Децата со астма немаат зголемен ризик од коронавирусот, но не треба да ја прекинат инфламаторната терапија

Со бројка од 385 милиони регистрирани случаи, астмата со право се нарекува и епидемија на 21 век. Се работи за хронична болест на дишните патишта која се карактеризира со повторувачки епизоди на свирење и стегање во градите, отежнато дишење и кашлица. Сепак, детските пулмоалерголози смируваат, децата со алергија и астма не се во поголем ризик од коронавирусот. Со д-р Катерина Обочки, педијатар пулмоалерголог разговараме за клучните препораки и совети кои треба да ги знаат родителите на деца со астма во време на пандемија.

Лековите за астма не го зголемуваат ризикот за ковид-инфекција кај децата

Пандемискиот Ковид-19 кај пациентите со хронични заболувања бара посебно внимание, a aстмата се смета за едно од најчестите хронични болести кај децата.

„Досега нема докази дека моментално достапните лекови, како антихистаминици, бронходилататори и кортикостероиди, леукотриен антагонистите го зголемуваат ризик-факторот за Ковид-19. Препораката од глобалната иницијатива за астма Global Initiative for Asthma (GINA) е да се има јасен индивидуален план за третман на астмата за секое дете, за да се обезбеди оптимална контрола на болеста, при тоа користејќи ги вообичаените препораки за лекување“, објаснува д-р Обочки

Децата имаат поразличен имунолошки одговор на вирусот од возрасните

Децата сочинуваат 1-6 % од дијагностицираните ковид-пациенти со благи симптоми како кашлица и фарингијален еритем и екстремно ниска смртност. Причината за тоа зошто децата имаат поблаги симптоми на вирусот е сè уште непозната, но се претпоставува дека причина е тоа што имунолошкиот систем на децата е сè уште во развој и може  да реагира на вирусните патогени поинаку од возрасните. Дополнително што и децата имаат помалку придружни болести.

„Децата се повеќе изложени на вирусни инфекции, вклучувајќи ги и другите хумани коронавируси, кои се задржуваат во детската респираторна мукоза, што може да го ограничи растот на SARS CoV 2. Исто така, се смета дека ангиотензин конвертирачкиот ензим 2, кој е рецептор за коронавирусот, структурно и функционално е помалку зрел во дишните патишта на децата. Она што е сигурно е дека и покрај благата клиничка слика или асимптоматските детски случаи, децата се пренесувачи на коронавирусот“, вели пулмоалергологот.

Редовно примање на препишаната терапија

Препораките за редовно користење на превентивниот третман на децата со алергиски заболувања за време на оваа пандемија се особено важни, бидејќи пандемијата ја погоди северната хемисфера во сезона кога таа е под силна полен експозиција.

Global Initiative for Asthma (GINA) и британското торакално здружение препорачуваат да не се направи прекин на оралните стероиди во лекување на астмата, доколку има потреба од нив. Препораките се избегнување на инхалаторна терапија – небулајзерите во болнички услови со цел да се заштити медицинскиот персонал од трансмисија на вирусот, истата ќе се прима со помош на спејсер, како и избегнување на спирометрија на деца кои се актуелно болни“, вели д-р Обочки.

Она што треба да ги охрабри родителите е дека децата спаѓаат во групата со помал ризик по здравјето. Клучните препораки се редовно земање на  инфламаторната терапија, следење на препораките за хигиена и социјално растојание и најважно -поддршка на децата и родителите за намалување на стресот од оваа пандемија.

 

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!