Ултразвукот на белите дробови и плеврата е неинвазивна, безболна, брза и безбедна дијагностичка метода, која сè почесто се користи во детската возраст и го олеснува менаџирањето на респираторните болести. Со напредокот на медицинската технологија, ехо-дијагностиката станува сè порелевантна алтернатива или дополнување на рендгенската снимка, особено кај најмалите пациенти! Д-р Тања Јованова, специјалист по педијатрија – пулмолог, вели дека оваа алатка сè повеќе се користи во модерната педијатриска практика, бидејќи ја зголемува точноста на дијагнозата и го подобрува следењето на болеста без непотребна изложеност на зрачење.
КОГА СЕ ПРАВИ ЕХО НА БЕЛИ ДРОБОВИ И ПЛЕВРА КАЈ ДЕТЕ?
Оваа метода е безбедна, не се користи јонизирачко зрачење како кај рендгенот, па може да се употребува и кај најмали пациенти, новороденчиња и доенчиња ако има индикација. Потребата за ехо на бели дробови и плевра се јавува при сомнение за:
- заболување на белите дробови и плеврата (воспалителни процеси)
- сомнение за плеврален излив (насобрана течност околу белите дробови)
- колапс на белите дробови y се користи за следење на текот на болеста и ефектот од терапијата или при влошување на симптомите (интензивирање на кашлица, отежнато дишење, температура)
- се користи за проценка на резидуални промени кај деца со повторувачки белодробни тешкотии
- за акутни состојби, со фебрилни респираторни инфекции, кога ултразвукот може да даде вредни информации бидејќи можат да се визуализираат промени кои сè уште не се забележани на класичната рендгенографија, особено во раните фази на заболувањето
- се користи во интензивни услови кога може да помогне во разликување на пневмоторакс од плеврален излив
- за следење и водење на торакални процедури (плеврални изливи – дијагностика и дренажа како биопсија на бели дробови и плевра водена со ултразвук)
- може да се прави при траума на градниот кош y во акутни состојби, кога е потребна брза ориентација, што е од особено значење кај деца во тешка клиничка состојба!
ЗОШТО СЕ ПРИМЕНУВА?
Во педијатриската практика, изборот на дијагностичката метода секогаш мора да биде приспособен на потребите и чувствителноста на детската возраст. Ехото на белите дробови е токму таква метода:
- безбедна – не користи јонизирачко зрачење, за разлика од рендгенот или компјутеризираната томографија, особено кога е потребна повторна проценка на состојбата
- комфорна – може да се прави во седната и легната положба, без посебна соработка со детето
- осетлива – во одредени случаи, особено во раните фази на заболувањето, може да се откријат промени, кои сè уште не се гледаат на обичната рендгенографија
- брза – резултатите се добиваат веднаш и може да се повторува повеќепати без ризик.
Детските бели дробови, поради помалку развиената аерација во споредба со оние на возрасните, се особено погодни за ултразвучна визуализација.
Детскиот граден кош е помал, со помали и потенки интеркостални простори, кои овозможуваат полесен пристап и појасна слика со ултразвук.
ШТО НИ ПОКАЖУВААТ РЕЗУЛТАТИТЕ?
Со ултразвук на белите дробови, лекарот може да открие:
- консолидација што зборува за воспалителен процес во белодробниот паренхим
- пневмоторакс (присуство на воздушни џебови)
- колабирани сегменти на белите дробови
- плеврален излив (присуство на течност меѓу висцералниот и париеталниот лист на плеврата)
- промени во интерстициум
- туморски-формации.
Во корелација со клиничката слика, аускултаторниот и лабораторискиот наод, ултразвукот на белите дробови зема сè поголема улога во дијагностицирање на пневмонија, следење на текот на болеста и ефектот од терапијата. Ултразвукот е особено корисна метода во следење на тешки воспалителни процеси придружени со плеврален излив. Можат да се следат и други компликации, како што се: парадоксални движења на дијафрагмата, пареза или парализа.
КАКО РЕЗУЛТАТОТ ОД УЛТРАЗВУЧНИОТ ПРЕГЛЕД ВЛИЈАЕ ВРЗ ТРЕТМАНОТ?
Помага лекарот да донесе брза и точна дијагноза, а со тоа и одлука за терапија, дали е потребен антибиотик, инхалаторна терапија, кортикостероиди, дали ќе се лекува пациентот амбулантски или е потребно болничко лекување! Може да се користи за следење на текот на болеста и ефектот од терапијата, без потреба од повторно зрачење. Во итни случаи, овозможува брза проценка, на пример, при плеврален излив што бара дренажа!
ИЗВЕДБА И ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ИНТЕРВЕНЦИЈАТА
- Скрининг-ехо на бели дробови трае 20 минути во зависност од возраста на детето, соработката и тежината на симптомите.
- Со помош на топографски линии, градниот кош се дели на 12 полиња, кои анатомски одговараат на белодробните лобуси.
Детето може да седи во скут на родител или да лежи на страна/грб додека се врши прегледот. Докторот нанесува гел на сондата, со што се овозможува подобар контакт меѓу кожата и ултразвучната сонда. Со сондата се поминува преку градите, грбот и странично. Се работи за 100% безболна процедура!
КОГА УЛТРАЗВУКОТ Е ОСОБЕНО КОРИСНА МЕТОДА?
- кога е потребна брза проценка на состојбата
- кога има потреба од често следење на состојбата без ризик по здравјето!
ДАЛИ ЈА ЗАМЕНУВА РЕНДГЕНСКАТА СНИМКА?
Секако, ултразвукот не ја заменува целосно радиографијата, но е моќна алатка за побрза, побезбедна и поточна дијагностика! Може да ја надополни или да ја замени, особено кога станува збор за консолидации во раната фаза на болеста и при плеврални изливи. Голема предност е тоа што може да се повторува повеќепати без ризик, што е клучно кај децата!



