Најчестите прашања за детската кашлица
Што е кашлица?
Кашлицата е одбранбен механизам со кој организмот сака да ги ослободи дишните патишта од страни честички, секрет и останатите продукти при воспаление. Кашлицата е најчестиот симптом кај заболувањата на респираторниот систем. меѓутоа таа може да недостасува кај новороденото во раниот доенечки период како и кај деца со оштетен рефлекс на кашлица, деца со ментална ретардација, со болести на централниот нервен систем, парализа на дишната мускулатура или при користење на лекови кои ја смируваат кашлицата. Рефлексот на кашлицата е многу комплексен, го контролира центар во ´рбетниот мозок и многу нервни влакна, а при кашлица е потребна синхронизација и активност на голем број респираторни мускули. Рецепторите за кашлица се наоѓаат од фарингсот до бронхиолите.