ГРИЖА ЗА НАЈГОЛЕМИТЕ БОРЦИ – ЉУБОВ И ПОСВЕТЕНОСТ ОД ПРВИОТ ДЕН

Најголемите борци во единиците за неонатална интензивна нега (НИН) се предвреме родените новороденчиња. Тоа се бебиња со телесна маса помала од 2.500 грама, родени пред 37. недела од бременоста. Иако некогаш се толку мали што ги собира во нашата дланка, тие се многу силни и борбени, а во исто време нежни и ранливи. Доцент д-р Наташа Алулоска, педијатар неонатолог, вели дека грижата за овие мали бебиња е најголем предизвик во единиците за НИН. Овде се третираат сите состојби кои се должат на незрелоста на предвреме родените бебиња. Според неа, во целата борба со прематуритет и последиците од него, значајна улога имаат гинеколозите акушери. Тие се клучни во навременото детектирање и грижата за трудниците кај кои постои ризик од предвремено породување.

ЉУБОВ И ПОСВЕТЕНОСТ ОД ПРВИОТ ДЕН ГРИЖА ЗА БОРЦИ НАЈГОЛЕМИТЕ

„Успесите во третманот на овие новородени во последната деценија се должи и на соодветниот третман во современите единици за неонатална интензивна нега. Успехот не се однесува само на преживувањето на екстремно незрелите новороденчиња и новороденчињата со екстремно ниска родилна тежина, туку и на нивниот нормален понатамошен раст и развој. Најголема радост за тимот од неонатолозите и медицинските сестри во неонаталните единици е кога овие бебиња растат во убави, здрави и среќни момчиња и девојчиња“, вели д-р Алулоска.

КОНТАКТ СО РОДИТЕЛИ И ВО БОЛНИЦА

Доцент д-р Алулоска вели дека во периодот кога прематурните новороденчиња престојуваат во интензивните единици, неопходна е секојдневна блиска комуникација со родителите. „Помагаме родителите да бидат во контакт со својот мал борец преку отворениот тип на НИН, да може да го посетат, да го видат и да го погалат, да се поврзат и еден со друг да се почувствуваат. Мајките може да се измолзуваат и да остават мајчино млеко за хранење, што е од големо значење и за бебето и за мајката. Допирот на новороденото и контактот кожа на кожа со таткото и со мајката е она што буди радост и љубов, она што ги осветлува деновите на родителите кога бебето е во болница и дава животна енергија на нивниот мал борец. Родителите добиваат информации за состојбата на новороденчето, за секоја пречка и за секој чекор напред, добиваат поддршка и се подготвуваат за периодот што следи по излегување од НИН, кога бебето оди дома“, додава д-р Алулоска. Инаку, по завршениот болнички третман на едно предвреме родено новороденче, неопходна е и програма за амбулантско следење, која овозможува проценка на растот и развојот на новороденчето, но и на неговите родители во новата улога. Специјализиран тим на неонатолози во нашата болница го спроведува системот на прегледи, ги координира скрининзите и ги едуцира родителите.

КАКВА ГРИЖА Е ПОТРЕБНА ДОМА?

Овие бебиња иако се мали, се здрави. Медицински, грижата за нив почнува со исхраната. Препораката е да примаат мајчино млеко, а кога тоа не е можно, да примаат адаптирана млечна формула за предвреме родено новороденче. Хранењето треба да биде во коса позиција со паузи во првите денови кога бебето се заморува во тек на хранењето. Д-р Алулоска вели дека овие бебиња имаат брз раст во првите месеци, т.н. cаtch up growth и брзо ги стигаат во растот бебињата кои се родени во терминот. 15 И за овие деца треба да се практикува грижата како и за останатите. Температурата во домот да е во опсегот 20-23 степени во почетокот, потоа 18-20 степени. Им годи чист воздух и просториите треба да се проветруваат. Бебето треба се бања два до три пати во неделата. Првите недели па и месеци откога бебето е дома се советува да не доаѓаат гости во посета поради ризиците некој од посетителите да има инфекција, вироза со која може да го зарази бебето. Не треба бебето да се остава да лежи постојано во една позиција, зошто со тоа се создаваат услови за искривување на главчето и позициона асиметрија. Секој слободен миг кога бебето е будно и отпуштено треба да се користи за негова стимулација, за масажа, за вежби за моториката. Стимулација за овие мали јунаци е и секоја нежност, секој допир на галење, секоја насмевка, сите зборови, секоја песна.

КОГА ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ?

Овие новороденчиња се вакцинираат со сите вакцини од календарот за вакцинација. Исклучок од ова правило е вакцината за респираторниот синцицијален вирус (РСВ). РСВ инфекциите кај некои од прематурните новороденчиња прават тешка клиничка слика која бара болнички третман и го доведува во опасност новороденчето. Затоа, кај една група на предвреме родени бебиња кои се во посебен ризик поради раѓање пред 29. недела или оние со долготрајна потреба од кислородна терапија, неопходно е да се даде РСВ профилакса, односно серум што содржи антитела за РСВ. Овие протоколи се спроведуваат во нашата болница. „Важно е да се примат сите вакцини, дури и кога треба да одложиме некоја вакцина поради примање на крвни деривати“, вели д-р Алулоска.

СЛЕДЕЊЕ ВО ПРВАТА ГОДИНА

Во првата година од животот на прематурните новороденчиња потребно е редовно следење од искусен неонатолог, кој ги следи растот и развојот. Неонатологот ги насочува редовните скрининзи. Тоа се скрининг за очињата за ретинопатија на прематуритет, потоа скрининг на слухот, анемија од прематурите и постоење на ингвинални или папочни кили. Раната идентификација на медицински или развојни пореметувања преку програмот за следење нуди можност за рана интервенција и поддршка која ќе направи значителна разлика во квалитетот на животот на едно предвреме родено бебе, објаснува д-р Алулоска. Неонатологот го следи моторниот, психосоцијалниот и сензорниот развој. Ги следи постигнувањата за коригираната возраст. Доколку во ова невроразвојно следење се нотира отстапување во очекуваните постигнувања, се вклучува поширок тим за проценка во кој има педијатриски невролог, дефектолог, логопед или психолог. Се започнува рана интервенција и ран стимулативен третман. Понекогаш, иако ретко, потребно е спроведување на физикална терапија, а некогаш и оперативни корекции (хидроцефалус, тенотомија, кила, сколиоза). „Малите големи борци се нашиот мотив и нашата гордост. Тие се нашите херои. Но, херои се и нивните родители и целиот тим на неонатолози и сестри од неонаталната интензивна нега и неонаталните одделенија. Заедно растеме здрави и среќни“, вели д-р Алулоска.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!