Секоја промена во формата и градбата на утерусот (матката) може неповолно да влијае на репродуктивната способност (неплодност) и репродуктивниот исход (абортус, предвремено породување, малпрезентација на плодот, застој во растот на плодот) објаснува д-р Клементина Кузеска, гинеколог-акушер, дел од тимот за асистирана репродукција. Аномалиите во формата и градбата на матката можат да бидат вродени и стекнати.

Што претставуваат конгениталните аномалии на матката?

Конгенитално значи нешто што е присутно на раѓање, вродено. Конгениталните аномалии на матката настануваат уште во ембрионалниот развој. Интраутерино матката се развива од две одвоени половини кои се спојуваат и го оформуваат утерусот кај женскиот фетус уште пред раѓање. Доколку во процесот на оформување на утерусот интраутерино настапи нарушување, настанува конгенитална аномалија на матката. 3 од 100 жени (3%) се родени со дефект во големината, обликот и структурата на утерусот, а аномалиите се присутни кај 25% од пациентките со историја за спонтан абортус и/или предвремено породување.

Причини

Причината за појава на конгениталните аномалии на матката во најголемиот број случаи останува непозната. Преку 90% од жените со малформации на утерусот имаат нормален хромозомски профил (46XX). Во периодот помеѓу 1938 и 1971 за превенција на спонтан абортус и предвремено породување кај бремените жени бил користен Diethylstilbestrolot (DES) кој доведувал до конгенитални аномалии на матката кај женските деца родени од тие мајки. Засега не постои докажан фактор на ризик кој доведува до појава на утерина аномалија ниту, пак, постои начин истата да се превенира.

Како се манифестираат?

Иако се присутни од раѓање, аномалиите на матката вообичаено не предизвикуваат никакви симптоми и може да се детектираат случајно. Понекогаш доведуваат до болки во период на менструално крвавење. Најчесто и не претставуваат пречка за забременување. Почесто се откриваат кај пациентки кои се иследуваат поради неплодност или имаат историја на спонтан абортус и/или предвремено породување. Во текот на бременоста може да доведат до малпрезентација на плодот (карлична или попречна поставеност на плодот), може да влијаат на растот и развојот на плодот и овие бремености најчесто завршуваат оперативно (царски рез).

Третман

Аномалиите на матката се третираат исклучиво оперативно. Препораките за третман зависат од типот на аномалијата и репродуктивната историја на жената. Доколку во текот на иследувањето за неплодност кај пациентка со историја за спонтан абортус и/или предвремено породување се установи септирана матка, се советува хируршки третман на истата. Хистероскопската метода е суверена во корекција на оваа состојба. Бременост се советува три месеци по спроведениот оперативен третман. Повеќето жени со конгенитална утерина аномалија немаат никаков медицински и/или репродуктивен проблем. Доколку кај пациентка без историја за неплодност се установи септиран утерус, може да се советува хируршки третман бидејќи на тој начин се зголемуваат шансите за успешна бременост. Кај дворогата, еднорогата и двојната матка ретко се спроведува оперативен третман бидејќи истиот е лимитиран. Покрај вродените аномалии на матката, постојат и таканаречени „стекнати аномалии” кои се развиваат по раѓањето и кои доведуваат до промена во формата и градбата на матката и даваат слични манифестации како и вродените. Тука спаѓаат ендометријалните полипи, интраутерините атхезии и миомите на матката. Ретровертна матка: 20% од жените имаат матка која е свртена наназад кон ‘рбетот наместо кон мочниот меур. Ваквата ориентација на матката не влијае на плодноста и не доведува до компликации во бременоста.

Кои типови на аномалии на матка постојат?

Најчести типови на развојни аномалии на матката се:

  • Септирана матка со внатрешна мускулна или фиброзна преграда која делумно или комплетно ја подвојува утерината шуплина. Надворешниот облик на матката е нормален. Кај овие жени се јавуваат повторувачки спонтани абортуси.
  • Дворога матка со промена на надворешниот облик кој наместо крушковиден е срцевиден. Внатрешната шуплина е стеснета и подвоена (дворога), што го попречува нормалниот раст и развој на плодот.
  • Аркуатна матка со нормална надворешност и најблаг степен (до 1см) на подвоеност во внатрешноста. Повеќето гинеколози аркуатниот облик го сметаат за развојна варијација на нормалниот облик на утерусот.
  • Еднорога матка каде што постои развој само на едната половина (еден рог) од матката. Тој е со делумна големина и редуцирана внатрешност. Ова е ретка состојба и овие жени најчесто имаат само еден јајцевод.
  • Двојна (дупла) матка кога двете развојни половини на матката остануваат комплетно одвоени една од друга како удвоен орган со помали димензии. Овие жени најчесто немаат проблем со забременување, но имаат проблем со исходот на бременоста.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!