Многумина од нас не се свесни дека имаат покачен крвен притисок бидејќи немаат тегоби и никогаш не го измериле крвениот притисок. Голем дел од нив прв пат дознаваат кога ќе се јават последиците како: срцев инфаркт, мозочен удар, откажување на бубрезите и болеста на крвните садови.
Токму од овие причини, одлучивме вашето знаење за високиот крвен притисок да го збогатиме преку одговори на најчестите прашања.
1. Кои се нормални вредности на крвниот притисок?
Горната граница за нормален крвен притисок изнесува 120 со 80. Овие вредности се однесуваат и за постарите лица за кои до скоро се мислеше дека е дозволено да имаат повисоки вредности. Ако крвниот притисок е повисок и се движи од 120 до 140 и од 80 до 90 тогаш се смета дека на пациентот му се заканува болест хипертензија и треба да се превземат сериозни чекори за нормализирање на крвниот притисок. Сите оние кои имаат притисок повисок од 140 со 90 се смета дека боледуваат од хипертензија и треба да се лекуваат.
2. Дали крвниот притисок може да варира?
Крвниот притисок значајно варира зависно од тоа што работите, како се чувствувате и какво е вашето расположение. При голем физички напор тој може да достигне вредности и до 200, што е сосема нормално. Пациентите со зголемен крвен притисок треба да избегнуваат тешка физичка работа. Притисокот по правило е најнизок во текот на ноќта, кога спиеме. Од овие причини користете ја ноќта за одмор.
3. Како и колку често да го мерам притисокот?
Крвниот притисок се мери со помош на апарат за мерење на крвен притисок кој има манжетна за надлактица. Точноста на вашиот апарат за мерење на крвниот притисок проверете ја кај вашиот матичен лекар. Не употребувајте апарати за мерење на крвниот притисок на подлактицата, над рачниот зглоб или на прстите од раката. Тие не ја покажуваат точната вредност на крвниот притисок. Крвниот притисок мерете го неколкупати во неделата во различно време од денот. Не претерувајте со мерењето на крвниот притисок. Тоа ќе ви го зголеми стресот и уште повеќе ќе ви го зголеми крвниот притисок.
4. Дали да го проверам крвниот притисок кај моите деца?
Да, сторете го тоа. Еднаш во годината проверете го крвниот притисок кај вашите деца. Ова посебно се однесува на младите тинејџери. Се поголем е бројот на адолесценти кои имаат покачен крвен притисок поради лошите животни навики : премногу се дружат со компјутерот и телевизорот, многумина се со вишок на телесна тежина, јадат масна и пресолена храна, физички не се активни.
5. Дали крвниот притисок се покачува со пораст на телесната тежина?
Да, токму затоа треба да знаете дека ако сте натхранети и имате проблем со крвниот притисок, со намалување на телесната тежина за само четири до пет килограми може да го намалите крвниот притисок за 10 до 20 единици. А тоа ќе го намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања многукратно. Намалувајте ја телесната тежина постепено, не повеќе од еден и пол до два килограми месечно.
6. Колку физичката активност може да помогне во намалување на крвниот притисок?
Прв чекор во лекувањето на покачен крвен притисок е промената на стилот на живот. Физичката активност е многу значаен дел од оваа стратегија. Пешачење, работа во градината, лесни вежби за раздвижување на телото, танцување или возење велосипед во тек на триесет минути секој ден може да ја спречат појавата на зголемен крвен притисок или истиот да го намалат. Ако немате доволно време настојувајте овие активности да ги применувате трипати по десет минути во текот на денот. Резултатите ќе ги почувствувате брзо.
7. Колку сол дозволено е да внесуваме со храната?
Поголемиот број луѓе се чувствителни на зголемен внес на сол и тие многу веројатно ќе реагираат со зголемување на крвниот притисок. Токму од овие причини внесот на сол со храната треба да биде ограничен на 2 до 2,5 грама на ден, што преведено на едноставен јазик значи една кафена лажичка сол на ден. Ова ја вклучува вкупната количина на сол која се употребува за подготвување на храната и со која се досолува храната. Солта е голем непријател на здравјето. Еден грам сол повеќе може да го зголеми притисокот за 5 единици. Еден грам сол повеќе може да го зголеми крвниот притисок за
5 единици. Намалете го вкупниот внес на сол со храната и ќе го сочувате своето здравје!
8. Дали пушењето влијае врз вредностите на крвниот притисок?
Пушењето ги стеснува, а о тоа серизоно ги оштетува крвните садови. Тие стануваат крти, нееластични и подложни на прскање. На овој начин пушењето директно влијае врз системот на крвните садови во телото, а тоа е местото каде се раѓа покачениот крвен притисок. Затоа сите оние што пушат треба веднаш да го остават цигарите бидејќи здравјето е скапоцено нешто што треба да се чува и негува.
9. Кога и како да ја земам терапијата за зголемен крвен притисок?
Терапијата која ви ја препорачал вашиот лекар треба да ја земате секојдневно. Терапијата се зема наутро, веднаш по станување и попладне најдоцна во 19 часот. Никогаш не земајте терапија за покачен крвен притисок на своја рака или само кога имате покачен крвен притисок. Најчесто терапијата за покачен крвен притисок се зема доживотно. Таа ќе ве заштити од катастрофалните последици кои може да ги предизвика хипертензијата, не случајно наречена тивок убиец.
Контролирајте го крвниот притисок
Живејте подолго