ЗАТНАТ НОС ЗОШТО НÈ МАЧИ ВО ЗИМА И КАКО ДА СИ ПОМОГНЕМЕ

Многу често веруваме дека зимското време оди рака под рака со носни симптоми, особено со затнат нос. Сепак, докторите сметаат дека ладното време само по себе не е причина за затнат нос. Преосетливост на носот од кој било тип доведува до дисфункција на носната слузница, таа отекува и тоа резултира со потежок проток на воздух низ носот. Понекогаш се јавува и носна секреција. Но, д-р Македонка Гарванлиева Николова, оториноларинголог, вели дека носната секреција всушност има и корисна функција, затоа што ги заробува микроорганизмите и другите честички и превенира да не влезат во белите дробови. „Освен затнат нос, многу често во зима се среќаваме и со состојба на сув нос. Но, сув нос е чест симптом кога се користат лекови како што се, на пример, антихистаминици и деконгестиви. Затоа тие не смеат да се користат на своја рака“, вели д-р Гарванлиева Николова. Таа објаснува дека кај одредени луѓе се јавуваат и зимски крвавења од нос. Тие се последица на сувост на воздухот, на преголема изложеност на ладен надворешен воздух или се јавуваат од преголема изложеност на загреан внатрешен воздух. Сите тие фактори предизвикуваат носната слузница да се суши и да биде ранлива. Тогаш со кашлање, кивање и издувување на носот се случува да прснат малите крвни садови под самата носна слузница, што предизвикува крвавење од носот. Кога се користат назални кортикостероидни спрејови, како и лекови против згрутчување на крвта уште повеќе се зголемува ризикот од носно крвавење. Докторката препорачува за да се сопре носното крвавење прво да се издува носот многу нежно и да се притиска носот со прсти околу 10 до 15 минути. „Се седи наведнат нанапред за да не се голта крвта и се дише преку уста. Може да се стават и ладни компреси на носот. Ако не престане крвавењето, тогаш се бара медицинска помош“, вели д-р Гарванлиева Николова.

ПРИЧИНИ ЗА НОСНИ СИМПТОМИ ВО ЗИМА

Но, кои се можните причини за затнат нос? Ги има многу, една од нив е изложувањето на ири – танти, како што се чад од цигари, загаден воздух, храна, лекови, промена на атмосферски при – тисок, но и парно греење или клима-уред кај кои не се чистат филтрите. За да не доаѓа до вакви последици се препорачува да се користат овлажнувачи на воздух од 40 до 50 проценти. Секако, една од причините, во последно време и доста присутна, е присуството на некои алергии кај лицето кое има затнат нос. Најчесто станува збор за алергија на прашина поради почесто седење во затворени простории, како и појава на мувла настаната од влага. Алергиите освен затнатост на носот може да резултираат и во кашлица, кивање, солзење на очите. Д-р Гарванлиева Николова вели дека во такви случаи треба да се користат солени раствори за тоалета на нос, антихистаминици, топични интраназални кортикостероиди. Но, се јавуваат и ринити од инфективна природа кои се проследени со затнат нос, со болка во грло, кашлица, изнемоштеност. Најчесто се јавуваат поради вируси, но и поради суперинфекција од бактериска природа. И во ваков случај помага солен раствор, но и деконгестиви. Затнат нос може да е последица и на инфекции на синуси. Тие се проследени со болка и притисок во пределот на синуси, треска, назална секреција, на – малено чувство за мирис.

ЗИМСКИ БОЛЕСТИ

Обична настинка е вирусна инфекција на горнореспираторниот пат, која е најчесто безопасна и поминува со слаби горнореспираторни симптоми. Најчест предизвикувач е риновирусот. Грип е респираторна болест која е резултат на вирусна инфекција од инфлуенца вирус А, Б или многу поретко Ц. Таа е високо заразна и се шири по респираторен пат преку физички контакт, како ракување, кивање и кашлање. Д-р Гарванлиева Николова вели дека може да настанат и компликации по настинката или грипот. Најчести се инфекција на средното уво, синуситис, фарингитис, ларингитис, трахеитис, бронхитис, пневмонија, но и бронхиолитис кај деца. Секако, има начин да се превенираат. Рацете треба да се мијат често, да се користат марамчиња при кивање и кашлање, да се користи свој прибор за јадење. Децата кои имаат симптоми на респираторна инфекција да не се во контакт со здрави деца. Се препорачува добра исхрана и повеќе течности, доволен сон, доволно физичка активност за подобар имунитет.

Главни функции на носот се дишење, навлажнување и загревање на вдишаниот воздух, филтрација, вентилација и дренажа на параназалните синуси, чувство за мирис, вокална резонанса. Носната слузница има нервни завршетоци чија улога е фина регулација на носната слузница која се прилагодува спрема квалитетот на воздухот што го вдишуваме. Така на пример, се регулира прокрвеноста на слузницата со делување на крвните садови, а се регулира и степенот на загревање на воздухот. Од неурогената инервација зависи и продукцијата на секрет, како и влажноста на слузницата, но и прочистувањето на вдишениот воздух.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!