Секој кој барем еднаш се нашол во улога на пациент во операциона сала, докторот е неговиот херој и спасител. Но, малкумина знаат дека има уште една важна нишка од алката, а тоа се инструметарките. По повод 14-ти Ноември, Светскиот ден на сестрите инструментарки, ви ги престставуваме овие наши хероини од операционите сали преку една поинаква приказна раскажана од нашата медицинска сестра–инструметарка Јадранка Санева.
Почнува уште една смена во болницата. Одам по ходниците кои водат до моето работно место и ги слушам разговорите на медицинските лица, на пациентите, на нивните семејства. „Добро утро сестро“, „Добро утро докторе, имајте убав ден“ – еден од пациентите кои денес треба да си оди дома по успешната операција ги поздравува моите колеги. Ги знае и по име и по презиме, со некој од нив дури си разменил и неколку слики од внучињата кои нестрпливо го чекаат дома. Ги гледа со насмеан лик и со доза благодарност во очите. Знае дека тие се луѓето кои му помагаа претходните денови во неговата борба со болеста, во неговата борба со стравот и неизвесноста. Поминав покрај него и благо му климнав со главата, тивко поздравувајќи го и посакувајќи му добро утро. Човекот за момент ме погледна и собирајќи ги веѓите во напор да се сети од каде сум му позната се трудеше да ме препознае. Знаев каква борба се води во него и за да му помогнам само го погледнав и се насмевнав со широка насмевка. „Леле, сега се сетив, Вие бевте присутни на мојата операција, нели?“ – извика и чекаше одговор. Уште посилно се насмеав, како награда за неговиот труд и му одговорив потврдно. „Извинете, но знаете како е, кога влегуваме во операциона сала сите сме многу исплашени и не се сеќаваме на вашите имиња, а од лицата ви ги гледаме само очите поради маските кои ги носите постојано“. Му посакав убав ден и се упатив кон операционата сала.
Борби со надеж за подобро утре и продолжен човечки живот
Додека ставав хируршка униформа, маска и капа се сетив на зборовите на пациентот. Точно така, помислив, ние сме сестрите чии имиња никој не ги памти, никој не знае како изгледа моето лице и единствено нешто кое е во контакт со луѓето кои се наши пациенти се само нашата насмевка преточена низ нашите очи. Почнува работниот ден. Мирот кој владееше во ход- никот веќе го нема. Почнува оперативната програма, почнуваат тимски борби во секоја операциона сала, борби со надеж за подобро утре и продолжен човечки живот. Веќе ништо надвор од ѕидовите на операциона-та сала нема важност, целата концентрација и енергија се насочени кон човекот кој ни го доверил најскапоценото нешто – својот живот. По подготовката на материјалите и апаратурата застануваме над масичката со инструментите кои светкаат под нашите раце и чекаме екипата да го внесе пациентот. Пациентот влегува и ние имаме неколку секунди за да направиме процена на неговата психичка состојба, на неговото расположение и неговиот страв. Искусното око вед- наш забележува дали треба да се пошегуваме, дали да сме многу сериозни, дали да молчиме и гледаме над подготвените инструменти или да почнеме разговор за времето надвор. Се претставуваме со име и работна позиција и го чекаме првиот поглед упатен кон нашите очи. Тогаш веќе знаеме што треба да направиме, знаеме како да му дадеме поддршка и сила да направи чекор кон оперативниот стол, знаеме како да му покажеме дека го направил вистинскиот избор, дека знае дека овие луѓе околу него ќе направат сè што е во нивна можност за да му подадат рака и да му помогнат да излезе од болницата со насмевка и надеж.
