Една од главните задачи на бубрезите е да ја филтрира крвта. Тие треба да ги сочуваат важните компоненти од крвта што му се потребни на телото, а да го отстранат она што не му е потребно на нашето тело, како што се крајните продукти на метаболизмот и вода. Здравите бубрези можат да дозволат само мала количина протеини, главно албумини, да поминат во урината. Но ако бубрезите се оштетени, односно ако мембраната низ која се филтрира крвта во бубрегот е оштетена, тогаш може да најдеме голема количина албумини во урината, вели д-р Даниела Симоновска, специјалист по нефрологија.
Албуминот е најзастапениот протеин во крвта, кој се синтетизира во црниот дроб и неговата улога е во транспорт на супстанции нерастворливи во вода, како што се: хормони, масни киселини, витамини, минерали, лекови. Тој, исто така, го одржува колоидниот осмотски притисок, кој ја одредува дистрибуцијата на течност во клетките на телото.
„Односот на албумин vs креатинин го користиме како ран показател дека имаме оштетување на бубрезите, кога тоа сè уште не се манифестирало преку намалување на бубрежната функција. Овa е особено важно кај пациентите што имаат дијабетес. Овој сооднос може да се користи и кај пациенти што имаат кардиоваскуларни заболувања, но кај нив нарушувањето настанува откако бубрежната функција ќе се намали“, објаснува д-р Симоновска.
Нормалниот однос на албумин vs креатинин е под 30 мг/г. Ако вредноста е над 300 мг/г, значи дека се работи за сериозно бубрежно оштетување.
КАКО СЕ ИЗВЕДУВА ОВОЈ ТЕСТ?
Овој тест се прави со земање на примерок од урина, и тоа најдобро првата утринска урина. Се пресметуваат албумин и креатинин во урината и нивниот сооднос. Нормалниот однос на албумин vs креатинин е под 30 мг/г. Ако вредноста е над 300 мг/г, значи дека се работи за сериозно бубрежно оштетување. „Последните анализи покажаа дека односот на албумин креатинин поголем од 30 мг/г е поврзан со зголемен кардиоваскуларен морталитет, прогресија на хронична бубрежна слабост и севкупна смртност. Овој тест се прави само кај возрасни“, објаснува д-р Симоновска.
ЗОШТО Е ВАЖЕН ОВОЈ ТЕСТ?
Овој тест е важен бидејќи ни овозможува да утврдиме бубрежно оштетување додека тоа сè уште не е манифестно и ќе ни овозможи соодветен терапевтски третман во раните стадиуми. А и во ситуации кога имаме напреднат стадиум на бубрежно оштетување, ќе ни овозможи приспособување на терапијата, со што би се забавила прогресијата на болеста. Во рамки на Одделот за нефрологија функционира и Центарот за бубрежна болка, кој овозможува брзо и ефикасно разграничување на слабинска болка, дијагноза и обезболување. Пациентите во секое време може да добијат консултација за бубрежни камчиња, дијагностика и третман на бубрежна болка.
СПОРЕД НОВИТЕ ПРЕПОРАКИ, ПОТРЕБНО Е СЛЕДЕЊЕ НА ОВОЈ ОДНОС НАЈМАЛКУ ЕДНАШ ГОДИШНО
„При интерпретација на резултатот, важно е да земеме предвид ситуации што би можеле да влијаат врз овој тест, а тоа се: инфекции на уринарниот тракт, крв во урината, интензивен физички напор, бременост, треска и воспаление, како и употреба на некои лекови. Во овие ситуации ќе добиеме зголемен или намален однос, кој нема реално да ја прикаже бубрежната состојба. Но ако во тек на три месеци добиеме резултат што е над 30 мг/г, тоа ни е како индикатор за хронично бубрежно заболување“, вели д-р Симоновска.
Одделот за нефрологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овозможува континуирано следење на пациентите со бубрежни заболувања, нефролошко советување на пациентите и нивните семејства за превенција од бубрежни заболувања, како и проценка на ризик-фактори за развој на бубрежно заболување. Стручниот тим нуди единствен и интегриран пристап во грижата за бубрежното здравје, со можност за истовремена уролошка и кардиолошка консултација.