ДАЛИ ЧЕСТОТО ПОВРАЌАЊЕ КАЈ БЕБИЊАТА Е ПРИЧИНА ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ?

Многу дилеми, некогаш загрижувачки, особено за родителите на новороденчињата, кои често се прашуваат дали е нормално нивното дете да повраќа по речиси секој оброк. Нема правила, но факт е дека повраќањето е една од најчестите појави кај бебињата, особено во првите три месеци од нивниот живот. И додека за родителот можеби е грижа, докторите велат дека не секогаш повраќањето во овој период е сериозен проблем. Се разбира, родителите треба да се внимателни и да следат колкава е количината што бебето ја повраќа и колку често го прави тоа.

ПОВРАЌАЊЕ ИЛИ БЛУЦКАЊЕ

Речиси сите родители, особено тие кои првпат добиле дете непријатно ја доживуваат ситуацијата кога веднаш по хранењето бебето повраќа дел од испиеното млеко. Но, не е невообичаено. Повраќањето е честа појава кај бебињата од три до шест месеци, а понекогаш тоа може да се случува и подолго, сè до крајот на првата година од животот. Се јавува почесто кај бебињата кои се на вештачка храна, односно на млечна формула, отколку кај тие кои се на храна со мајчино млеко. Почеста појава кај тие кои се родени предвреме отколку кај доносените деца. Но, секако има разлика помеѓу повраќање и таканаречено блуцкање. Сите родители знаат дека многу често дел од внесената храна по цицањето се слева од устата на бебето. Ако е помала количина или околу две–три лажички или само слевање, тогаш станува збор за блуцкање. Д-р Душко Фидановски, неонатолог, вели дека за повраќање станува збор кога се исфрла поголема количина храна, односно млеко, и кога се појавува под притисок, односно се исфрла подалеку од устата на бебето.

„Повраќањето може да биде физиолошка состојба, последица на адаптација на дигестивниот систем на храната, но може да биде и последица на помалку или повеќе сериозни здравствени нарушувања кои настануваат кај бебињата. Блуцкањето, пак, најчесто е последица на нормална адаптација на дигестивниот тракт кај бебињата на внесената храна, од транзиторна природа е и ретко последица на некаква патолошка состојба“, вели д-р Фидановски.

 ПОВЕЌЕ МЛЕКО И ВОЗДУХ ПРИ ЦИЦАЊЕ, МОЖНА ПРИЧИНА ЗА ПОВРАЌАЊЕ

Мали се и некогаш не знаат колку храна им е доволна. Некои бебиња голтаат повеќе од што се гладни, други голтаат брзо па внесуваат и воздух при цицањето, а некои обожаваат да цицаат во несоодветни позиции. Има различни причини зошто повраќаат бебињата, а дел од нив се и овие. Кога се плачливи или ако не спијат цврсто, дел од бебињата често бараат храна па се прејадуваат. Д-р Фидановски вели дека честа причина за повраќањето е и голтањето воздух при цицањето, што може да се појави кај многу лакоми бебиња, односно кај темпераментни, кај бебињата кои често имаат потреба од оброк. Сепак, причина е и несоодветна позиција на бебето при цицање, несоодветен контакт на устата со градата, користење цуцли со поголем отвор или несоодветна позиција на шишето и цуцлата кај децата на храна со вештачко млеко.

„Повраќањето може да се појави и како нормална реакција на адаптацијата на дигестивниот тракт на бебето на внесената храна во првите 2-3 месеци од животот, односно да се работи за нормален процес на прилагодување на цревата на надворешната средина“, додава д-р Фидановски.

ШТО Е РЕФЛУКС?

Најчесто кога е поради овие причини повраќањето е нормална појава кај бебињата. Сепак, некогаш оваа појава треба да се смета како знак за некои посериозни заболувања, на кои предупредува и д-р Фидановски. Кога има често повраќање тоа во некои случаи може да е последица на вродени аномалии на желудникот или тенките црева – најчесто стеснувања. Новороденчињата и бебињата може да повраќаат и поради инфективни заболувања, односно инфекции со вируси или бактерии, но и поради алергии. Во случај на интолеранција на протеини на кравјо млеко, интолеранција на млечниот шеќер или други нутритивни продукти на пример, кај бебињата може да се јави и повраќање. Во некои случаи повраќањето се поврзува со таканаречен гастроезофагеален рефлукс (ГЕР).

„Тоа е ситуација кога постои враќање на храната од желудникот во хранопроводникот и многу често преку устата и носот и кога таа се излева надвор. Рефлуксот може да биде физиолошки, нормален, најчесто се јавува кај недоносените деца и се губи по првите 4-6 месеци, но може да биде и патолошки и да се манифестира со дополнителни тегоби, како што се болно извивање на телото и зафрлање на главата на бебето кон назад, кашлање, задавување и слабо напредување во тежина. Во последниот случај станува збор за таканаречена рефлуксна болест (ГЕРД)“, објаснува д-р Фидановски.

КОГА ТРЕБА ДА БИДЕТЕ ЗАГРИЖЕНИ

Не се опасни и најчесто поминуваат по првата година – ситуациите со повраќање кај бебињата во најголем дел се несериозни – ова особено кога бебето повраќа помала количина и покрај тоа што тоа му се случува често. Родителите не треба да креваат паника, особено ако детето добро напредува, ако е весело и не изгледа дека е дехидрирано. Тоа се препознава со мокрите пелени, кои треба да се менуваат на секои три часа. Ако детето нема температура, ако не е изнемоштено и ако нема чести столици, родителите можат да спијат мирно. Сепак, будност на некои родители треба да им предизвикува ситуацијата кога повраќањето кај нивното дете се појавува по секој оброк, се случува под притисок, односно ако детето повраќа во млазеви.

„Ако повратената маса има жолтозелени примеси или крв, ако детето има покачена температура, изгледа бледо и е изнемоштено, ако губи од тежината или ако не напредува во тежина, слабо мокри, тогаш најверојатно се работи за некоја болест и треба да се побара помош од педијатар“, вели докторот.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!