Борбата за живот станува и наша борба
„Сестро ќе успеам ли да се разбудам жив?“ –тоа е најчестото прашање кое секојдневно треба да го одгово- риме со толкава самоувереност и сериозност за веднаш да слушнеме издишување со леснотија и благодарност. Пациентот е под анестезија и хирургот почнува со работа. Го подаваш скалпелот, првиот рез е направен и во салата се слушаат само острите, јасни наредби на хирургот и мониторите кои титкаат и покажуваат во каква состојба ни е пациентот. Сè друго не досега до нас. Недостапни сме за сè друго, дури и за нашите најблиски, нашите семејства. Борбата за живот станува и наша борба, секој момент од часовите кои следат е посветен на човекот кој кога ќе се разбуди ќе чека позитивни вести, а неговото семејство, кое чека надвор, секоја секунда ќе чека да дознае дека сè е во најдобар ред. Повеќе не сме само медицински сестри, сега сме членови на тимот, асистенти без кои алката наречена операција не може да се одвива. Нема вишок зборови, нема реченици, се слушаат само брзи и куси одредби, се следат движењата и погледите на хирургот. Се збогувате со пациентот како со пријател, пријател кого само вие го паметите, а тој не знае ни дека постоите. Некогаш сме сведоци на прекрасни случувања – раѓање на нов живот, првиот плач на бебињата кои доаѓаат на овој свет преку стомакот на мајката, но, за жал, некогаш и на страшни и трагични настани кои не можеме да ги избегнеме. Реагираме како и сите живи суштества, и во нашите очи ќе видите и насмевка и плач, тага и среќа, неизвесност и трпeливост, но едно никогаш нема да видите, а тое е неодлучност и страв. Тренингот и едукацијата кои има една медицинска сестра–инструментарка ја прават подготвена во секој миг да влее доверба како кај пациентот, така и кај сите членови од тимот. Таа не знае што е тоа замор, колку часови треба да биде на нозе за да се спаси едно чо- вечко суштество, не знае што е тоа паника, што е тоа предрасуда, што е тоа себичност. Завршува операцијата, се бројат газите и материјалите кои биле употребени во текот на операцијата и откако инструментарката ќе даде знак со целата одговорност која ја има, пациентот се буди. Во тој момент екипата од анестезија го презема пациентот и откако тој ќе се разбуди си заминува на одделот каде што лежел претходно. Во моментот кога пациентот ќе ја напушти операционата сала, како да се збогувате со некој ваш познат пријател, пријател кого само вие го паметите, а тој не знае ни дека постоите.
Ви се враќаат како на филм сите денешни судбини
Додека ги подготвувате инструментите за следниот случај и додека хирургот ви ги пренесува плановите за новата операција, низ главата ви прелетува мисла за тоа како е вашето семејство дома. Погледнувате на часовникот и сфаќате дека немате време ни да им се јавите и прашате како се, но со надеж дека е сè в ред ги тргате тие мисли на страна и почнувате со следната операција. На крајот на денот ја вадите униформата и додека ја фрлате маската низ која целиот ден дишете, ви се враќаат како на филм сите денешни судбини: дете со карцином, мајка која при породување го губи едното од близначињата кое 9 месеци се борело во нејзината утроба, случаен минувач кого итно го донеле по страшен судар на две возила чие име не го знаете, син на кого мајката му подарува бубрег за трансплантација, спортист кој на скијање ја крши раката и, за среќа, на- време доаѓа за операција, обид за самоубиство, пад на ѕидар од скеле со повреден ‘рбет. Се миете и пресоблекувате, земате воздух и сите овие приказни ги оставате зад себе затоа што дома сте мајка, сопруга, жена.
Вие сте нашите ангели чувари
Полека, со видлив умор на лицето се симнувам кон излезот на болницата завршувајќи ја смената и пред самиот излез се среќавам повторно со истиот пациент со кого утрово се поздравив во ходникот. Стои со двете мали внуки кои го држат со малите рачиња и со весел глас ми се обрати „Си одам дома сестро, моето семејство дојде по мене“. Му се насмевнувам гледајќи ги прекрасните две девојчиња кои нетрпеливо скокаат околу него и го слушам како ми вели „Господ нека ви дава здравје и сила сестро, вие сте нашите ангели чувари, ВИ БЛАГОДАРАМ“. Го испратив мавтајќи му со раката, а на лицето повторно ми светеше истата насмевка. Ова е мојата професија, а јас сум горда што сум одбрала да бидам АНГЕЛ ЧУВАР, некој кој бдее додека другите спијат и некој кој никогаш не штеди насмевка за да направи луѓето да се чувствуваат подобро.