Најчеста причина за зголемен вагинален секрет кај женската популација се вагиналните инфекции (вагинити или колпити). Се јавуваат од најраната возраст (увенилен колпит), до најстарата возраст како – сенилен колпит. Зголемениот вагинален секрет може да биде и од неинфективна природа, поради зголемено лачење на вагинална и цервикална слуз, посебно во периодот на овулација.
Доколку не се лекуваат и третираат правилно, вагиналните инфекции може да доведат и до несакани последици-стерилитет, спонтани абортуси и предвремени породувања(кај бремени жени), воспаленија на карличните органи и системски пореметувања.
Вагиналните инфекции се јавуваат при намалување на локалниот и системски имунитет, како сексуално преносливи болести- при честа промена на сексуални партнери, при носење на тесна и синтетска облека, недоволна хигиена, неправилна исхрана, долготрајно користење на антибиотици и други лекови. Слузницата на вагината во нормални услови е обложена со сапрофитни бактерии, од родот на Lactobacillus-(Doderlein-ови бацили), кои гликогенот го претвораат во млечна кислелина и ја закиселуваат средината во вагината до ph-4, со што не се дозволува развој и намножување на патогените бактерии и габички. Секое пореметување на киселоста во вагината ке доведе до пореметување на нормалната вагинална флора, намножување на патогените бактерии и габички и настанување на вагинална инфекција. Најчести инфективни причинители на вагиналните инфекции или колпити се:
-Габични инфекции, најчесто со родот Candida(Candida albicans, C.tropicals, C.galabrata…).
-Бактериски вагинози, предизвикани од цревна аеробна и анаеробна флора(Streptokoki, Stafilokoki, Gonokoki, Coli-бактерии…), Gardnerella vaginalis.
-Трихомонијази, предизвикани од Trichomonas vaginalis(протозоа).
-Интрацелуларни бактерии (Chlamidia, Micoplasma, Ureaplasma).
-Вирусни инфекции- HSV-2, HPV инфекции.
Поретко од гениталните инфекции кај нас, се јавуваат и гонореата, сифилис, СИДА, Хепатит Б и Ц. Сите овие инфекции спагаат во групата на сексуално преносливи болести и многу е значајно нивното откривање и навремен третман.
За спречување, навремено откривање и лекување на вагиналните инфекции потребни се редовни гинеколошки контроли. Некои од инфекциите се детектираат со ПАП тестот( Candida, Trichomonas vaginalis, Gardnerella vaginalis…), а за другите се земаат специфични микробиолошки брисеви (Chlamidia, Micoplasma-Ureaplasma)… Во зависност од добиените резултати, вашиот гинеколог ке ви препише соодветна терапија(локална или системска), само за вас или и за вашиот партнер. За да биде ефикасно лекувањето на вагиналните инфекции, секогаш треба да биде спроведено од стручно лице-(гинеколог, микробиолог), а не на своја рака. По спроведената антибиотска или антимикотична терапија, пожелно е да се продолжи со имуностимулатори, со Lactobacilli -локално и системски и со витаминска терапија.
Редовните гинеколошки контроли, правилното сексуално однесување, хигиената,носење на памучна облека, избегнување на користење на хемиски агенси, правилната исхрана и здравите животни навики, ке ја намалат зачестеноста и бројот на вагиналните инфекции-зголемен вагинален секрет..