11 Најчести прашања за ин витро фертилизација


„Таткото“ на првото бебе од епрувета е физиологот Роберт Ердвардс кој за прв пат ја спроведе постапката во 1978 година. Неговата генијалност беше крунисана со Нобелова награда за медицина дури во 2010 година кога во светот со ИВФ веќе беа родени 4 милиони бебиња. Во западниот свет 1-2% од новородените се родени по пат на вонтелесно оплодување и примената на оваа процедура е во постојан пораст.

sistina

„Таткото“ на првото бебе од епрувета е физиологот Роберт Ердвардс кој за прв пат ја спроведе постапката во 1978 година. Неговата генијалност беше крунисана со Нобелова награда за медицина дури во 2010 година кога во светот со ИВФ веќе беа родени 4 милиони бебиња. Во западниот свет 1-2% од новородените се родени по пат на вонтелесно оплодување и примената на оваа процедура е во постојан пораст.


1. Што претставува ИВФ?

Тоа е постапка во која јајце клетката се оплодува (фертилизира) со сперматозоидот надвор од телото на жената во лабораториски (ин витро) услови.

2. Кога се употребува ИВФ?

ИВФ е метод на избор при болест на јајцеводите, како и при значајно намален број или лош квалитет на сперматозоидите во семената течност. Истата се применува и кога се работи за донација на јајце клетки или сперматозоиди. ИВФ се применува кога останатите методи за забременување на жената се исцрпени.

3. Дали постои возрасно ограничување за спроведување на методот?

Не постои возрасно ограничување, но треба да се има во предвид дека кај жена над 40 годишна возраст успешноста е значително намалена.

4. Кои се можните компликации?

Можни се негативни ефекти од применетата хормонска терапија, компликации поради крварење, како и повеќеплодна бременост

5. Како се изведува постапката на вонтелесно оплодување?

Фаза на вештачки циклус: Се користат контрацептивни таблети и поткожни инекции со кои се смирува функцијата на јајниците.

Фаза на оваријална хиперстимулација: Се употребуваат хормонски препарати во форма на инекции со кои се стимулира развојот на голем број на јајце клетки за оплодување и на

тој начин се зголемуваат шансите за успех.

Фаза на завршно созревање: Се дава стоп инекција со која се постигнува созревање на јајце клетките.

Фаза на пункција на фоликулите: Со игла, со пристап низ вагината, се извелкува фоликуларната течност во која се добиваат јајце клетките. Пункцијата се изведува во анестезија под контрола на ултразвук.

Фаза на оплодување во лабораториски услови: Со класичниот метод на ИВФ, јајце клетките се инкубираат во течен хранлив медиум, се инсеминираат со сперматозоиди добиени од семената течност по пат на ејакулација и повремено се контролира процесот на оплодување. Во одредени случаи се спроведува микрофертилизација со директно инјектирање на сперматозоидот во јајце клетката со што се олеснува оплодувањето.

Ембриотрансфер: По оплодувањето, во период од 2-5 дена се враќаат 2 одбрани ембриони со најдобар квалитет во внатрешноста на матката. Процедурата е едноставна и безболна, а се врши под контрола на ултразвук со специјален тенок катетер внесен низ цервикалниот канал. Доколку постојат повеќе квалитетни ембриони со дозвола на пациентката може да се спроведе нивна криопрезервација (замрзнување).

6. Дали постојат ограничувања во активностите по спроведената постапка?

На денот на пункција фоликулите и ембриотрансферот потребен е одмор. Во периодот кој следи се применува хормонска терапија (прогестерон) и не постојат посебни ограничувања во однос на движењето и работните обврски. Сексуалните односи се забранети се додека не се утврди дали настапила бременост.

7. Дали бременоста со вештачко оплодување е ризична?

Бременоста како резултата на вонтелесно оплодување не е со зголемен ризик поради самата постапка. Ризикот произлегува од возраста на пациентката и нејзината патологија.

8. Колку време трае постапката?

Целата постапка во сите нејзини фази трае околу 6 недели.

9. Колкава е успешноста на методата?

Успехот се движи од 25-45% во зависност од возраста на жената и од типот на основното заболување како причина за неплодност.

10. Колку пати и за кој временски период може да се повтори постапката?

Нема ограничување во можноста за повторно спроведување на постапката по период од 3-4 месеци. Се смета дека успешноста расте до три последователни обиди.

11. Дали бебето родено со ИВФ е здраво?

Бебето родено по постапката на ИВФ е здраво и без никакви последици од самата процедура.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!