ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СÈ – ВАЖНОСТА НА РЕДОВНИТЕ НЕВРОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ ЗА РАНА ДИЈАГНОЗА И ПРЕВЕНЦИЈА

Неврологијата е гранка на медицината која се занимава со дијагноза и лекување на болести на нервниот систем. Редовните прегледи можат да спречат сериозни заболувања и компликации по здравјето. Петте најчести невролошки болести во денешно време – на кои темпото и начинот на живот имаат значително влијание – се: главоболките (секој има слушнато за мигрена), мозочниот удар, епилепсијата, Паркинсоновата болест и деменцијата.

Д-р Марија Гашоска, специјалист по неврологија, која важи за една од најдобрите во својата област и е омилена меѓу пациентите, ни открива детали од невролошките прегледи и објаснува зошто тие се толку важни.

ПРЕГЛЕД КАЈ НЕВРОЛОГ

Кога ќе посетите невролог, сигурно ќе добиете преглед со фамозното невролошко чеканче. Невролошкиот преглед се состои од низа едноставни, но клучни тестови што се изведуваат амбулантски и претставува основна алатка за дијагноза. Често, дури и најсовремените дијагностички апарати не можат да го заменат. Ако се потребни дополнителни испитувања, прегледот прецизно насочува што понатаму треба да се направи, со што се заштедуваат време и ресурси и за пациентот и за здравствениот систем.

МОЗОЧЕН УДАР

Мозочниот удар е многу честа болест. Ризикот за негово појавување се удвојува со секоја деценија по 55-тата година од животот. Алармантен е порастот на случаи и кај помладата популација. Речиси половина од случаите завршуваат со смртен исход, па затоа е од исклучителна важност раното препознавање на симптомите: асиметрија на лицето, слабост или парализа на едната страна од телото, и нарушена говорна функција. При присуство на овие симптоми – веднаш повикајте Брза помош.

МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА

Мултиплата склероза е автоимуно заболување и втора најчеста причина за инвалидитет кај млади лица, по трауматските повреди. Се јавува меѓу 20 и 30 години возраст. Обично започнува со заматен вид или болка во едното око при движење. Името “мултипла” се однесува на мноштвото симптоми пријавени од пациентот и знаци откриени од неврологот при преглед. Дијагнозата се потврдува со магнетна резонанца на мозокот и рбетниот мозок.

МИГРЕНА

Мигрената е најчеста примарна главоболка и е поизразена кај жени во репродуктивна возраст, што укажува на хормонално влијание. Тоа е силна, пулсирачка болка, често проследена со гадење, повраќање, фотофобија, фонофобија или осмофобија. Дијагнозата се поставува врз основа на клиничка анамнеза – ако пациентот има најмалку пет типични напади.

Третманот може да биде немедикаментозен (физичка активност, квалитетен сон, избегнување алкохол и пушење) и медикаментозен (аналгетици, бета-блокатори, антидепресиви, антиепилептици).

ЕПИЛЕПСИЈА

Епилепсијата може да се јави во било која возраст, најчесто во детството и по 60-тата година. За поставување на дијагноза потребни се најмалку два епилептични напади. Нападот претставува резултат на прекумерно и синхронизирано електрично празнење на нервните клетки. Третманот зависи од причината, но во повеќето случаи нападите се успешно контролираат со современа терапија.

Важно е да се надминат стигмите – децата со идиопатска епилепсија (без јасна причина) може успешно да се лекуваат, а возрасни со контролирана епилепсија можат да полагаат за возачка дозвола.

ОШТЕТУВАЊЕ НА НЕРВИТЕ

Под невропатии се подразбира оштетување на периферните нерви. Ако е зафатен еден нерв, зборуваме за мононевритис (на пр. фацијалис, карпален тунел); ако се зафатени повеќе – полиневропатија. Причините може да бидат инфекции, дијабетес, алкохолизам, цитостатици и сл. Третманот варира – од витамини и аналгетици, до сериозни интервенции како плазмафереза или имуноглобулини. Дијагнозата се поставува преку ЕМНГ и лабораториски анализи на крв и ликвор.

ДЕМЕНЦИЈА

Деменцијата е најстрашната невролошка болест за повеќето луѓе. Се карактеризира со губење на меморијата, потешкотии при учење нови информации, дезориентација, проблеми во секојдневните активности и промени во расположението и говорот. Дијагнозата вклучува КТ/МРИ на мозокот, невропсихолошки тестови и лабораториски анализи. Болеста започнува многу години пред да се појават симптомите, а специфична терапија сè уште нема.

МУСКУЛНА АТРОФИЈА И ДИСТРОФИЈА

Мускулната атрофија е ретка генетска болест каде што се губат моторните неврони, што доведува до тешкотии при одење, голтање и дишење. Мускулната дистрофија е исто така генетска и се должи на недостаток на дистрофин. Најчесто се јавува кај машки деца и започнува со слабост во бутните мускули и карлицата, а со текот на времето се зафаќаат и мускулите на рацете и срцето.

ХИДРОЦЕФАЛУС КАЈ ВОЗРАСНИ

Хидроцефалус значи зголемен притисок во мозокот поради прекумерна количина на ликвор. Се јавува кај мозочни удари, Алцхајмерова болест или при блокада на ликворниот проток. Неопходен е лекарски третман.

КОВИД-19 И НЕВРОЛОШКИ ЗАБОЛУВАЊА

По пандемијата на КОВИД-19 се зголеми фреквенцијата на невролошки заболувања. За време на инфекцијата беа чести главоболките, мозочните удари и мускулните болки. По пандемијата, деменцијата стана сè почеста. Реалната слика ќе биде видлива дури во наредните години.

СУПЛЕМЕНТАЦИЈА

Најчестите додатоци што ги препорачуваме се витамините од Б групата за нерви, магнезиум за мускули и мелатонин за подобар сон.

ПЛАНОВИ ЗА ИДНИНАТА

Моите идни планови остануваат поврзани со оваа институција и со работа на домашен терен. Ќе се трудам пациентите да добијат најдобра, најсовремена грижа – како да се лекуваат во странство. Апелирам за соработка со колегите, особено помладите, заеднички да работиме за доброто на нашите пациенти. Од тој порив можеби произлегува и моето животно мото: „Секогаш биди љубезен – кон себе и кон другите.“

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!