СИНДРОМ НА НEРВОЗНО ДЕБЕЛО ЦРЕВО

КАКО ДА ГИ УБЛАЖИТЕ СИМПТОМИТЕ И ДА ГО ПОДОБРИТЕ НАЧИНОТ НА ЖИВОТ

Иритабилниот цревен синдром (ИЦС) или познат како синдром на нервозно дебело црево е хронично функционално нарушување на гастроинтестиналниот тракт, кое се карактеризира со стомачна болка и промена во цревното празнење, без присуство на органска болест. Приближно 15% од возрасните и адолесцентите имаат некои од симптомите на ИЦС, но повеќето од нив немаат потреба од медицинска грижа. М-р д-р Димитар Трајков, гастроентерохепатолог, вели дека синдромот на нервозно дебело црево е најчестата причина поради која пациентите се обраќаат кај специјалист.

ИЦС се карактеризира со повторувачка стомачна болка или непријатност во стомакот, која е присутна барем три дена месечно во последователни три месеци со два или повеќе симптоми: y намалување на симптомите по дефекација y промена на фреквенцијата на цревно празнење y промена на формата на столицата. Д-р Трајков објаснува дека постојат повеќе поттипови на ИЦС: ИЦС со опстипација (запек), ИЦС со дијареја (пролив), мешан тип на ИЦС – дијареја што се менува со опстипација или обратно, како и некласифициран облик каде што пациентите ги исполнуваат критериумите за ИЦС, но не можат да се класифицираат во ниту еден од трите типа ИЦС.

АЛАРМАНТНИ СОСТОЈБИ КАДЕ ШТО Е ПОТРЕБЕН БОЛНИЧКИ ТРЕТМАН И ЕНДОСКОПСКИ ПРЕГЛЕД

  • Крвавење од цревото
  • Губење на телесна тежина
  • Необјаснета анемија поради недостаток на серумско железо
  • Ноќни симптоми
  • Фамилијарна историја на карцином на дебело црево, воспалителни цревни заболувања (улцерозен колитис и Кронова болест) или целијачна болест

ПРОМЕНА НА ЖИВОТНИТЕ НАВИКИ Е ПРВАТА ОПЦИЈА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СИМПТОМИТЕ

Почетната терапија е воспоставување добар однос помеѓу доктор – пациент, со цел да му се објасни на пациентот дека ИЦС е функционално нарушување на гастроинтестиналниот тракт и дека не може да премине во некоја сериозна болест. „Пациентите што се со лесни и умерени симптоми и немаат нарушен квалитет на живот се советуваат да ги променат животните навики, диететски промени – елиминирање на храна што прави гасови (јајца, грав, зелка, кромид…), диета со малку шеќери кои ферментираат – FODMAP-диета, а во некои случаи и избегнување на глутен и лактоза. Во одредена група пациенти, потребно е тестирање за алергија кон одредена храна. За пациентите што имаат лесни или средни симптоми, а кои не реагираат на иницијалниот третман, бидејќи симптомите влијаат врз квалитетот на живот, се советува фармаколошка терапија како дополнителна терапија“, вели д-р Трајков. Кај пациентите со средна и тешка клиничка слика со нарушен квалитет на живот, потребна е фармаколошка терапија. Зависно од симптомите, се даваат лекови со цел да се намалат симптомите и да се подобри квалитетот на живот. Сепак, постои мала група пациенти кај кои не дејствуваат ни препишаните лекови. Во тој случај, кај нив се препорачува консултација со психијатар, кај некои акупунктура, трансплантација на фекалниот микробиом…

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!