Tуморите на мозок кај децата се за трипати поретки отколку туморите на мозокот кај возрасните. Помеѓу 80-85% од туморите кај децата се сместени во задната черепна јама, за разлика од оние кај возрасните каде што најчесто се јавуваат во предната черепна јама. Иако се ретки, сепак, за жал, кај децата, претставуваат најчест причинител на смрт како последица на малигна болест. Д-р Миленко Костов, доктор по медицински науки и неврохирург во „Аџибадем Систина“, објаснува дека според патохистолошките особини туморите се класифицираат во две поголеми групи, односно глијални и невронални тумори. Глијалните тумори се најчести и се јавуваат во над 50% од сите тумори во педијатриската популација.
Факторите на ризик се: генетски предиспозиции, семејна анамнеза, претходно спроведено зрачење заради други состојби, изложеност на пестициди, постара возраст на родителите, особено таткото, изложеност на пестициди на родителите, висока телесна тежина на бебето при раѓање, аномалии на централниот нервен систем во ембрионалниот развој.
КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ?
Симптомите можат да бидат широкоспектарни и неспецифични, како што се: главоболка, гадење, повраќање, особено наутро и во млазови, фотофобија, епилептични напади, појава на симптоми за зголемен интракранијален притисок, дури и иритабилност.
„Иницијално е важно да се направи добар педијатриски преглед и да се консултира педијатар невролог, доколку е потребно. За да се дијагностицираат туморите, треба да се направи и МРИ на мозокот со постконтрастна серија, а доколку наодот е позитивен, тој да се дополни и со дифузија и спектроскопија. Потоа следува консултација со неврохирург и правење план за понатамошно оперативно лекување. На крајот, во мултидисциплинарниот тим се вклучуваат и патолозите што ја поставуваат дијагнозата, односно за кој тип тумор се работи, како и онколозите што спроведуваат онколошки третман доколку се работи за малигна неоплазма“, вели д-р Костов.
ПОТРЕБЕН Е МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ТИМ ЗА ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН
Оперативните онколошко-педијатриски интервенции спаѓаат во едни од најсложените неврохируршки процедури. Понекогаш, поради фрагилноста на самиот пациент и неможноста за многу долга анестезија, можат да бидат изведени и во неколку акта. Тие се долготрајни, понекогаш и со голема крвозагуба. Крвозагубата во оперативното лекување кај децата е со поголем фактор на значење ако се земе предвид дека децата се со многу помала телесна маса од возрасните, а следствено и со многу помалку крв во крвотокот. Поради сето горенаведено, овие интервенции во општа ендотрахеална анестезија се вистински предизвик за секој анестезиолог.
Заздравувањето по оперативниот третман е со различно траење и зависи, пред сѐ, од типот и локализацијата на туморот, но и од искуството и знаењето на тимот што го спроведува оперативното лекување.
„Постоперативно, доколку е потребно, во тимот се вклучени и физијатар, детски психијатар, детски психолог, логопед, дефектолог и нутриционист. Севкупното лекување е долго, бара мултидисциплинарен пристап и максимално залагање на сите членови на тимот“, објаснува д-р Костов
„Во Клиничката болница ’Аџибадем Систина’, располагаме со сите неопходни услови, за да можеме во целост да препознаеме, дијагностицираме, хируршки третираме и да овозможиме целосна рехабилитација на секое дете со дијагностицирана неоплазма“, вели д-р Миленко Костов.
Важен сегмент од целиот процес се и советувањето и обуката на семејствата на овие мали борци, кои поминуваат заедно со нив низ исклучително тешки периоди од животот.
„Наша цел, како совесни лекари, медицински работници и како компанија со општествена одговорност, е да дадеме што поголем акцент на превенцијата, третманот и целосната рехабилитација и да им овозможиме што побрзо и поцелосно враќање во нивното секојдневје и детската игра“, вели д-р Костов.