Cекојдневното темпо со постојаната трка по успех и пари остава последици кај секого од нас, особено на психичкото здравје. Последиците од стресните состојби, кратките рокови, постојаниот притисок се рефлектираат во нашето секојдневие. Бесот е нормално, дури и здраво чувство – но многу е важно да се справите на позитивен начин. Неконтролираниот бес може да влијае врз вашето здравје и односите со луѓето. Д-р Владимир Ортаков, невропсихијатар од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, ви предлага неколку начини да го скротите вашиот бес.
Избројте до 10
Броењето до 10 не е само за деца. Пред да реагирате бурно на некоја напната ситуација, дишете длабоко и бројте до 10. Забавувањето може да го смири бесот.
Прво смирете се, па потоа реагирајте!
Откако мислите ќе ви се избистрат и ќе се смирите, може да ја изразите својата лутина на наметлив, но не на конфликтен начин. Искажете ги вашите чувства и грижи смирено, без да повредите или навредите некого.
Излезете на воздух
Физичката активност може да биде „издувен вентил“ за емоциите, особено во период на избувнување. Доколку почувствувате дека бесот се зголемува, излезете на прошетка, трчајте или правете некоја друга физичка активност. Физичката активност ги стимулира мозочните супстанции кои предизвикуваат чувство на среќа и ќе бидете порелаксирани.
Размислете добро
Во моментите на бес лесно може да кажете нешто за што подоцна ќе се покаете. Размислете добро пред да кажете, или оставете го за подоцна кога ќе можете да размислувате со „бистар ум“.
Идентификувајте ги можните решенија
Место да се сконцентрирате на причината за бесот, фокусирајте се на решението. Ве нервира ли нередот во собата на вашето дете? Партнерот секогаш доцни на вечера? Пронајдете ги начините да се зачувате прво себеси. Потсетете се дека гневот нема да ги поправи работите, може само да ги влоши. Доколку почнете да не го примате лично однесувањето на луѓето од вашата околина, можните решенија сами ќе се наметнат.
Употребувајте „јас“ во речениците
За да избегнете критика или да обвините некого, што може да ја зголеми тензијата, употребувајте „јас“ во речениците за да го опишете проблемот. Бидете пристојни и прецизни. На пример, кажете: „Јас сум вознемирен затоа што стана од масата и не се понуди да ги измиеш чиниите“ наместо „Не работиш ништо“.
Не држете лутина
Простувањето е моќно. Доколку допуштите лутината и другите негативни чувства да преовладеат, може да се најдете проголтани од својата горчина и неправедност. Но, ако и` простите на личноста што ве налутила, може и двајцата да научите од целата ситуација. Не е реално да очекувате луѓето секогаш да се однесуваат онака како што вие сакате.
Искажете го тоа што го мислите низ смеа
Смеата може да ја намали тензијата. Не употребувајте сарказам – може да ги повреди чувствата и да ја влоши ситуацијата.
Вежбајте вештини за релаксирање
Кога трпеливоста ви е на граница, употребете ги вештините за релаксирање. Направете вежби за длабоко дишење, замислете си релаксирачка сцена или повторувајте некој збор или реченица што ве смирува, како на пр. „смири се“. Можете да си пуштите музика, да запишете во дневникот или да повежбате јога, направете сe` што можете за да се релаксирате.
Бесот и здравјето
Контролирањето на бесот понекогаш може да биде многу предизвикувачки, но може и многу да влијае врз вашето здравје. Побарајте помош доколку не можете да го контролирате бесот, правите работи за што подоцна ќе зажалите или ги повредувате блиските.
Побарајте помош
Побарајте курсеви за контрола на бесот или советување за тоа како да се справите со бесот. Со професионалната помош можете:
- Да научите што претставува бесот
- Да научите што ве прави нервозни
- Да ги препознаете знаците кога станувате нервозни
- Да научите да се справите со фрустрациите и бесот на смирен и контролиран начин
- Да ги откриете потиснатите чувства, како на пример тага и депресија