Срцето кај децата постојано се менува со растот и развојот на детето. Срцевата работа и крвниот притисок зависат од возраста на детето.
Д-р мед. науки Светлана Крстевска Блажевска, специјалист по педијатрија – кардиолог вели дека шумот на срце може да се слушне веднаш по раѓањето на детето или во текот на првата година од животот и може да се должи на постоење структурни промени во срцето, односно постоење на конгенитална кардиопатија (вродена срцева мана).
Дијагнозата на срцевите мани во 40-50% од случаите се поставува уште во првата недела од животот, а речиси 100% до крајот на првата година.
„Срцевите шумови кај поголемите децата најчесто се безопасни. Сепак, слушнат шум на срце, како и симптоми на отежнато дишење, губење свест, срцебиење, болка во градите, замор или намален физички напор треба да бидат проценети од детски кардиолог“, објаснува д-р Крстевска Блажевска.
Во зависност од карактеристиките на шумот и присутните симптоми, детскиот кардиолог може да направи електрокардиограм (ЕКГ), ехокардиографија (ЕХО на срце), мерење на крвниот притисок кај детето, а поретко рендгенографија на срце и бели дробови, холтер-ЕКГ или ергометрија (тестирање при физички напор).
Грижата за детското срце започнува со здрава исхрана, физичка активност, доволно сон и по потреба навремена лекарска проценка од детски кардиолог.


