Нов и најсовремен ПЕТ/КТ апарат Discovery IQ систем од неодамна е достапен во ПЕТ-центарот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Се работи за најсовремена и најпрецизна ПЕТ/КТ камера од производителот GE. Самото име кажува дека се работи за интелигентен апарат од серијата Discovery во кој се интегрирани најсовремени софтверски решенија и протоколи, најсовремениот QClear систем за квантификација и со моќен хардвер.
„За разлика од претходниот ПЕТ/КТ скенер, кој исто така беше моќен, Discovery IQ ги надмина нашите очекување. Со прекрасен дизајн и врвни перформанси не само во добивање квалитетна слика со помала доза, туку и одлична точна квантификација. Ефикасен со нова ПЕТ-детекторска технологија која го намалува времето на скенирање и количината на доза на радиофармацевтик на половина, што навистина прави разлика од другите ПЕТ-апарати. Се добива поквалитетна слика со точни квантитативни информации. Направен со детектор со три прстени, со можност за нивна надградба и со поголема покриеност на аксијалното видно поле. На овој начин можат да се видат и лезии со помали димензии“, потенцира д-р Лилјана Муратовска, шеф на Одделот за нуклеарна медицина при „Аџибадем Систина“.
Оваа иновативна детекторска технологија, појаснува д-р Муратовска, е поврзана со 32-слајсен КТ-систем дизајниран да ги задоволи рутинските потреби на снимање. Неговите одлични перформанси обезбедуваат квалитетна слика и во регии како рамена, колкови, области со метал и кај поголеми пациенти. Покрај тоа, напредната КТ реконструкција ја намалува дозата на X зрачење и за 20x, а 0.5 сек. брзината на вртење во комбинација со 20 мм покриеност, овозможува брзи испитувања со пократко задржување на здивот. Покрај тоа Discovery IQ овозможува и избор на ниски kV што овозможува скенирање на мали пациенти на 80kV.
„Со новата QClear технологија сега се можни конзистентни и точни мерења на SUV, што е многу важно во следење на ефектот на терапијата. QClear обезбедува не само 2x подобрување во точноста на ПЕТ квантификацијата, туку и до 2x подобрување во квалитетот на сликата. Q SUV е многу важна алатка, особено кај онколошките пациенти. Бидејќи е поточна и поконзистентна од конвенционалните методи, станува повеќе од бројка, станува алатка за комуникација меѓу онколозите, специјалистите по нуклеарна медицина и пациентите“, вели д-р Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина која прва во земјава започна да работи клиничка пракса на ПЕТ/КТ апарат.
Повеќе комфор, безбедно и безболно снимање со минимално зрачење
Апаратот е комфорен за пациентот со можност за промена на две маси – маса за стандардно ПЕТ/КТ снимање (од средина на главата до средина на натколениците) и долга маса за снимање на целото тело (од глава до петици). Масите издржуваат тежина до 227 килограми, а отворот на прстенот е широк 70 cm, со што е овозможено скенирање и на угоени пациенти. Снимањето на ПЕТ/КТ апаратот е безбедно и безболно, а зрачењето е минимално. Самиот радиофармацевтски препарат и ПЕТ/КТ апаратот немаат негативни несакани ефекти, а единствена контраиндикација за изведување на ова испитување е периодот на бременост.
„Бројни предности за пациентите и за персоналот што работи, а особено за нас докторите, кои ќе можеме да ги видиме и најмалите промени. Повеќе комфор, помала доза и пократко време на снимање. По потреба се овозможува и снимање и со анестезија. Овој апарат овозможува скратување на дозата на радиофармацевтик за 30 до 50%, скратување на времето на сликање за 40 до 50%, со што се намалува озрачувањето и на пациентите и на персоналот кој работи, а секако се скратува и процедурата на изведување, што е значајно особено за тешките пациенти и за пациенти кои се клаустрофобични“, истакнува д-р Муратовска.
Едно сликање на целото тело со овој апарат трае не е подолго од 15 до 20 минути, а резултатите во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се добиваат за 48 часа.
Над 4.000 снимања направени со претходниот ПЕТ/КТ апарат
Во 2014 година во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на Одделот за нуклерана медицина почна со работа првиот приватен, а и воопшто првиот ПЕТ-центар (Центар за позитрона емисиона томографија) во Македонија. Д-р Лилјана Муратовска посочува дека во тоа време станувало збор за најсовремената ПЕТ/КТ (позитрона емисиона томографија/компјутеризирана томографја) камера, со што на пациентите од државата, а и од поширокиот регион им се овозможил пристап до оваа медицинска услуга за којашто дотогаш морале да патуваат во други држави.
„Најчесто ПЕТ/КТ скенирањето се користи кај онколошки пациенти. Па самиот факт дека повеќето од нив се по својата природа потешки пациенти, кои не можат да патуваат, го оправда постоењето на овој центар. Во текот на овие 6 години се направени околу 4 илјади скенирања на ПЕТ/КТ апаратот, што е релативно многу, со оглед на тоа што услугата не е покриена од фондот, а е релативно скапа“, потенцира д-р Муратовска.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ отсекогаш го следела напредокот во медицинската технологија, па така и напредокот во областа на нуклеарната медицина. По шест години е инсталиран нов и најсовремен ПЕТ/КТ Discovery IQ апарат во ПЕТ-центарот во нашата болница.