Прееклампсија – зошто е важно да ја откриете на време!

Прееклампсијата е сериозна компликација што се јавува во текот на бременоста, најверојатно како последица на одредено нарушување во постелката и претставува сериозна закана за намалување на дотокот на крв од мајката до плодот. Д-р Даниела Јованова, гинеколог-акушер, вели дека вообичаено се јавува по 20. недела од бременоста, но не е исклучено да се појави и по 12. недела, а имало случаи и на појавување во 9. месец од бременоста. Според одредени испитувања, се појавува во 5 – 8% од вкупните бремености. Доколку оваа патолошка состојба навремено не се констатира и започне со лечење, може да претставува сериозна опасност за вас и вашето бебе, оставајќи тешки последици врз вашиот црн дроб, бубрези и други органи, а предвременото породување е најчест завршеток на бременоста. При одредени тешки состојби на еклампсија, кои се јавуваат во 1% од сите прееклампсии не се исклучени ни фатални последици како врз плодот така и врз мајката.

Која е причината за прееклампсија?

И покрај многубројните истражувања, сè уште не постои конкретен одговор, а има многу претпоставки. Некои од нив се дека појавата на прееклампсија е поврзана со намалување на протокот на крвта во постелката што го поттикнува ослободувањето на одредени протеини од постелката во крвта, што, пак, може да доведе до покачен крвен притисок и оштетување на крвни садови во бубрезите поради што, пак, се ослободуваат протеини во урината. Секако и самата генетика, начинот на исхрана, а и состојбата на вашиот имунолошки систем имаат значајна улога во појавата на прееклампсија. Постојат одредени состојби кои го зголемуваат ризикот за нејзина појава:

  • Прееклампсија во поранешна бременост
  • Прееклампсија во вашето семејство
  • Проблеми со висок крвен притисок пред бременоста или васкуларни болести
  • Повеќеплодна бременост
  • Дебелина пред бременост
  • Гестациски дијабетис, дијабетис, бубрежни заболувања, лупус, ревматски артритис, други автоимуни заболувања

Прееклампсијата најчесто се јавува кај трудници со прво дете, многу млади трудници или трудници кои имаат повеќе од 40 години. Кај трудници со висок крвен притисок пред бременост најчесто не доаѓа до прееклампсија затоа што се претпоставува дека се под перманентен надзор и под терапија и лекарства прилагодени за бременост.

Последици

Последиците од прееклампсија вклучуваат недостиг на проток на крв во постелката, а кога постелката не добива доволно крв, вашето бебе не добива доволно кислород и хранливи материи. Ова, пак, доведува до забавен раст, мала родилна тежина или предвремено породување. Прееклампсијата го зголемува и ризикот од одлепување (абрупција) на постелката од внатрешниот ѕид на матката пред породувањето, често проследени со тешки крвавења и оштетувања на постелката, што е исто така опасно за вашиот и животот на вашето бебе. Можни се и идни постпородилни кардиоваскуларни заболувања.

Еклампсија. Кога прееклампсијата не се контролира може да премине во состојба на еклампсија, која во суштина е прееклампсија плус напади слични на епилептичните. Симптомите кои укажуваат на еклампсија вклучуваат болка во горниот десен дел од абдоменот, силни главоболки, проблеми со видот и вртоглавици, промена во менталната состојба на трудницата.

Препознаете?

Главен проблем е што некои од симптомите се честа и нормална појава во бременоста и е прилично тешко да се одделат и препознаат симптомите на прееклампсија. Од очигледните симптоми би требало да обрнете повеќе внимание на покачениот крвен притисок, засилено потење на лицето, дланките и пазувите. Покрај тоа можат да се појават силни главоболки и вртоглавица, заматен вид, осетливост на светлина, забрзано по качување на телесната тежина поради задржување на течностите во организмот, прекумерно отекување на зглобовите, лицето, рацете, промена во рефлексите, болка во горниот предел на абдоменот, рамената или долниот дел на грбот, намалувањето на мокрењето или негово престанување, како и зголемена мачнина и повраќање. Доколку прееклампсијата премине во еклампсија, може да се очекуваат напади (како епилептичните) или губење свест.

Како се дијагностицира

Единствен начин за дијагностицирање на прееклампсијата засега е проверката на крвниот притисок и анализа на урина. Доколку се констатираат покачени вредности на протеини во урината, а исто така и зголемен крвен притисок, најверојатно е дека ви е дијагностицирана прееклампсија.

Прееклампсијата е состојба која бара мултидисциплинарен пристап кој вклучува нефролог, а во потешките форми невролог и анестезиолог.

Превенција и лечење на прееклампсија

За жал, не постои ниту еден начин како со сигурност може да се спречи прееклампсијата, но тоа што можете е да си овозможите што подобра пренатална грижа, редовна контрола, тестови и анализи и, секако, лекарски надзор. Трудниците треба да водат грижа за исхраната, да го намалат внесот на сол во организмот, да избегнуваат премасна и презачинета храна, алкохол и цигари. Се препорачува умерена физичка активност во согласност со вашата здравствена состојба. Единствен и најдобар лек е породувањето или предвременото породување ако преекламсијата поприми потежок облик што сериозно ги загрозува животот на мајката и бебето. Доколку прееклампсијата не го достигнала критичниот облик, а се јавува во период на бременост кога не е препорачливо предвремено породување, постојат чекори кои можат да се преземат со цел прееклампсијата да се држи под контрола. Доколку прееклампсијата е во по блага форма, советуваме мирување со лежење во кревет без претерано станување или седење, ако нема потреба. За да се намали ризикот прееклампсијата да премине во еклампсија, лекарот може да предложи земање на одредени адекватни лекарства за намалување на крвниот притисок и во одредени ситуации употреба на магнезиум сулфат (антиколвузиви) за спречување на појава на напади. При одредени сериозни индикации лекарот секако ќе предложи и хоспитализација за перманентно следење и контрола на сите параметри и состојбата на бебето до породувањето.

Најголем број од жените што имаат прееклампсија успешно ја изнесуваат бременоста и раѓаат здрави бебиња без последици. Покачениот крвен притисок и другите симптоми на прееклампсија обично многу бргу ги снемува по самото породување, но ризикот таа да се повтори со следната бременост останува. Тој ризик се зголемува во случај на потежок облик на прееклампсија или ако таа се појавила во пораниот период од бременоста, како и со несакани завршувања на самата бременост. Затоа е многу важно за следната бременост посебно да се обрати внимание на редовна контрола и следење на крвниот притисок и нивото на протеини во урината.

Трудниците треба да водат грижа за исхраната, да го намалат внесот на сол во организмот, да избегнуваат премасна и презачинета храна, алкохол и цигари.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!