Заболувања на срцевите залистоци може да доведат до инфаркт
Нормалното функционирање на залистоците овозможува крвта да тече во правилна насока, со одредена брзина и во соодветно време. Патолошките промени кои ги зафаќаат залистоците влијаат на нивната функција, при што можат да станат премногу тесни и тврди и со тоа не можат целосно да се отвораат или затвораат. Ваквата неправилна функција влијае на крвниот тек (предизвикува повраток или застој на крвта). Тој проблем може да влијае на срцевиот мускул и да доведе до срцева слабост. Задржувањето на крвта доведува до зголемување на срцето со што се оштетува неговата функција. Зголемените комори и преткомори го оневозможуваат нормалниот проток на крв, при што расте ризикот за создавање коагулуми (згрутчување на крвта). Ваквата состојба може да предизвика емболија во белите дробови или во мозокот (мозочен удар).