Најчести прашања за горнореспираторните инфекции

Горнореспираторните инфекции (ГРИ) се најчестата причина поради која пациентите се јавуваат кај својот матичен доктор. Истовремено се и најчестата причина за отсуство од училиште или работа. Горните делови на респираторниот систем ги вклучуваат следните органи: носните канали, ждрелото, крајниците, синусите и горните делови од дишната туба.

Горнореспираторните инфекции (ГРИ) се најчестата причина поради која пациентите се јавуваат кај својот матичен доктор. Истовремено се и најчестата причина за отсуство од училиште или работа. Горните делови на респираторниот систем ги вклучуваат следните органи: носните канали, ждрелото, крајниците, синусите и горните делови од дишната туба.

 

Кога е сезона на ГРИ?

ГРИ можат да настанат во текот на целата година, но нивната сезона се есен и зима, во периодот од септември до април. Во овој период децата и возрасните подолго време престојуваат во затворени и загреани простории. Сувиот воздух во непроветрени простории ја прави слузницата на дишните патишта подложна на вирусни инфекции.

Кои се симптомите?

Вообичаените симптоми на ГРИ се: секрет од носот, затнат нос, кивање, кашлање, гребење, печење или болка во грлото, болка при голтање, општа слабост, главоболка, тешкотии при дишењето. Дополнително можат да се јават и болки во мускулите, лесно покачена или висока температура, мачнина и губиток на апетитот. Овие симптоми обично траат 3 до 14 дена. Ако се јават компликации симптомите продолжуваат и по 14-от ден.

Дали ГРИ се пренесуваат од едно лице на други?

Овие инфекции се заразни, настануваат со вдишување на малите капки во воздухот кои се загадени со микроорганизми. Нив ги исфрла заразеното лице со кивање и кашлање. Преносот на инфекцијата може да настане и преку предметите во непосредната околина на болниот. Предметите се загадуваат со неизмиените раце на болниот кои се налепени со микроорганизми откако тој ќе си ги допре носот или устата. На овој начин настануваат мали епидемии на ГРИ во колективите, градинките и училиштата.

Кој е предизвикувач на горнореспираторните инфекции?

Во најголем процент ГРИ се самоизлечиви вирусни инфекции предизвикани од широка палета на вируси: риновируси, вирусот на грипот, аденовируси и многу други. Поретко предизвикувачи се и бактерии ( стрептокок, хемофилус, стафилокок ).

Како до точна дијагноза?

Дијагнозата секогаш треба да е базирана врз детален преглед на болниот, лабораториските тестови и микробиолошката анализа на брисевите од дишните патишта. Основно е да се забележи каков е секретот од дишните патишта кај болниот. Вирусните инфекции предизвикуваат течен, обилен и бистар секрет, додека жолто-зелен секрет кој е густ и леплив укажува на бактериска инфекција. Позитивниот наод од микробиолошките култури е сигурен доказ на бактериска инфекција.

Кој е третманот на вирусните горнореспираторни инфекции?

Третманот на вирусните ГРИ е симптоматски. НЕ СЕ ДАВААТ АНТИБИОТИЦИ! Се даваат лекови за намалување на температурата, главоболката и болката во мускулите, како и капки кои овозможуваат одзатнување на носот, сируп кој го смирува кашлањето. Треба да се внесуваат голема количина на топли напитоци засладени со мед, витаминска терапија и задолжителен одмор. Постојат антивирусни лекови кои оправдано се препишуваат само во случај на сериозни и тешки состојби на грип, но со терапијата мора да се започне во првите 48 часа од почетокот на болеста. Запомнете дека при вирусни горно-респираторни инфекции препишувањето на антибиотици предизвикува штета, а од нив нема никаква корист!

Како се третираат бактериските горнореспираторни инфекции?

Антибиотиците се лек само за инфекциите предизвикани од бактерии. Останатите лекови, течности, витамини и одмор, кои се користат за симптоматско лекување и во овој случај се помош за олеснување на состојбата на болниот. Запомнете, антибиотскиот третман треба да е прецизно дозиран, да се следи пропишаниот дневен ритамот на земање на антибиотикот, да не се прескокнува дозата и да трае доволно долго за да овозможи успешно излекување. Ако е потребна микробиолошка контрола по терапијата, таа се прави најмалку една недела откако ќе се заврши со последната доза на антибиотикот.

 

 

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!