Нелекувана аритмија, причина за мозочен удар

Срцева аритмија се јавува кога ќе настане проблем со создавањето и преносот на електричните импулси во срцето, при што срцето мoже да работи многу бавно, пребрзо или неправилно. Проблемот со срцевата работа може да потекнува и од преткоморите и коморите или да е проблем во синхрионизацијата помеѓу истите, и поради тоа да дојде до појава на тахикардија (прeбрза работа на срцето), брадикардија (забавена работа) или до аритмија (неправилна – ирегуларна работа на срцето), објаснува д-р Дејан Ковачевиќ, интервентен кардиолог–електрофизиолог.

Причини за појава на аритмија

Постојат повеќе причини за појава на аритмиите, тука се покачениот крвен притисок, коронарната артериска болест, пушењето, алкохолот, предозираност со кофеин, зголемениот стрес, шеќерната болест, болести на тироидната жлезда, пулмолошки болести и генетски вродени состојби. Кај вродените аритмии кои се поврзани со кружни тахикардии постојат можности за лекување со интервентна медицина, тоа се електрофизиолошките студии третмани со одредена техника за повеќе пациентот да ја нема аритмијата. Постојат лекарства коишто некои пациенти мора да ги користат за да се спречи одреден тип несакана срцева работа, и вградување апарати, како пејсмејкери.

Кога да побарате кардиолог?

Секогаш да се побара консултација со кардиолог доколку срцебиењето е придружено со вртоглавица, конфузност, губиток на свеста, силна главоболка, потешкотии во дишењето, градна болка која се шири кон вратот, долната вилица, рамената или горниот дел од грбот, кога срцевиот ритам е побрз од 140 удари во минута и трае подолго од 30 минути без физичка активност, и кога аритмијата е придружена со покачен или намален крвен притисок. Најдобро е пациентот навреме да го открие проблемот бидејќи за здрав нормален живот најдобра е превенцијата, а тоа може да се постигне со контрола и современ преглед.

Аритмии и мозочен удар

Мозочниот удар е состојба која не може да се предвиди, но постојат начини како да го намалите ризикот од негова појава. Ако во минатото се сметаше дека мозочните удари се опасност само за постарите луѓе, денес сè почесто сме сведоци дека и млади луѓе се цел. За жал, кај сè повеќе луѓе со мозочен удар првиот симптом е аритмијата, за што е неопходно мислење и третман и од невролог и кардиолог. Неодамнешни истражувања покажуваат дека нетретираната аритмија е причина за речиси секој петти мозочен удар. Најчесто проблемот е тоа што голем дел од луѓето не знаат дека имаат проблем со аритмијата. Доколку аритмијата трае многу долго, може да го зголеми ризикот од мозочен удар бидејќи крвта која е заробена во преткоморите може да се згрутчи и да предизвика мозочен удар. Токму од таа причина навремениот третман на аритмијата е превенција за мозочен удар. Како мерка за превенцијата е годишниот преглед кај кардиолог и ЕКГ, за да се види дали има некакво нарушување со срцевиот ритам. Возраста и семејната историја на мозочни удари се она на кое не можете да влијаете, а влегува во групата на ризик фактор. Со следењето на препораките од лекарите дури и во состојба кога постои медицинска причина која ве става во категоријата под ризик, можете да направите многу за вашето здравје.

Третман

Иако третманот е комплексен, најважно е да се спречи развојот на мозочен удар, како и компликации. Поради тоа, лекувањето треба да се почне на време за да се намали можноста за појава на компликации. Ако аритмијата не може да се смири со лекови – антиаритмици, во тие случаи се применува електрична кардиоверзија. Тоа е метода на смирување на ритамот со електричен удар (медицински контролиран). Доколку кај пациентите има потреба од повеќекратно повторување на електрични кардиоверзии, во тие случаи на пациентите им се предложува електрофизиолошка студија со радиофреквентна аблација во левата преткомора на срцето каде што е најчесто основната причина за појава на преткоморната фибрилација.

Електрофизиолошка студија за потврда на аритмијата

Во исто време, за подобра контрола на ритамот, се прави електрофизиолошко тестирање, тоа е процедура за да се потврди аритмијата. Потоа интервенцијата се продолжува со воведување аблативен радиофреквентен катетер преку вена. Ова претставува сонда преку која се спроведува струја со мала енергија со која се прави аблација, коригирање на мал дел од спроводниот систем. По тоа, срцевиот електростимулатор (пејсмејкер) ја презема работата на срцето. Пациентот има регулиран срцев ритам со адекватно контролирано забрзување при физичка активност. Пациентот клинички добива на кондиција, има помала потреба од лекови за крвен притисок и срцева слабост.

Електростимулаторот ја презема нормалната срцева работа

Доколку кај пациентот има хронична преткоморна фибрилација, аритмија која трае подолго од една година, аритмија која не се смирува со лекови, а во исто време има и структурни промени во срцето (проширена лева преткомора повеќе од 5 см) со постоење на срцева пумпна слабост, во тие случаи, според актуелните кардиолошки препораки, се поставува срцев електростимулатор за да ја преземе нормалната срцева работа. Поставувањето на срцевиот стимулатор (пејсмејкер) е со мала хируршка интервенција при што се поставува една електрода (сонда) во десната комора и генератор (батерија) под кожа, најчесто од левата страна на градниот кош.

Ефикасен и современ третман на аритмија

Нашиот тим со долгогодишно искуство ви нуди дијагностика и најсовремен третман на нарушувања на срцевиот ритам. Во „Аџибадем Систина“ имате можност за изведување на: електрофизиолошки испитувања, аблација кај срцеви аритмии, вградување пејсмејкери, срцева ресинхронизација, вградување имплантибилни кардиовертери и дефибрилатори и најсовремени апарати, од водечките производители во светот. Тимскиот пристап во дијагностиката и терапијата кај секој пациент гарантира ефикасност и врвен квалитет.

Сподели: