Како променливото време и пролетниот замор делуваат на здравјето?

Температурата се зголемува, денот станува подолг, сонцето е сè поприсутно, а, сепак, се чувствувате без енергија. Расеаност, поспаност, замор, вртоглавица и чести главоболки се симптомите кои не би требало да се поврзуваат со почетокот на пролетта. Сепак, не станува збор за болест туку страдате од т.н. пролетен замор.

Причина за ваквата состојба се промена на хормоните, биохемиски процеси во телото, како и промена на ритамот будност-спиење кои имаат влијание врз однесувањето и расположението во различни сезони.

Дека променливото време делува врз здравјето е докажано уште пред многу децении. Во овој период од годината времето е непредвидливо. Ако знаеме дека во летото нè очекува топло, а во зимата студено време, во пролетта можеме да очекуваме буквално сè.

Голем дел од луѓето овие промени на времето ги чувствуваат и се одразуваат на нивното здравје, како што се чести главоболки, болки во зглобовите, замор и чести настинки.

Од друга страна, сончевите и светли денови го подобруваат расположението и влијаат врз зголемување на физичката активност. Ние имаме специјални сензори во очите кои реагираат на сончевите зраци и испраќаат сигнали до мозокот со што се регулира биолошкиот и хормоналниот ритам, како и нашата будност и расположение.

Во текот на зимата се зголемува нивото на хормонот мелатонин кој го регулира ритамот на спиење и будност. Со доаѓањето на пролетта, рецепторите за светлина во очите регистрираат зголемена количина дневна светлина и испраќаат сигнали до мозокот да го намали лачењето на хормонот мелатонин. Од друга страна, во овој период од годината расте нивото на серотонинот, хормонот на среќа. Овој хормон, кој ве прави среќни, исто така е виновен и за расеаноста, губитокот на енергија и ентузијазам.

Дополнително е што кожата ги прима ултравиолетовите зраци кои помагаат во создавање на витаминот Д, кој е важен за нашето здравје.

Уште една причина за удобност е што зголемувањето на температурата ни овозможува да бидеме поблиску до пријатна температура од 20 степени, која е идеална за човечкото тело.

Покрај убавите страни на пролетта, за лицата кои страдаат од алергија, пролетта за нив значи уште една сезона со затнат или растечен нос, кивавици, солзење на очите, чешање на кожата. Поленот од дрвјата во рана пролет, како и тревата се поттикнувачи на алергиската реакција во организмот.  

Сподели:

Последни статии