Интервју со д-р Сајковски на тема: Имунитети и алергии

Алергиите се клинички состојби на 21 век. Кои се причините за драматичното зголемување на бројката на деца со разни типови алергиски реакции? Зошто се зачестени алергиите кај децата од новите генерации?

Точно е дека драматично се зголемува бројот на деца со разни типови алергиски реакции, примарно поради промената на концептот на живеење и исхрана. Она што е особено специфично е фактот дека се поголемиот број на деца со алергии се јавува во земји и средини каде што децата се држат ултра чисто, поради што отсуствува активацијата на имунолошкиот систем, кој не брани од инфекциите, а последица на тоа е активацијата на алергискиот дел од имунитетот. Впрочем, како што гледате, последните препораки се дека децата треба да се остават да играат на земја, кал или трева. Co тоа се стимулира антиинфективниот дел од имунитет и се балансираат т.н. Тх1 и Тх2 делови од имунолошкиот систем, па се намалуваат и алергиите.

Дали по прележана настинка или терапија со антибиотици е покачен ризикот од појава на алергија кај најмалите?

За жал, кај нас, но и во други земји во светот, постои една нерационална употреба на антибиотиците дури и за инфекции каде што тие не можат да дејствуваат, како што се вирусните инфекции. За потсетување, антибиотиците се даваат само за лекување јасно докажани бактериски инфекции и таму се навистина ефикасни и, во основа, се каузална терапија. Но нивната примена за состојби каде што тие не можат да имаат ефект може да доведе до уништување и на т.н. добри бактерии, особено оние во гастроинтестиналниот систем. Така се развива дисбиоза на микроорганизмите, која е предуслов за нарушување на имунолошкиот одговор на ниво на цревото и појава на алергиски реакции.

Кои намирници најчесто предизвикуваат алергиска реакција и на кој начин се манифестира?

Алергиските реакции кај децата во првите пет години од животот се најчесто, но не и апсолутно секогаш, реакции на храна. Една од најчестите алергиски манифестации е алергијата на протеините на кравјото млеко, која може да биде состојба што се манифестира со течни столици, стомачни флатуленции, повраќање, ненапредување и низа други симптоми. Интересен е фактот дека слични симптоми може да дадат и феноменот на интолеранција на одделна храна, која најчесто се јавува поради недостиг од некои ензими што ги метаболираат истите тие. Таков пример е интолеранцијата кон лактоза како шеќер, која е доста распространета во светот. Поради наведените причини, треба да се разликуваат реакциите на интолеранција и алергија кон одредена храна. Ова е дотолку битно што и терапевтскиот приод кај нив е различен.

Дали и уртикаријата е алергиска реакција?

Во основа, уртикаријата е само еден сегмент од „алергиската болест”, која ја дефинираме како воспалителна состојба предизвикана од имунолошки механизми, како последица на сензибилизација кон различни надворешни агенси, кои се нарекуваат алергени. Така, алергиските болести може да се манифестираат како алергиски ринитис, астма, коњунктивитис, уртикарија, гастроинтестинална алергија, атописки егзем, алергиски контактен дерматитис, а понекогаш, во најтешка форма, како анафилактична реакција, која може да биде дури и животозагрозувачка состојба. На тој начин уртикаријата е само компонента на алергиската болест и најчесто од една страна бара да се открие причината за уртикарија, а од друга страна бара третман со антихистаминици, како најчесто користени лекови за третирање на оваа состојба.

Дали атопичниот и пеленскиот дерматитис имаат поврзаност со имунитетот?

Како што веќе зборувавме, и атопичниот и пеленскиот дерматитис се само дел од една состојба што се нарекува алергиска болест. Притоа овие две форми се најчесто присутни кај децата во првата година од животот, настануваат како контактни дерматитиси најчесто предизвикани од иритација во пеленската регија или на лицето под влијание на надворешни фактори или самата храна. Појавата на атопискиот дерматитис е состојба што треба да ни даде сигнал дека веќе се менува структурата на имунолошкиот систем и потребна е внимателна контрола на тие деца и користење соодветни средства за негово смирување. Би сакал да им дадам совет на сите родители, во основа, да ги одбегнуваат кортикостероидните кремови за третирање на овие дерматитиси, колку што е можно повеќе. Тие не лекуваат, тие само го смируваат дерматитисот, но кожата на бебето е тенка и лесно ресорбира во циркулацијата се од она со што се мачка, па и кортикоидите. Каузално лекување е да се коригира имунолошкиот одговор и отстранување на компонентите што предизвикуваат алергиски односно атописки дерматитис.

Ваши препораки и совети за третман на чести алергиски реакции кај децата и нивна превенција?

Превенцијата на алергијата е клуч за намалување на бројот на деца кај кои се јавува алергиската болест. Пред се уште од раѓањето треба да се нагласи значењето од формирањето на т.н. микробиом на бебето (тоа е цел збир микроорганизми што ги има во себе и на себе бебето) и кој се затвора околу крајот на првата година. Од него многу зависи дали детето понатаму ќе има или нема да има нарушувања на имунолошкиот систем, но и дали ќе се развиваат алергија и атописки болести. Во тој контекст, потребна е стимулација на неколку линии, како на пример фаворизирање на спонтаното породување во однос на царскиот рез. Бебиња што се родени природно (вагинално), на самото породување ја добиваат својата прва голема доза позитивни микроорганизми од својата мајка како што поминуваат низ родилниот канал. Имено, како што постепено одминува бременоста, драматично се зголемува бројот на лактобацили во вагиналната флора кај мајката, со оглед на фактот дека се приближува датумот на стигнувањето свет, а тие се подготвуваат да скокнат на новиот брод, односно кај бебето, за да му помогнат во разградувањето на лактозата во мајчиното млеко за производство на енергија, ја формираат нормалната цревна флора, го стимулираат имунолошкиот систем и овозможуваат нормален развој на детето. Што е можно помала употреба на антибиотската терапија во раната детска возраст, особено во првата година од животот. Стимулација на семејствата за имунизација, со која се подига специфичниот имунитет за заштита од одредени инфективни болести. Употреба на пробиотици, за кои медицината базирана на докази има потврда дека во првата година кај децата што се родени со царски рез или се на вештачка исхрана го стимулираат имунолошкиот систем, како што е Lactobacillus reuteri Protectis DSM 17938. Toj ги засилува регулаторните Т-клетки од имунолошкиот систем, a со тоа ги стопира проинфламаторните Т-клетки да станат премногу агресивни. Клиничките студии и сознанија ни покажуваат дека овие лактобацили се неопходни за да му помогнат на нашиот имунолошки систем да не реагира кон клетки кои актуелно не го оштетуваат нашето тело. Недостигот од овие бактерии може да биде причина нашето тело, односно нашиот имунолошки систем да претера во својата активност, да настане дисбаланс помеѓу системот Тх1 и Тх2 и да се развие алергија и/или астма, односно алергиска болест.

Извор: Убавина и здравје

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!