СИТЕ ПРОМЕНИ НА ТЕЛОТО ВО ЕДНА СЛИКА СО ПОМОШ НА PET/CT GE DISCOVERY IQ

ПЕТ-центарот во „Аџибадем Систина“ располага со ПЕТ/КТ GE Discovery IQ апарат, кој користи Al-вештачка интелигенција за многу попрецизно детектирање и на најситните промени-лезии со големина  до 5 мм. ПЕТ/КТ се користи за процена на стадиумот на болеста, за детекција на локални рецидиви и далечни метастази, како и за процена на одговорот на примената терапија и  прецизно планирање на радиотерапија кај онколошките пациенти. Предностите на најновата генерација ПЕТ/КТ е скратено време на снимање до 50% и намалување на дозата на радиофармацевтикот за 30-50% со што драстично се намалува зрачната доза кон пациентот. 

„Овој ПЕТ-центар е дизајниран и изграден по сите светски стандарди, опремен со најсовремена ПЕТ/КТ камера ги пружа речиси сите врвни нуклеарно медицински-дијагностички услуги на модерното време“, вели д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. ПЕТ/КТ скенот е фузија на ПЕТ (позитрона емисиона томографија) и КТ (компјутеризирана томографија) и е меѓу една од најефективните техники на сликање. Со едно сликање се прикажуваат промените во човековото тело на метаболно ниво, и тоа со комбинација на две технологии – ПЕТ за функционална проценка и КТ за анатомска локализација на промените.

МЕТАБОЛНА И МОРФОЛОШКА СЛИКА ВО ИСТО ВРЕМЕ СО САМО ЕДНО СНИМАЊЕ

ПЕТ/КТ е најосетлива, неинвазивна дијагностичка метода која овозможува приказ на случувањата на ниво на клетка и по тие свои особини е единствена. Карактеристика на ПЕТ/КТ апаратот е што дава метаболна и морфолошка слика во исто време, со само едно снимање. „За изведување на ПЕТ/КТ потребно е радиофармацевтик, кој е позитронски емитер. Најчесто користен е ФДГ (флуородезоксигликоза)- Флуор18 врзан со гликоза. По апликација на ФДГ во вена, се следи дистрибуцијата на гликозата во организмот. Туморите брзо растат и при тоа како енергија користат гликоза. Тоа е искористено при техниката на добивање ПЕТ слики. Приказот на патолошката акумулација на ФДГ во организмот е преку поголема потрошувачка на гликоза кај туморите. На основа на принципот на потрошувачка на гликоза во туморските клетки можно е да се разликуваат бенигни од малигни промени, активно туморско ткиво од ожилно ткиво по спроведено лекување. Поголема акумулација на гликоза укажува на малигна лезија, а потрошувачката на гликоза може да се процени и квантитативно“, објаснува д-р Муратовска.

РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА КАРЦИНОМИ И СЛЕДЕЊЕ НА ЕФЕКТИ ОД ТРЕТМАНОТ

ПЕТ/КТ се користи за локализација на туморите и проценка на проширеноста на болеста, за откривање на локални рецидиви или далечни метастази и за следење на ефектите од терапијата. ПЕТ/КТ овозможува и прецизна анатомска локализација на патолошката акумулација на радиофармацевтикот и всушност спој на тие две информации дава голема осетливост и специфичност во детекција и на многу ситни метастази.

„ПЕТ/КТ скен се прави кај лимфоми, кај карцином на бели дробови, на дебело црево, карцином на хранопроводник и желудник, кај малигнен меланом, операбилен карцином на панкреас и црн дроб, жолчно ќесе, карцином на дојка, карциноми на женски и машки полови органи, кај саркоми, неуроендокрини тумори, карцином на бубрег и др. за проценка на проширеноста на болеста, а пред радикален хируршки третман или друг вид на терапија. Кај единечен тумор во бели дробови од непознато потекло ПЕТ/КТ се користи во диференцирање на бенигна од малигна лезија“, вели д-р Муратовска. ПЕТ/КТ скен се прави и кај тумори на глава и врат со присутни лимфни јазли во регија на вратот, а каде со другите дијагностички методи не е најдено примарното место на карциномот, а и за проценка на проширеноста на болеста. Кај пациенти со добро диференциран тироиден карцином по спроведена соодветна терапија, а кај кои има зголемени вредности на тиреоглобулин и негативен јоден скен на целото тело. Кај пациенти со медуларен тироиден карцином, по спроведена терапија, а со зголемени вредности на калцитонин, а нејасни или уредни наоди од скен на скелет, октреоскен или другите методи. ПЕТ/КТ се прави кај сомнение за рецидив на карцином на ендометриум, цервикс и кај карцином на тестис, а исто така и за проценка на одговорот на хемотерапија и/или радиотерапија кај пациенти со оваријален карцином и карцином на тестис кај кои по спроведената терапија постои резидуален тумор. „ПЕТ/КТ се прави и кај карцином на дојка кај пациенти со многу густ паренхим на дојките, а кај кои постои сомнение за рецидив на карциномот и кај пациенти со висок ризик може да е корисен и за проценка на одговорот на хемотерапијата“, вели д-р Муратовска. Според неа, кај карциноми на анус, вулва и пенис може да биде корисен во утврдување на проширеноста на метастатската болест и евалуација на нејасни лимфни јазли. Може да биде корисен во поедини случаи кај деца и адолесценти со ретки тумори како Вилмсов тумор од висок стадиум, неуробластом, хепатобластом и др. ПЕТ/КТ скенот се прави и кај тумори на мозок – по радиотерапија за разликување на радијациона некроза од рецидив на тумор, разликување на тумор од атипична инфекција.

БРЗА ДИЈАГНОЗА И РЕЗУЛТАТИ ЗА 48 ЧАСА

За изведување на ПЕТ/КТ скенот потребна е претходна подготовка за која пациентот дополнително ќе биде запознаен во консултација со доктор. Дијагнозата е брза, a медицинскиот извештај од ПЕТ/КТ скенот се добива за 48 часа. Предноста е во тоа што апаратот е „две во едно“, пациентот не се поместува, а целото снимање е многу кратко, односно не трае повеќе од 20 минути. Снимањето на ПЕТ/КТ апаратот е безбедно, безболно, а зрачењето е минимално. Самиот радиофармацевтски препарат и ПЕТ/КТ апаратот немаат негативни несакани ефекти, а единствена контраиндикација за изведување на ова испитување е периодот на бременост. ПЕТ/КТ скенот е сигурен за пациентите. Може да се примени и кај деца и кај возрасни, кај пациенти со импланти и вештачки протези, како и кај пациенти со дијабетес по претходна подготовка. Дозата на радиофармацевтик што се употребува е многу мала и нема несакани ефекти и не влијае на нормалните процеси во организмот.

Во текот на болеста може да се направат повеќе ПЕТ/КТ скенирања со цел да се утврди точна дијагноза и точна тераписка постапка и секако дали хемотерапијата или зрачењето даваат позитивни ефекти. Динамиката на скенирањето ја одредува лекарот што го води пациентот, во консултација со специјалистот по нуклеарна медицина. Добиените податоци од ПЕТ/КТ може да го променат и да го одредат текот на терапијата кај болните од малигни болести, а помага и во избегнување на непотребни и неделотворни тераписки постапки. По спроведени многу меѓународни студии утврдено е дека на основа на наодите од ФДГ-ПЕТ/КТ просечно кај околу 25% од онколошките болни се менува одлуката за понатамошно лекување, а кај некои тумори тој процент е поголем од 45% (кај лимфоми, тумори во регија на стомакот).

Сподели: