Магнетна резонанца на фетус – безбедна метода за откривање аномалии кај плодот

Магнетната резонанца (МРИ) на фетус претставува иследување што се користи за евалуација на вродените аномалии и последователни компликации на фетусот. Снимката дава прецизен, детален приказ на фетусот, детектира суптилни аномалии, како и комплексни аномалии на плодот. Со тоа се отфрла или потврдува сомнението дадено со ултразвучниот преглед, што е важно за понатамошно менаџирање на бременоста.

Д-р Јасминка Јошева, радиолог, вели дека досегашните студии не покажале несакани ефекти или трајни последици за здравјето на мајката или плодот, ниту несакани ефекти и трајни последици за развојот на бебето.

Кога е потребна магнентна резонанца на фетус?

МРИ не се користи како скрининг-метода за евентуално постоење вродени аномалии, туку како дополнителен преглед онаму каде што ултразвучниот преглед е инсуфициентен.

Индикацијата за МР на фетус ја дава гинекологот кој ја следи бременоста

„Ултразвукот е метод на избор за следење на бременоста, следење на феталниот раст и развој, следење на количината на плодова вода, должината на цервикалниот канал и следење на феталната активност, што ни дава одговор за добрата состојба и развој на фетусот. Но, во извесни случаи каде плодовата вода е во мала количина, кога мајката е угоена, во случаи над 33. гестациска недела кога е настанато окостување на черепот, а е сомнителна аномалија или има промени на мозокот, ултразвукот е ограничен“, вели д-р Јошева. МР на фетус е индициран и кај бременост кога постои ризик, позитивна семејна оптовареност за одреден тип аномалија кој би се докажал со магнетна резонанца.

Магнетната резонанца не ги „зрачи“ бебето и мајката

Идните родители се загрижени за своето бебе бидејќи не знаат на кој принцип работи магнетната резонанца. „Првенствено треба да се знае дека магнетната резонанца нема радијационо зрачење како при другите рендгенски прегледи или компјутеризираната томографија. МР користи магнетно поле, радиофреквентни бранови и компјутер кој ги обработува сигналите и креира слика на вашето бебе. Предноста на магнетната резонанца е што иследува поголемо поле на преглед, дава прецизна слика со појасен приказ на меките ткива, не е зависна од положбата на фетусот и дава приказ во три рамнини.

Што најчесто се иследува со МР?

Магнетната резонанца ни дава одличен, детален приказ и најчесто се користи за иследување вродени аномалии на:

  • Мозок (хидроцефалус, дисгенезија на корпус калозум, аномалии на задната черепна јама, развојни аномалии на големиот мозок, васкуларни аномалии, инфракции или како скрининг-метода кога постои семејна оптовареност за евентуално постоење на одредени болести, на пример туберозна склероза).
  • ‘Рбетен мозок (дефекти на неурална туба, сакрококцигеални тератоми, агенезија на сакрум).
  • Лице и врат (венолимфатични малформации, хемангиоми).
  • Граден кош и бели дробови (аномалии на дишните патишта, како што се конгенитална цистична аденоидна малформација, пулмонална секвестрација, постоење на излив во белите дробови, дијафрагмални хернии).
  • Абдомен и мала карлица (вклучително и цревните свиоци, мочниот меур и бубрезите) најчесто постоење на цистични или туморски промени во абдоменот и малата карлица, комплексни аномалии на генитоуринарниот систем).

Магнетната резонанца е неинванзивна метода и не бара посебни подготовки за изведба. Досегашните студии не покажале несакани ефекти или трајни последици за здравјето на мајката или плодот, ниту несакани ефекти и трајни последици за развојот на бебето.“

Дали постојат контраиндикации?

Прегледот не може да се изведе доколку имате вградено метални ортопедски протези во телото, срцеви пејсмејкери, како и поставени одредени медицински пумпи. Во последниве две децении вградените ортопедски протези најчесто се титаниумски со кои е можно изведување на прегледот, но е потребно да се има медицинска документација во која е тоа наведено. Тетоважите на кожата можно е да содржат делови од метал и е можно умерено загревање на кожата во тек на прегледот, но истото е минливо и воедно доколку е неиздржливо непријатно, прегледот може да се прекине во секој момент. Како релативна контраиндикација е и клаустрофобијата (страв од затворен простор).

Магнетна резонанца 3 тесла

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ инвестираше во најновата генерација на магнетна резонанца 3 Tesla, која има бројни предности како за пациентот така и за нас, докторите, кои ги откриваме промените во телото. Новата генерација на магнет го зголемува квалитетот и ја зголемува резолуцијата на снимката, што ни овозможува да забележиме уште поситни структури и промени. Снимката добиена со 3 Tesla магнет овозможува подобро да се видат настанатите промени отколку што би се виделе на 1.5 Tesla. Прегледот го изведуваат искусни радиолози со долгогодишно искуство и експертиза од оваа област.

Како се изведува?

Не е потребна посебна подготовка, освен што е препорачливо мајката да биде гладна 4-6 часа пред прегледот или на денот на преглед да биде појадувана, лесен оброк, по можност без кофеински препарати и храна богата со шеќери која може да поттикне поголема активност на бебето и да го пролонгира времето на преглед. Пред прегледот мајката може да се консултира со радиологот кој ќе ѝ ја објасни целата постапка и ќе ѝ даде одговор на сите прашања.

„Прегледот просечно трае од 30-45 минути и се изведува во лежечка положба на грб или на странично, најчесто на левата страна. Просторот каде што се изведува е во форма на тунел. Потребно е мајката да биде поставена во доволно удобна положба бидејќи треба да е во иста положба за времетраење на прегледот, без движење. Секое движење ја влошува МР-сликата, давајќи движечки артефакти. Заради истото се поставуваат перници за да ја подобрат удобноста. Се поставуваат слушалки заради заштита од бучноста на машината која ја дава активирањето на секундарните магнети со цел да не се вознемирува мајката. Студиите даваат информација дека бучавата не ја чувствува бебето бидејќи плодовата вода околу него ја редуцира за десетина пати. Доколку е потребно, со мајката може да присуствува на прегледот и придружба, но не е дозволено дете да биде придружба. Технологот го следи прегледот и може да комуницира со пациентот на кој му е даден микрофон“, вели д-р Јошева.

Препораките на радиолозите е прегледот да се изведе најрано во 17-18 недела на гестациска старост кога е завршена органогенезата, бидејќи претходно плодот е со мали димензии и изразено подвижен.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!