ИМУНОТЕРАПИЈА НОВА НАДЕЖ ВО ТРЕТМАНОТ НА МАЛИГНИТЕ ЗАБОЛУВАЊА

До неодамна најчесто користени третмани во лекувањето на малигните заболувања беа хирургијата, хемотерапијата и радиотерапијата. Но многу често при користење на хемотерапијата како избор на третман сведоци сме на изразени несакани секундарни ефекти на ниво на здравите клетки или, пак, со појава на резистентност на хемотерапијата. Имајќи го предвид ова, д-р Славица Кралева, онколог, објаснува дека последните истражувања се насочени кон изнаоѓање поспецифични методи кои ќе бидат ефикасни без да предизвикаат оштетување на здравите клетки. Затоа имунотерапијата е еден специфичен метод во лекувањето на малигните болести кој може да одговори на овие барања.

КАКО СЕ ШТИТИ НАШИОТ ОРГАНИЗАМ?

Имуниот систем има улога во одбраната и заштитата на нашиот организам, а го сочинуваат органи, ткива, специфични клетки и супстанции кои заеднички дејствуваат во одбраната на телото од инфекции и болести предизвикани од бактерии, вируси и абнормални клетки кои предизвикуваат малигни заболувања. Малигните клетки имаат на својата површина молекули кои се нарекуваат антигени кои го иницираат имуниот систем да ги препознае и уништи. Но не секогаш нашиот имун систем е во состојба да ги препознае малигните клетки бидејќи многу од нив имаат способност да се сокријат користејќи ја способноста да наликуваат на нормалните клетки. Имунотерапијата го зајакнува имуниот систем и овозможува негова поголема ефикасност во препознавањето и уништувањето на малигните клетки. Како имунотерапија се користат супстанци што се создаваат по природен пат во нашиот организам или се произведуваат во лабораториите и имаат за цел:

  • да го забават или да го запрат растот на малигните клетки
  • да го спречат ширењето на малигните клетки во други делови од телото
  • да му помогне на имуниот систем да биде поефикасен во уништувањето на малигните клетки
  • да помогнат во ефикасноста на радиотерапијата и хемотерапијата во лекувањето на малигните болести

ЕФИКАСНОСТ ОД ИМУНОТЕРАПИЈАТА

Актуелен проблем при користење на имунотерапијата кај пациентите со малигни заболувања е тоа што и покрај постигнувањето на спектакуларни резултати, сепак, останува недоговорено прашањето зошто кај некои пациенти не се постигнува очекуваниот одговор. Во зависност од типот на карциномот, кај 50-80% од пациентите не се постигнува очекуваниот одговор. Треба да бидеме внимателни бидејќи сè уште медицината нема одговор зошто се случува ова. Зошто кај некои пациенти имаме зачудувачки одговор со имунотерапија кај други само постигнуваме некој ефект, а кај повеќето ова терапија е без ефект. Поради ова целта на поновите истражувања во онкологијата е изнаоѓање предикативни бомбардери кои ќе ни овозможат однапред да се предвиди очекуваниот одговор на имунотерапијата при лекувањето на малигните болести.

ВИДОВИ ИМУНОТЕРАПИЈА

Постојат повеќе типови имунотерапија, како монклонални антитела, Checkpoint инхибитори Т-клеточна терапија, онколитична вирусна терапија и неспецифична имунотерапија, БЦГ-вакцина.

  • Моноклонални антитела се таргетирани кон специфични протеини на малигната клетка
  • Checkpoint инхибитори овозможуваат имуниот систем да ги уништи малигните клетки
  • Вакцините се во фаза на испитувања, а се базирани да го експонираат имуниот систем на антиген

КОИ СЕ НЕСАКАНИТЕ ЕФЕКТИ ОД ИМУНОТЕРАПИЈАТА?

Различни видови имунотерапија предизвикуваат различни несакани реакции, а зависат од типот и локализацијата на карциномот и препишаната тераписка доза, како општата состојба на пациентот. Да се превенираат и контролираат несаканите ефекти од имунотерапијата користена во лекувањето на малигните болести е најодговорната задача на тимот кој учествува во лекувањето на малигната болест. Пред сè најважно е на пациентот да му се објаснат сите можни несакани реакции кои понекогаш можат да бидат многубројни и бараат справување со несаканите ефекти со вклучување на цел тим специјалисти. Многу несакани ефекти остануваат присутни и по завршувањето со имунотерапијата и може да се присутни повеќе месеци па дури и години.

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ДАДЕ ИМУНОТЕРАПИЈАТА?

  • Интравенски се аплицира директно во вена
  • Таблетки или капсули што се пијат
  • Локално со креми за лекување карциноми на кожата во многу рана фаза
  • Интравезикално со апликација на БЦГ-вакцина

КОЛКУ ЧЕСТО И ДО КОГА МОЖЕ ДА СЕ ПРИМА ИМУНОТЕРАПИЈАТА ЗАВИСИ ОД:

  • типот на малигното заболување
  • стадиумот на болеста
  • типот на имунотерапија која ја прима пациентот
  • како пациентот реагира на имунотерапијата

Имунотерапијата може да се прима секој ден, неделно или месечно. Некои имунотерапии се даваат во циклуси, што значи има период на третман по што следи пауза. Паузата има за цел закрепнување на телото, да се постигне одговор на имунотерапијата и создавање нови здрави клетки.

КОИ ВИДОВИ МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА МОЖЕ ДА СЕ ЛЕКУВААТ СО ИМУНОТЕРАПИЈА И КОГА?

Имајќи ги предвид последните резултати презентирани на најголемите онколошки конгреси АSCO и ESMO, може да се заклучи дека примената на имунотерапијата во третманот на малигните заболувања има сè поголема примена, за лекувањето на повеќе типови на малигни заболувања. Како адјувантен третман кај повисоки стадиуми, како прва линија на метастатска болест, или кога стандардната терапија со прва линија на третман е неуспешна. Многу важна е улогата на предиктивните биомаркери во третманот со имунотерапија, како што е PD 1-антителото и за првпат имаме одобрена имунотерапија за лекување на малигно заболување врз основа на биомаркер, а не според потеклото на туморот. Сепак, не може да кажеме дека имунотерапијата претставува волшебен третман за малигните заболувања бидејќи има уште многу прашања кои остануваат неодговорени, а поврзани со голем број генетски специфичности на туморските клетки.

 

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!