БУЛИНГОТ ГО ПРАВАТ ДЕЦА ШТО БИЛЕ ЗАНЕМАРЕНИ: БЕЗ РОДИТЕЛСКА ЉУБОВ И ТОПЛИНА СЕ СОЗДАВААТ НАСИЛНИЦИ

Булинг – збор што во последно време сè повеќе го слушаме. Несомнено предизвикува негативно чувство и тоа однесување, за жал, има тренд на пораст, особено меѓу најмладите. Но што, всушност, значи тоа, зошто некој се однесува на ваков начин, која е причината и кои се можностите за помош? Д-р Камелија Симеонова, доктор по општа медицина, специјализант по детска адолесцентна психијатрија, вели дека булингот е повредувачки насочено однесување со повторувачки карактер, со цел да се постигне доминација.

КОЈА Е ПРИЧИНАТА ДЕЦАТА ДА СЕ ОДНЕСУВААТ ВАКА?

Не е енигма причината поради која децата се одлучуваат на булинг. Д-р Симеонова вели дека „комплексниот одговор би бил дека секој човек се раѓа со исконска потреба да биде сакан и да сака, да дејствува така што ќе припаѓа некаде, да биде поврзан, прво со родителите, потоа со врсниците, за да го направи подоцна тоа и со партнерот. Децата што, за жал, се занемарувани или игнорирани од страна на родителите во нивните барања и желби (секако станува збор за биолошки желби како нежност, љубов, топлина, здрава исхрана, време поминато со нив, а не нова играчка или нов компјутер), несвесно се приклонуваат кон асоцијалното или антисоцијалното дејствување, затоа што во нивната поврзаност со родителите не успеале да развијат чувство на припадност, сигурност, емпатија… Па како што за сè во животот важи ова правило, така важи и за развојот на најмалите: ‘никој не може да го даде она што го нема’. Ако се одгледувани во игнорирачка или агресивна, конфликтна, дисфункционална средина, што би знаеле да научат децата од неа?“ објаснува докторката.

Јасно е дека родителството, како една од ретките улоги што е доживотна, бара силна посветеност, која, за жал, модерните родители, поради недостиг на време, често се одлучуваат да ја „делат“ со „виртуелниот компјутерски свет“, кој е преплавен со секакви содржини, кои можат да бидат токсични за детскиот мозок и можат да резултираат во комплексни проблеми. „Децата што не се насочени кон корисни и целисходни активности логично е дека ќе имаат потреба да се насочат и да го исполнат своето време со ‘интересни активности’ за нив, како игра пред компјутерот, употреба на смарт-уредите и слично, кои на долги патеки, наместо развој на детското мозоче, прават изумирање на мозочните синапси. Како што мозочните синапси пропаѓаат, така детето навистина со тешкотии се насочува и се фокусира на учењето. Науката докажа дека користењето на овие уреди е допамински условено, што значи колку што повеќе детето седи, толку повеќе има потреба за тоа. Па кога би се навратиле на гореспоменатото, овие дечиња, барајќи група на припадност, потешко би се вклопиле во групата каде што се учи, по што кога не припаѓаат на ‘добрата група’, очигледно во таа борба за припадност, ќе ‘припаднат кај негативците’, задоволувајќи ги базичните човечки нагони“, вели доктор Симеонова.

ВЕРБАЛЕН И БУЛИНГ СО ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО

Во последниот период, како што потврдува дoктор Симеонова, има раст на случаите на булинг на глобално ниво. Различни извори различно ги дефинираат типовите булинг, но сите се едногласни дека булингот може да биде доминантно придружен со физичко насилство, што е особено присутно кај момчињата, додека на вербалниот булинг најчесто се изложени дечињата што се „различни“, во смисла дека имаат одредени обележја или отстапуваат од групата, носат очила, различна гардероба, можеби се крупни или слаби или, пак, учат повеќе или помалку. Во последно време има и таканаречен сајбербулинг. Истражувањата покажуваат дека 60 отсто од децата се жртви или на пример, во една паралелка од 25 деца, 15 од нив се жртви на булинг. „Ова треба да биде сериозно освестување за родителите околу негативните аспекти што ги имаат ‘паметните уреди’ додека само навидум изгледа дека ‘детето има занимација’ и е мирно, за кое време родителите, преплавени со обврски, завршуваат други активности. Сериозноста на оваа состојба е тоа што во светски рамки е значително зголемен бројот на самоубиства кај децата и за жал, многу од нив се поврзани со булингот (булицид)“, вели доктор Симеонова.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ ДАЛИ ВАШЕТО ДЕТЕ Е ИЗЛОЖЕНО НА БУЛИНГ?

Симптомите на децата жртви на булинг се различни и најчесто зависат од тоа на каков вид однесување од насилниците се изложени. Доктор Симеонова вели дека потешко препознатливи се секако оние од вербалниот булинг, за разлика од физичкиот каде што се поексплицитни… Но таа флуидна симптоматологија се манифестира во секојдневното функционирање кога детето одбива да прави работи што дотогаш биле вообичаени за него, како на пример, да оди на училиште, да посетува дополнителна настава, да оди на спорт што дотогаш го посетувало, односно промени во волево-нагонската сфера, во сонот, исхранувањето, често екстернализирачко однесување, себеповредување, регрес и сл. Доктор Симеонова вели дека она што е заедничко за сите типови булинг е дека предизвикува анксиозност и нарушено функционирање кај жртвата. Манифестацијата ќе зависи секако од целокупните сили на детето и од околностите во кои тоа дете се развива, како и од типот на булинг што го преживува. Затоа кај некои деца промените се поманифестни, кај други потешко се нотираат, но докторката е децидна дека тоа што очите не умеат да го видат не значи дека не постои.

ИМА ЛИ ПОМОШ ЗА ЖРТВИТЕ?

 „Жртвите на каков било тип насилство (така и на булингот) се соочуваат со дезинтеграција во когнитивно-бихејвиоралната сфера“, вели доктор Симеонова. Таа им препорачува на родителите да бидат внимателни и да ги следат промените затоа што булингот секогаш трае многу подолго пред да дознаат за него. „Жртвите што се долго изложени на булинг, особено на вербалниот булинг, навредите ги интегрираат во своето ‘верување за себе’, па не е чудно детето да ви каже – ‘да, ме навредуваа, но што да правам, јас сум глупав, затоа и така ми викаат’“, објаснува докторката и додава: „Да повторам, булингот е со повторувачки навреди насочени кон жртвата, целта е превласт. Тоа и се случува во детското мозоче, затоа што кога едно дете постојано слуша дека е глупаво, а притоа е насочено од друго дете, не е нелогично дека ќе настапи дисторзија во неговото мислење. И кога ќе мисли за себе, секое доживување ќе биде низ таа призма, иако тоа дете нема ниски интелектуални капацитети. Тоа што е најсурово е дека поради постојаниот потсмев ќе биде загрижено и отсутно и не е чудо што и наставниците, не знаејќи што се случува, можат да го прекорат за слабиот успех, со што детето ќе добие уште една потврда дека е ‘глупаво’“, вели доктор Симеонова. Категорична е дека родителите имаат тешка задача, но дека многу од работите се во нивни раце. „Вие кои сте пример на вашето дете, негувајте го, сакајте го, не заборавајте да му кажете колку е посебно. Прашајте го како е, како поминало на училиште? Ислушајте го кога ви зборува, ако денес побара да зборува со вас, не оставајте го да чека за утре“, вели д-р Симеонова.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!