Изгледајте неколку години помладо со помош на БЛЕФАРОПЛАСТИКА

Oпремен со најсовремена технологија и едуциран стручен тим, по примерот на светските клиники за хирургија од овој вид, на Одделот за дерматолошка и естетска хирургија се изведуваат низ естетски процедури и интервенции. Меѓу најчестите и најбарани последниот период е блефаропластиката, а приматот го имаат липофилингот и липосукцијата, вели специјалистот по пластична и реконструктивна хирургија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р Боро Џонов. Блефаропластика е хируршка процедура која започнала да се изведува уште пред 2000 години, а рутински заради естетика од почетокот на 20 век. Благодарение на оваа процедура, темните кругови и брчките околу очите може да станат минато. Блефаропластиката ви помага да се ослободите од нив и го подмладува лицето за пет, па дури и за десет години. Се елиминира уморниот и остарен изглед на очите, а истовремено се креваат и веѓите. „Станува збор на корекција на очните капаци и процедурата може да се изведува поради чисто естетски причини, но и при патолошки состојби. Индикации за естетска корекција се вишок кожа на горните капаци, како и на долните и проминенција на масните перничиња на истите регии. Интервенцијата трае околу еден час и се изведува во локална или општа анестезија, зависно од тоа дали е придружена со други процедури, само блепфаропластика на горни и долни капаци може да се изведе и во комплетно локална анестезија. Кога се прави екстракција на масни перничиња, особено на долните капаци, процедурата може да биде болна и потребна е дополнителна анестезија“, појаснува д-р Џонов.

Евалуацијата на регијата и маркирањето се прави предоперативно. Д-р Џонов потенцира дека од исклучителна важност е маркирањето да се прави во седечка позиција, за да се долови вистинската состојба, по што следува инфилтрација на анестетик на капаците со епинефрин заради контрола на хемостазата.

КОРЕКЦИЈА НА ОЧНИТЕ КАПАЦИ МОЖЕ ДА ПРАВАТ И ЖЕНИ И МАЖИ

Ефектите на блефаропластиката се долготрајни, лузните се невидливи и процедурата можат да ја практикуваат и жени и мажи без ограничување на возраста. Постоперативниот третман трае околу две седмици. Два часа по извршената интервенција со локална анестезија пациентот може да замине на домашно лекување. Рехабилитацијата, како што нагласува д-р Џонов, трае подолго околу 15 денови, поради појава на отоци и модринки од процедурата коишто се јавуваат поради карактеристиките на регијата и ткивото, а шевовите се отстрануваат по 7 дена од интервенцијата. Лузните од хируршките резови се вклопуваат во природните брчки и се многу малку видливи. „Во однос на компликациите, најчести се веќе споменатите отоци и модринки, секако зависно од реакцијата на организмот може да се јават поголеми лузни и зависно од начинот на изведување и екцес на екстракција на кожа и масни перничиња да се јават деформитети на капаците. Но ние со нашите хируршки техники, искуство и постоперативен третман ги сведуваме на минимум. Зафатот се изведува зависно од општата состојба и нема ограничувања во однос на возраста“, вели д-р Џонов. Во селекцијата на пациенти се посветува внимание на коморбитетите и, како што нагласува тој, на секој пациент детално му се објаснува и сугерира дали е прифатлив за една ваква интервенција и дали кај него постои ризик од компликации.

БЛЕФАРОПЛАСТИКАТА МОЖЕ ДА СЕ КОМБИНИРА И СО ДРУГИ ЗАФАТИ

Овој естетски хируршки зафат може да се изведува во комбинација со други интервенции, како што се разни филери и липофилинг, а за подобар естетски резултат, советува тој, инфилтрацијата се прави во околните структури на лицето, а не во самите капаци. „Многу често во ист акт се прави и комплетен facelifting придружен со блефаропластика на капаците. Со еден ваков екстензивен хируршки зафат се постигнува комплетна рејувенација на лицето и подопадлив младешки изглед“, додава д-р Џонов.

МАЧКИНИ ОЧИ – ХИТ ЕСТЕТСКИ ЗАФАТ

Доста актуелна во денешно време е естетска интервенцијата на аглите на очните капаци и нивно закосување т.н. cat-eyes или fox eyes, со која се добиваат закосени очи. „Ако процедурата се изведува поконзервативно, со т.н. threads-конци каде нема хируршки резови, трајноста е пократка. Затоа се изведува поекстензивна хируршка процедура, во генерална анестезија, меѓутоа крајниот резултат и долготрајноста на корекцијата е многу подобра. Негативност се малите хируршки резови на работ од надворешните агли од очите каде што се прави затегање и фиксација на латералните лигаменти, но тие резови се вклопуваат во природните брчки и естетскиот резултат е задоволителен. Следните резови се поголеми и се исти како за темпорален face lifting, се прават на 5-6 см од маргината на косата на слепоочницата на двете страни и се сокриени со косматоста. Ова дава дополнителна поддршка за затегањето на слепоочниот дел на лицето и закосувањето на латералните очни агли“, вели д-р Џонов. Сите техники на рејувенација на оваа комплексна антомска регија, како што додава тој, бараат комбинација на хируршки и конзервативни зафати (екцизија на вишокот кожа, екцизија на масните перничиња, репозиција на истите, липофилинг, инјектирање на филери, face lifting на различни делови на лицето, па и ласер третман за resurfacing на кожата) за постигнување максимален естетски резултат.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!