Како да се заштитиме од опасноста на сончевите зраци

Луѓето се деца на сонцето и да, ние постоиме затоа што имаме и сонце. Но зошто во последно време зборуваме сѐ почесто за штетното влијание на сончевите зраци? Науката докажа дека претераното изложување на сонце може да има и штетни последици за човековото здравје. Имуносупресија, забрзано стареење на кожата, па дури и рак на кожата се дел од можните компликации ако луѓето претерано се изложуваат на сонце

Сонцето емитува ултравиолетови зраци кои се невидливи со голо око. Постојат три вида на УВ-зраци: УВА, УВБ и УВЦ. УВА зраците сочинуваат 98 отсто од зрачењето и се најмалку опасни, но исто така со тек на време, поради нив, кожата потемнува и старее. УВА-зраците го стимулираат тенот, но исто така се поврзани и со други проблеми, како што се катаракта и други проблеми со очите, предвремено стареење на кожата, брчки, губење на еластичноста на кожата, осип на кожата и алергиски или други реакции на лекови. Според д-р Весна Пљакоска, специјалист по дерматовенерологија, најголема енергија и опасност носат УВЦ-зраците, поради кои се разбира, ние и постоиме. Зошто се штетни? Некогаш поодамна нашата планета немала голема озонска обвивка, па овие зраци дури биле и смртоносни. Со текот на времето озонската обвивка почна да ги апсорбира и нивната опасност се елиминираше. Во последно време се разбира сите зборуваат за озонските дупки кои секако ја зголемуваат опасноста од пробив на УВЦ-зраците. УВБ, пак, имаат помала енергија од УВЦ и дел од нив секако поминува низ озонската обвивка.

ЗРАЧЕЊЕТО Е НАЈОПАСНО И НАЈГОЛЕМО ОД 11 ДО 16 ЧАСОТ

Согледувајќи ја реалната состојба со зголемената зачестеност на појава на тумори на кожа, како и спознанието дека околу 80 проценти од туморите на кожата се појавуваат токму поради УВ-зраците, јасно е дека главна цел на бројните јавно здравстени акции е запознавање на граѓаните со правилни насоки во однос на изложување на сончеви зраци. Во поново време се зборува за дејството на инфрацрвените зраци, како и за видливото светло, особено кај хиперпигментациски промени како што е melasma. Овие зраци можат да ја оштетат експресијата на гените во клетките на кожата предизвикувајќи стареење и фотокарциногенеза. Фотопротекцијата претставува збир на мерки за заштита од наведените штетни влијанија на зрачењето од сончевиот спектар. Со ова под фотопротекција се подразбира избегнување на изложување на сонце особено помеѓу 10 и 16 часот. Секако има согласност дека заштита со лесна облека е добар начин да се избегнат штетните УВ-зраци. Особено во периодот кога сонцето е најјако, па се препорачува тогаш кожата да не е изложена директно на сонце. Облеката треба да е од природни ткаенени, да е со светла боја, а на главата да се носи заштитна капа или шапка. Во секој случај, важно е да се нанесува крем со заштитен фактор. Овие мерки се сметаат за вистинска фотопротекција и претставуваат императив во превенција на тумори на кожа, но и превенција од стареење на кожата. Средствата за заштита од сонце се обележани со заштитен фактор кој е прикажан со лабораториски одреден број (SPF) . Бројот на заштитниот фактор означува колку долго можеме без опасност да останеме на сонце, ако сме заштитени во однос на времето кое можеме да го поминеме без заштита. SPF акронимот се однесува само на УВБ-зрачењето. Станува збор за време кое можеме да го поминеме изложени без страв од изгореници вели, д-р Весна Пљакоска, специјалист по дерматовенерологија.

Пример – Доколку без заштита вашата кожа поцрвени (изгори) за 10 минути, кремата со SPF-фактор 20 овозможува заштита при сончање 200 минути (SPF 20×10 минути = 200 минути)

Ознаката SPF се однесува само на заштита од УВБ-зраците. Затоа е потребно да се одбираат квалитетни производи за заштита од сонце кои имаат комбинација УВА и УВБ-заштита од сонце. Според д-р Пљакоска, треба да се нагласи дека производите за заштита од сонце не го оневозможуваат потемнувањето на кожата, туку ја штитат од опасноста од негативното влијание на УВ-зраците. Облаците запираат само мал дел од сончевите зраци. Тие пропуштаат и до 95 отсто УВ-зраци. Под чадор вообичаено сме под дејство на 50 отсто на сончеви зраци. Светлоста и УВ-зраците можат да допрат до кожата индиректно поради рефлексија од различни површини, затоа треба да сме внимателни.

СОВЕТИ ЗА ЗАШТИТА

  1. Најдобра заштита е облеката (маица, капа, очила).
  2. Малите деца треба да бидат особено добро заштитени.
  3. Избегнувајте изложување на сонце помеѓу 11 и 16 часот.
  4. Изложувањето на сонце треба да биде постепено.
  5. Песокот, снегот или водата можат да рефлектираат повеќе од половина од сончевите зраци на вашата кожа.
  6. Производот за заштита од сонце треба да се нанесува на секои 2 часа и по пливање, без разлика на висината назначена на производот со заштитен фактор.
  7. На високи надморски висини и во тропски предели особено е важно да се користи висок заштитен фактор.
  8. Пијте редовно вода и бидете внимателни со најмладите и никогаш не заборавајте на возрасните.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!