Карцином на простата

За откривање на карциномот на простата во ран стадиум на болеста се препорачува скрининг на простата кај секој маж над 40-годишна возраст. Со возраста се зголемува и ризикот од карцином на простата.

Што претставува?

Простатата е жлезда со големина на орев и се наоѓа веднаш под мочниот меур. Има важна улога во машкиот репродуктивен систем.

Кои се ризик фактори?

Возраст: Главен ризик фактор на карциномот на простатата е возраста. Можноста од појава на карциномот на простатата се зголемува пропорционално со годините. Болеста ретко се јавува кај мажи помлади од 45 години.

Семејна историја: Ризикот е поголем доколку од оваа болест е заболен роднина од блиското семејство или, пак, ако повеќе од еден роднина во семејството имал карцином на простата. Освен тоа, ризикот за зголемување на карцином на простата се зголемува со внесувањето на голема количина масти од животинско потекло во исхраната и црвено месо.

Кои се симптомите?

Обично во раната фаза овој вид карцином не дава никакви симптоми. Кај некои пациенти може да се сретнат симптоми како: тешкотии, печење и болки при мокрењето, но и често и испрекинато мокрење во ноќта, како и траги од крв во урината. Сепак, овие симптоми можат да бидат предизвикани и од бенигна простатична хиперплазија и од инфекции на уринарниот тракт. Кај пациентите кај кои болеста е во напредно ниво, првите знаци се болки во грбот и во ‘рбетот.

Како се дијагностицира?

Иако често се појавува кај мажи над 65 години, денеска се препорачува да се направи скрининг на карцином на простата кај секој маж на возраст над 40 години. Главните причини се следниве: • Најчест карцином којшто се појавува кај мажите и е најчеста причина на смрт,
• Во почетна фаза, најчесто не дава симптоми,
• При дијагностицирање во рана фаза се применува хируршки третман со што може да се обезбеди целосно излекување,
• ПСА (простата специфичен антиген), наречен сензитивен тест, се испитува преку крвта,
• Со тестот ПСА и методот за ректален преглед, ако е потребно, со ултразвук и биопсија болеста се дијагностицира на лесен начин.


ПСА:
 Простата специфичен антиген (ПСА) е протеин произведен од страна на клетките на простатата. Со ПСА тестот се мери нивото на ПСА во крвта. Кога нивото на ПСА вредноста е високо, значи дека е зголемена инциденцата на ПСА која се излачува во ткивата на простатата. Најважната причина за ова е карциномот на простата. Меѓутоа, карциномот не е единствена причина. Понекогаш кај воспалените болести на простата, наречени простатит и бенигна простатична хиперплазија, може да се добијат истите резултати. Во оваа фаза,се користат дополнителни параметри. Овие испитувања вклучуваат прегледи од специјалист уролог, уролошки прегледи и хронолошки тек на ПСА, пресметана густина на ПСА според обемот на простата, може да се пресмета врз основа на слободен / вкупен ПСА сооднос.

Дигитален ректален преглед: по тестот ПСА, дигиталниот ректален преглед (ДРЕ) се смета за најважен метод за дијагноза на карцином на простата. Се изведува со палпирање на простата преку ректумот. При прегледот урологот може да открие некои неправилности во нејзината големина, обликот и конзистенцијата. Ако резултатите од ПСА се во нормални граници, карциномот на простата, може да се открие со ДРЕ. Затоа, ПСА и ДРЕ се користат како комплементарни. Трансректален ултразвук и биопсија: испитувањата на простатата со трансректален ултразвук (преку анусот) се посензитивни во споредба со абдоминалниот ултразвук. Но, бидејќи не можат да го заземат местото на ДРЕ, не се користат за рутински прегледи. Најважното испитување од страна на лекарите е биопсија на простатата. Ако ПСА вредноста е повисока од нормалната вредност или при ректален преглед лекарот детектира абнормалност, потребна е биопсија. Ректалната биопсија на простата се прави со посебен ултразвук и специјални игли за биопсија, под локална анестезија и во амбулантски услови.
Карциномот на простата често се појавува на повеќе места во исто време, затоа со биопсијата систематски се земаат примероци од секоја страна. Денес изведувањето на биопсијата на простата бара земање на најмалку 12 примероци од ткивото. Покрај тоа, ако при прегледот или ултразвук има нешто сомнително, се земаат примероци и од таа област на простатата. Ако не се пронајде причината за високата вредност на ПСА и ако продолжува да се зголемува вредноста на ПСА или биопсијата дава сомнителни резултати, има потреба од повторување на биопсијата.

Како се лекува?

При избор на најсоодветниот третман за пациентот треба да се имаат предвид следниве фактори:

• Возраста на пациентот
• Фаза на болеста
• Патолошки карактеристики на болеста (Глисонов систем на оценување според степенот на диференцијација на клетките на ракот)
• Сооднос на деловите од туморот земени од биопсија на здравите ткива (процент)
• Ниво на ПСА
• Можни компликации од третманот
• Изборот на пациентот

При лекување на карцином на простата се користат следните алтернативи:

• Активно следење
• Радикална хирургија (отворена, лапароскопски)
• Радиотерапија
• Хормонска терапија
• Хемотерапија (употреба на лекови)

Активно следење – е алтернативна во последниве години. При овој метод може да има потреба од будно следење и понекогаш повторување на биопсијата. Потребата од активен надзор е присутна кога карциномот клинички е назначен како незначителен. Но, утврдувањето клинички дека карциномот е незначителен не е лесна постапка. Сепак, по редовно следење клинички може да се процени дека карциномот е незначителен. Честопати активното следење може да биде во форма на одложување на хируршката интервенција или радиотерапија.
Хируршки третман – денес доколку карциномот на простата е локализирана болест (рана фаза на болеста), операцијата се смета како златен стандард. Постојат две хируршки техники, отворена и лапароскопски. Сепак, и кај двете методи принципот е ист. Простатата, како целина, се вади заедно со околните лимфни јазли. По хируршки третман, може да се јави уринарна инконтиненција, која не е многу сериозен проблем, и обично се надминува во рок од 3 месеци до една година.

 Радиотерапија: се користи доколку болеста не метастазирала, а хируршка интервенција е ризична за пациентот. Обично се применува во комбинација со хормонска терапија.

 Хормонска терапија: оваа терапија најчесто се користи кога ракот кај некои пациенти се проширил на други делови од телото или се повторува. Карциномот на простата зависи од андрогинот, и целта на хормонската терапија е да го елиминира или намалува нивото на т.н. машки хормон тестостерон.

• Хемотерапија: во принцип се користи за пациенти кај кои хормонската терапија не дава резултати, и за пациенти кои се во метастатска фаза.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!