ПРЕДНОСТИ НА 4 НАЈЧЕСТИ УРОЛОШКИ ЛАПАРОСКОПСКИ ИНТЕРВЕНЦИИ

Во текот на изминатата декада, бевме сведоци на брз напредок и примена на лапароскопијата во сите полиња на хируршката практика. Но во ниту една друга хируршка гранка овие достигнувања не биле поприсутни како во урологијата. Претходните хируршки процедури познати како „златни стандарди“ се заменуваат со новите лапароскопски постапки. Д-р Александар Мицковски, шеф на Одделот за урологија, ги потенцира придобивките од четирите најчесто применувани процедури во уролошката лапароскопија.

ЛАПАРОСКОПСКА РАДИКАЛНА НЕФРЕКТОМИЈА е минимално инвазивна хируршка техника, која вообичаено се препорачува за отстранување на карциномски променет бубрег. За разлика од конвенционалната отворена хирургија, која се изведува низ голем хируршки рез, лапароскопската процедура вклучува употреба на лапароскопска оптика во форма на долга цевка и камера, како и серија нежни и прецизни инструменти кои се внесуваат низ неколку мали „портови” – отвори во стомачниот ѕид. За најголемиот број пациенти (освен за оние со енормно големи тумори над 15 см), лапароскопската хирургија остварува исти резултати со класичната отворена процедура, но нуди помала траума на стомачните органи, поголема прецизност, значително помала постоперативна болка, помала крвозагуба, помалку компликации, помалку инфекции и брзо враќање на секојдневните активности и работни задачи. Изведувајќи ја оваа лапароскопска процедура, хирургот ги отстранува: бубрегот зафатен од карцином (се става во специјална кеса и се вади низ мал рез), доволен дел од уретрата надбубрежната жлезда (ако има потреба), лоцирана веднаш до самиот бубрег околното масно ткиво лимфните јазли околу големите крвни садови: аорта и вена кава.

ЛАПАРОСКОПСКА РАДИКАЛНА ПРОСТАТЕКТОМИЈА е минимално инвазивна хируршка процедура која се употребува за да се отстрани карциномски променетата простата. За разлика од традиционалната отворена хируршка процедура, каде што се употребува голем хируршки рез, овде употребуваме 5 мали отвори, кои се пристапен пат за многу прецизни и современи инструменти. Лапароскопската радикална простатектомија носи далеку помала траума на стомачните органи, помала крвозагуба, неспоредливо помала постоперативна болка, далеку побрзо закрепнување за време на престојот во болница и потоа побрзо враќање на нормални секојдневни и работни активности, како и подобри естетски резултати. Се изведува со општа анестезија, трае околу 2,5-3 часа, бара постоперативно носење уринарен катетер, што е трипати пократко од класичната операција. Исто така, и резултатите во однос на прецизноста во отстранувањето на туморот се далеку подобри поради далеку подобрата визуализација со употреба на современи ендоскопски оптики и камери.

ЛАПАРОСКОПСКА ПАРЦИЈАЛНА НЕФРЕКТОМИЈА е хируршко отстранување на дел од бубрегот зафатен од канцер, со зачувување на што е можно повеќе здраво бубрежно ткиво. Пациентите кандидати за оваа процедура се оние со мали до 5 см бубрежни тумори, или оние на кои зафатениот бубрег им е единствен и им се заканува дијализа. Исто така, битен предуслов е и областа од бубрегот каде што се лоцирани овие тумори. Операцијата се изведува со општа анестезија. Се прават 4 мали инцизии на стомачниот ѕид, низ кои се внесуваат телескопска оптика со камера и мали прецизни инструменти. Клучен момент е запирањето на протокот на крв кон туморски зафатениот бубрег, што овозможува бескрвно отсекување на туморот од околното здраво бубрежно ткиво. Остатокот од бубрегот хируршки се зашива, по што следува ослободување на дотокот на крв. Времето дозволено да се запре крвниот проток кон бубрегот е 25 минути. Лапароскопските парцијални нефректомии се далеку помалку трауматски отколку отворените. Постоперативната болка и престојот во болница се далеку пократки, а движењето и започнувањето со внес на течности и храна започнуваат многу порано. Тоа се однесува и на побрзо враќање на работните и секојдневните активности.

ЛАПАРОСКОПСКА ПИЕЛОПЛАСТИКА е минимално инвазивен начин да се изведе реконструктивен хируршки зафат на вродено или стекнато (од лузна) стеснување на уретрата (каналот што спроведува урина од бубрегот до мочниот меур), на местото каде што тој канал се спојува со бубрегот. Оваа абнормалност на уретрата се вика опструкција на уретро-пиеличен спој (UPJ junction), што резултира со лошо и слабо празнење на урината од бубрегот. Опструкцијата на уретро-пиеличниот спој потенцијално предизвикува стомачна или слабинска болка, камења, инфекции, висок крвен притисок и ослабување на функцијата на бубрегот. Споредено со отворената хируршка техника, лапароскопската пиелопластика резултира со помала постоперативна болка, пократок престој во болница, порано враќање на работа и секојдневни активности, драматично подобар естетски резултат и исход попрецизен и подобар од отворената процедура. Операцијата се изведува со општа анестезија низ три мали 5 и 10 мм резови. Телескопска оптика и камера и тенки прецизни инструменти се внесуваат во абдоменот низ овие пристапни „портови“, што на хирургот му овозможува да го поправи стеснувањето, без да ги стави своите раце внатре во стомачната празнина.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!