СКРИНИНГ И ПРЕВЕНЦИЈА НА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ

Карциномот на дебелото црево, често именуван какo колоректален канцер (КРК), е најчесто застапена малигна болест на гастроинтестиналниот тракт. Развојот на овој тип канцер претставува мултифакторијален процес со етиологија која е условена од генетски чинители и експозиција на фактори од средината, вклучувајќи ги и исхраната и различни инфламаторни состојби на дигестивниот систем. Колоректалниот канцер претставува комплексна болест каде што генетските алтерации често се асоцирани со развој и прогресија од премалигни лезии (аденоми) во инвазивен аденокарцином, вели д-р Урим Исахи, гастроентерохепатолог. Во светски рамки во 2020 год., регистрирани се околу 2 милиони нови случаи со колоректален канцер (10% од сите канцери). Постојат големи географски варијации во инциденцата, највисоки пресметани во земјите од Јужна Европа (40.6 за мажи, 24,5 за жени на 100 000 жители). Колоректалниот карцином е причина за околу 1 милион смртни случаи во светски рамки во 2020 година, со највисоки стапки на морталитет во земјите од Централна и Источна Европа каде што припаѓа и нашата држава. Се забележува благ пад на инциденцата и морталитетот во последните неколку години во развиените земји, на пример, во САД е регистриран годишен пад од 2.4% на инциденцата и пад на морбидитетот од 2.2% за периодот 2008-2017 год. што најверојатно се должи на добро осмислени и спроведени национални програми за превенција и скрининг на колоректалниот карцином. Сепак, колоректалниот канцер останува трета најчесто застапена малигна болест, со стапки што се во пораст кај помладата популација (помеѓу 30 и 50 години). „Карциномот на дебелото црево сега често се детектира уште пред да почне клинички да пројавува симптоми, како резултат од спроведените скрининг-стратегии. Просечната стапка на 5-годишно преживување за пациенти со дијагностициран колоректален канцер е околу 64%, каде што преживувањето е обратнопропорционално со стадиумот на болеста во моментот на негово дијагностицирање, и тоа:

• локализирана болест 90%,

• регионална болест 71% и

• дисеминирана болест 14%.

Во случаите кога болеста е понапредната, клиничката презентација вклучува: сидеропенична анемија, појава на ректално крвавење, абдоминална болка, промена на конзистенцијата и зачестеноста на цревните празнења и поретко интестинална опструкција и перфорација. Десностраните лезии се почесто асоцирани со помлада возраст, анемија, крвавење и/или дијареја. Туморите на левиот колон почесто се презентираат со цревна опструкција и се јавуваат кај постара популација“, објаснува д-р Исахи. Пoради фактот дека дебелоцревниот карцином во раните фази на неговиот развој е претежно асимптоматски, скринингот игра клучна улога во навремената дијагноза, а со тоа и во неговото излекување, како и во детекцијата и третманот на преканцерозните лезии (аденоматозните дебелоцревни полипи и мукозни рани неоплазии). „Препораките на сите релевантни светски асоцијации за скрининг на колоректален карцином препорачуваат спроведување на неколку теста и процедури за детекција на аденоматозни полипи или примарна детекција на канцер.“ За пациенти што одбиваат или кај кои не може да се спроведат ендоскопски процедури се препорачува:

• иригографија секоја 5. година или

• КТ-колонографија секоја 5. година.

Определената возраст за отпочнување на споменатите процедури за скрининг е 50 години, базирајќи се на препораките на поголемиот дел од светските гастроентеролошки здруженија, со тоа што препораките на американските здруженија (Американско друштво за рак, US-Society Task Force on Colorectal Cancer, AGA…) оваа возрасна граница ја поместуваат и ја спуштаат на 45 години. Тестови што се користат за скрининг на општата популација вклучуваат:

• годишно, фекален тест на окултно крвавење (FOBT)

• годишно, фекален имунохистохемиски тест (FIT)

• годишно, фекален ДНК-тест.

Дијагностички процедури што се препорачуваат за скрининг на КРК се:

• флексибилна сигмоидоскопија секоја 5. година

• колоноскопија секоја 10. година.

„Во случај на детекција на суспектни промени во текот на ендоскопските процедури (сигмоидоскопија и колоноскопија), тие се биопсираат и хистопатолошки се анализираат. Доколку се детектираат преканцерозни лезии како аденоматозни полипи или рани мукозни неоплазми, тие ендоскопски се ресецираат со техники на полипектомија или ендоскопска мукозна ресекција (EMR), интервенции што успешно се изведуваат од страна на тимот на гастроентерохепатолози во гастроентерохепатолошкиот оддел во Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’“, вели д-р Исахи. Скринингот за КРК треба да започне во уште порана возраст и тој треба да биде уште пофреквентен и построг за пациенти што имаат висок ризик за развој на КРК. Тука спаѓаат пациенти со една од следниве состојби: пациенти со мината историја за полипи на дебелото црево, пациенти со мината историја за КРК, пациенти со позитивна фамилијарна анамнеза за КРК и пациенти со докажана инфламаторна цревна болест. Пациенти дијагностицирани или суспектни за хередитарни фамилијарни синдроми како што се хередитарен неполипозен колон канцер синдром (HNPCC) или фамилијарна аденоматозна полипоза (FAP) треба, исто така, да бидат третирани како пациенти со висок ризик за развој на КРК и кај нив треба да се спроведе поинтензивен протокол на следење. Доколку КРК се дијагностицира во фаза додека е сè уште локализиран, без хематогено далечни дисеминирани метастази (стадиум I-III), тој треба хируршки да се третира. Хируршката ресекција е најдобриот терапевтски модалитет кој претставува потенцијално куративна опција, дури и за пациенти со лимитирана метастатска болест на црниот дроб. Адјувантната хемотерапија најчесто се применува за пациенти што се стејџирани во стадиум III, додека хемотерапијата е стандарден тераписки пристап за метастатски колоректален карцином. Улогата на радиотерапијата е најчесто лимитирана само за палијативни цели.

Д-р Исахи вели дека консултацијата со гастроентерохепатолог е од критично значење за соодветен скрининг и навремено дијагностицирање на КРК, каде што ендоскопската евалуација (колоноскопијата) има централна улога. Ова е од особена важност за делот на популацијата што спаѓа во групите со висок ризик за развој на КРК каде што покрај гореспоменатите групи со зголемен ризик, спаѓаат и пациенти со присутни таканаречени „алармни симптоми“ (неразјаснета сидеропенична анемија, неинтенциска загуба на телесна тежина, долнодигестивно гастроинтестинално крвавење). Ова уште повеќе добива на значење ако се знае дека колоректалниот канцер претставува потенцијално курабилна болест доколку се детектира и третира во рана фаза на неговиот развој со правилен пристап кон пациентите и користење на процедури, методи и интервенции кои ни стојат на располагање и веќе нашироко се применуваат.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!