Лупус се јавува кога имунолошкиот систем не функционира нормално. Оваа абнормална активност на имунолошкиот систем предизвикува оштетување на ткивата. Доколку не се дијагностира на време и не се лекува соодветно, може да дојде до оштетување на органите. Симптомите кај оваа автоимуна болест може да се разликуваат кај пациентите, од благи симптоми со чести промени на кожата до опасни состојби кои влијаат на работата на срцето, бубрезите или нервниот систем. Од 1970 година бројот на заболени од лупус е трипати зголемен, а причините се сè уште непознати.
Каква болест е лупусот?
Лупус е автоимуна болест што се јавува кога телото се напаѓа само себе т. е. клетките на имунолошкиот систем почнуваат да ја напаѓаат кожата, бубрезите и зглобовите. Луѓето со лупус страдаат од воспаление на зглобовите и/или бубрежна болест. Оваа болест често тешко се дијагностицира бидејки симптомите се исти со другите болести. Но, најкарактеристичен симптом е кожното црвенило на образите во облик на пеперутка.
Дали симптомите се исти кај сите пациенти?
Нема два исти случаи со лупус. Знаците и симптомите може да се појават ненадејно или се развиваат бавно, може да бидат лесни или тешки, времени или трајни. Повеќето пациенти со лупус имаат лесна болест што се карактеризира со епизоди кога симптомите се јавуваат, па потоа состојбата се подобрува па дури може и да исчезне извесно време.
Кои знаци и симптоми ќе се јават, зависи од тоа кој систем во телото е нападнат. Најчести се:
- Замор и треска
- Болки во зглобовите, вкочанетост и отоци
- Пеперутка во облик на осип на лицето што го покрива образите и носот
- Лезии на кожата кои се појавуваат или се влошуваат со изложување на сонце (фотосензитивност)
- Прстите кои добиваат бела или сина боја кога се изложени на студ или за време на стресни периоди (феномен на Рејно)
- Недостиг на воздух
- Болка во градите
- Суви очи
- Главоболка, конфузија и губење на меморијата
Кај кои пациенти најчесто се јавува?
Деведесет проценти од пациентите со лупус се жени. Симптомите најчесто се јавуваат во репродуктивната возраст кај жените, од 13 до 44 години. Овој податок укажува на можна поврзаност на женските хормони во развојот на болеста. Исто така е и генетска болест. Во 1 од 20 случаи, лупусот се наследува на првото поколение.
Како влијае на другите органи?
Со развојот на нови терапии денеска повеќето пациенти со лупус имаат релативно нормален живот. Бубрежни проблеми се јавуваат кај пола од пациентите со лупус. Развој на артериосклероза и болести на срцето исто така се јавуваат кај пола од пациентите. Кај мал процент од пациентите лупусот е сериозна болест со значителен морбидитет и морталитет кога телото не може да се избори со тешки инфекции, бубрежна инсуфициенција и кардиоваскуларни болести. Бидејќи лупус може да влијае на неколку витални органи, како што се бубрезите, срцето и мозокот, и да доведе до сериозни компликации, мултидисциплинарниот пристап (следење од повеќе специјалисти) е од суштинско значење за навремена дијагноза и правилен третман.
Третман на лупус
Видот на третман зависи од неколку фактори, вклучувајќи ја возраста на пациентот, целокупното здравје, медицинска историја, органите кои се вклучени и тежината на болеста. Лупус е состојба што има променлив карактер, често се менува и затоа се многу важни редовните посети на лекар. За посериозните случаи, третманот вклучува имуносупресивна терапија, која главно, се состои од стероиди (глукокортикоиди) во комбинација со цитостатски лекови.