските третмани. Хемискиот пилинг се изведува со нанесување на кисел раствор на кожата, која е покриена со хиперпигментации, води до отстранување на површинскиот слој на кожата и нејзина регенерација. Ласерскиот третман има сличен ефект како хемискиот пилинг, но е многу попрецизен, поради контролата што ја има дерматологот на интензитетот при работа. Ласер со ваква можност е фракциониот ласер eC02, кој е најсовремена технологија за подмладување и третман на недостатоците на кожата. Високоенергетската светлина влијае врз различни делови од структурата на кожата (од површинскиот до најдлабокиот слој). По третманот кожата изгледа сјајна и мазна. Ласерот прави невидливи оштетувања на кожата, при што направените оштетувања продираат до долните слоеви на кожата и го стимулираат здравото ткиво во продукцијата на нов колаген. Овој метод се користи безбедно за лице, врат, раце, дланки и нозе.
УЖИВАЈТЕ ВО СОНЦЕТО, НО НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ И НА ОПШТИТЕ СОВЕТИ ШТО ВАЖАТ ЗА СИТЕ:
• избегнувајте директно изложување на сонце помеѓу 10 и 16 часот
• задолжително нанесувајте крем со заштитен фактор
• носете светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце, заштитни очила и капа
• заштитете ги најмалите бидејќи изложување на новороденче 15-20 минути на директно сончево влијание може да предизвика изгореници и дехидратација
• пијте редовно вода. За да остане кожата здрава, сјајна и привлечна, потребно е да се негува однадвор и однатре!