Мултипна склероза е хронично заболување на централниот нервен систем при коe доаѓа до оштетување на белата супстанца, мијелин, во мозокот и `рбетниот мозок со што се нарушува спроведувањето на нервните импулси. Во подоцнежна фаза доведува до широк спектар на симптоми и невролошки испади кај пациентите.
Што е мултипна склероза?
Мултипна склероза е хронично заболување на централниот нервен систем кое се карактеризира со демиелинизација на `рбетниот мозок и мозокот. Процесот на демиелинизација подразбира губење на белата супстанца мијелин, која е составен дел од мозокот. Болеста е имунолошки условена иако актуелниот развиток и клиничкиот тек се веројатно условени од генетски фактори и фактори на средината, како и многу други фактори кои сѐ уште не се утврдени. Мултипна склероза е сериозно невролошко заболување поради преваленцата, хроничниот тек, степенот на онеспособување и тенденцијата што примарно ја засега младата популација. Најчесто се јавува помеѓу 20. и 45. година од животот и е почеста кај жените во споредба со мажите. Иако се среќава и кај помлади и кај постари, најчесто кај постарите, после долго распрашување ќе се утврди дека имале барем еден симптом и во младоста.
Кои се симптомите на мултипна склероза?
Кај мултипна склероза симптомите се индивидуални и со различен интензитет, и се разликуваат од пациент до пациент. Сепак, постојат одредени симптоми кои се јавуваат кај сите, како што се проблеми со видот, рамнотежата, бубрезите и беши- ката, слабост и замор, вкочанетост, треперење, нејасен говор, депресија, грчење на мускулите или целосна парализа. Многу често оваа болест се јавува со заматен вид или треперење во нозете. Кај многу пациенти, симптомите се јавуваат и исчезнуваат на непредвидлив начин. Со напредокот на болеста се јавува сексуална дисфункција и намалена контрола на цревата и бешиката.
Колку вида мултипна склероза постојат?
Постојат неколку видови на оваа заболување, но најчести се:
1. Релапсно-ремитентната форма каде невролошките симптомите се развиваат од еден ден до неколку недели, достигнуваат плато, а потоа се подобруваат за неколку недели или месеци. Оваа е најчеста од сите форми.
2. Прогресивно-релапсна форма каде симптомите само делумно се поправаат и практично нема значајно подобрување помеѓу нападите на болеста, така што симптомите скалесто се влошуваат.
3. Секундарно-прогресивна форма каде пациентите на почеток имаат релапсно-ремитентна форма, но по неколку влошувања клиничката слика линеарно се влошува.
4. Примарно-прогресивна форма – од почетокот на симптомите има линеарно влошување.
Како се лекува мултипна склероза?
Третманот во основа се состои од: симптоматска терапија и имуномодулација. Симптоматската терапија се однесува на третманот на симптомите како што е вкочанетост, трнење, пецкање, проблеми со бешиката, промени во однесувањето, нарушување на функцијата на малиот мозок, пароксизмални нарушувања (болка, епилептични напади)… Имуно-модулирачките терапии се насочени кон промена на клиничкиот тек на болеста. Ова може да се однесува на акутно влошување на болеста или на целокупната прогресија на болеста. Акутното влошување се третира со кортикостероиди (метилпреднизолон). Целокупната прогресија на болеста кај релапсно-ремитентните форми се третира со неколку лека. Третманот на прогресивните форми е значајно потежок. Се користат неколку супстанци (цитостатици), чија употреба е лимитирана поради токсичните ефекти.
Рехабилитација кај мултипна склероза
Рехабилитацскиот процес има за цел да ја одржи и подобри функцијата на телото. Од моментот на поставување на дијагнозата се спроведува едукација и третман со кој се унапредува здравјето и се подобрува кондицијата, се намалува заморот, а со тоа се олеснува функционирањето во секојдневниот живот. Во случаите на прогресивна мултипна склероза се врши редукција за самозгрижување, како на пример, облекување, пишување, извршување на активностите во домот. Рехабилитацијата претставува неизоставен дел од целокупниот процес на третирање на мултипна склероза и подобрување на квалитетот на живот. Се состои од неколку компоненти кои опфаќаат: физикална терапија, окупациона терапија, терапија за потешкотии
со говорот, когнитивна рехабилитација и професионална рехабилитација.
Физикална терапија
Се врши евалуација на мобилноста на телото и потоа се изготвува индивидуална програма со која се одржува обемот на движење, мускулната сила и севкупната физичка кондиција. Третманот се состои од вежби за подобрување на трофика и тонус на мускулатурата, вежби за истегање, вежби за баланс и координација. Основната цел е да се одржи мобилноста на пациентот и да се спречи мускулната слабост и контрактурите, што доведува до инактивитет.
Окупациона терапија
Има за цел да ги олесни секојдневните активности, особено оние кои ги вклучуваат едноставните движења на дланките и прстите.
Терапија за потешкотии со говорот
Со основна задача – обезбедување на чист и течен говор со што се олеснува комуникацијата, а влијае и врз севкупната психолошка состојба на пациентот.
Когнитивна рехабилитација
Се изведуваат едноставни вежби за логички поврзувања, концентрација и ме- морирање. Има за цел да ги поттикнува мисловните процеси, што е во голема ко- релација и со професионалната рехабилитација каде се учи како пациентот да ги извршува своите професионални обврски, со можност за нивно поедноставување и прилагодување, а, сепак, да тече работниот процес. Добро подготвена и спроведена рехабилитациска програма овозможува комплетно вклопување во секојдневниот живот на пациентите со мултипна склероза.