Колпоскопијата открива предканцерозни промени на грлото на матката
Колпоскопија претставува преглед на грлото на матката и дел од вагината. За таа цел се користи извор на јака светлина и апарат – колпоскоп кој се поставува пред вагината и неколку пати го зголемува видното поле. Колпоскопијата всушност е помошна метода која има за цел, заедно со претходно направен ПАП тест, да го одреди местото на абнормален епител на грлото на матката и доколку е потребно прецизно да може да се земе дел од ткивото – биопсија , за понатамошна пато-хистолошка анализа. Основно значење на оваа метода е рано да се откријат предканцерозните промени или рано да се дијагностицира карцином на грлото на матката кој може да биде излекуван.