ПРВА ПОМОШ ПРИ СКРШЕНИЦИ

Првите сончеви зраци и топлото време се мамец малите палавковци слободното време да го поминуваат надвор. Возењето велосипед или ролерки, играњето со топка, трчањето се само дел од нивните омилени активности, но нивната безгрижна игра многу често може да доведе до повреда или скршеница. Дополнителен ризик е тоа што децата немаат доволно развиен инстикт, па често не знаат да го амортизираат падот и доаѓа до повреда. За среќа, голем дел од повредите најчесто се само надворешни, но како треба да реагираме ако дојде до посериозна повреда, побаравме одговор од д-р Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија.

ДЕЦАТА НАЈРИЗИЧНА ГРУПА ЗА СКРШЕНИЦИ

Механизмот на повреда најчесто е пад или директен удар на екстремитетот. Покрај најстарите пациенти, децата се следна група пациенти кои најчесто се здобиваат со фрактури. Тоа е посебно потенцирано во пролетниот и летниот период, поради престојот и активностите на отворено

ПОЛЕСНА ПОВРЕДА ИЛИ СКРШЕНИЦА?

Во детска возраст најчести скршеници се на надлактицата, подлактицата, а потоа и скршеници на потколеницата и натколеницата. Освен повредите на долгите екстримитети, често кај децата може да дојде и до скршеница на клучната коска. „При скршеница има знаци за оток, болка на местото на повреда и неможност за движење на екстремитетот. Кај ‘изместените’, дислоцирани фрактури често се гледа деформитет на екстремитетот, и може да се слушне феномен на ‘крцкање’ при обид за движење на екстремитетот. При полесни повреди некои од овие знаци не се појавуваат. Исто така, од големо значење е начинот на повреда, механизмот на повреда, од кој може да се претпостави можната повреда“- објаснува д-р Симеонов. Докторите советуваат дека при какво било сомневање за скршеница најважно е да не се манипулира со повредениот екстремитет. Каква било манипулација од нестручно лице може да доведе до компликации.

„Веднаш по повредата потребно е да се пружи прва помош на повредениот на тој начин што екстремитетот ќе се имобилизира со достапните материјали. Се прави на тој начин што се имобилизира повредата и зглобовите над и под повредата, на пр. во случај на скршеница на подлактицата, потребно е да се имобилизира подлактицата заедно со лакотот и рачниот зглоб. Понатаму потребно е детето да се транспортира до најблискиот медицински центар кој може да пружи соодветен медицински третман“ – вели д-р Симеонов.

ТРЕТМАН

Скршениците во детска возраст може да се третираат на неколку начини, во зависност од локализацијата на повредата, степенот на дислокација и превиткување, евентуални придружни рани на кожата на местото на повредата.

КОНЗЕРВАТИВЕН ТРЕТМАН: подразбира само репозиција на коската („местење“ на скршеницата) и поставување имобилизација со гипсена лонгета или циркуларен гипс

НЕКРВАВА РЕПОЗИЦИЈА ПОД КОНТРОЛА НА РЕНДГЕН И ПЕРКУТАНА ОСТЕОСИНТЕЗА: се изведува на тој начин што во операциона сала под контрола на рендген се прави репозиција на коската и фиксирање на фрагментите на коската со игли, без при тоа да се прави оперативен рез.

КРВАВА РЕПОЗИЦИЈА (ОТВОРЕНА ОПЕРАЦИЈА) И ОСТЕОСИНТЕЗА: репозиција на фрагментите со оперативен рез и фиксација на фрагментите.

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!