АХИЛОВА ТЕТИВА: НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА НА БОЛКА И НЕЈЗИН ТРЕТМАН

Ахиловата тетива е најголемата и најсилна тетива во човечкото тело. Се наоѓа на задната страна на потколеницата и ја поврзува петната коска со мускулите на потколеницата. Нејзината функција е да ја пренесува силата на мускулите кон стапалото, овозможувајќи движења како одење, трчање и скокање. Според д-р Даниел Јакимоски, супспецијалист по трауматологија, болката во Ахиловата тетива е чест симптом којшто може да укаже на повреда (руптура) или воспаление (тендинопатија). Повредите варираат од воспаление до руптура и дегенеративни промени на Ахиловата тетива. Раното препознавање на симптомите е клучно за навремена дијагноза и соодветен третман.

„Двете најчести причини за болка во областа на Ахиловата тетива се: акутни повреди на тетивата (руптури) и тендинопатија (воспаление) на Ахиловата тетива. Тендинопатијата на Ахиловата тетива се однесува на тендинитис (акутно воспаление на Ахиловата тетива) и тендиноза (хронично воспаление, дегенерација) на Ахиловата тетива. Овие проблеми најчесто се јавуваат кај спортисти и рекреативци, особено кај оние што се занимаваат со трчање, фудбал, тенис, одбојка, бадминтон и атлетика. Главен фактор е преоптоварувањето, кое создава нерамнотежа помеѓу мускулната сила и еластичноста на тетивата“, вели д-р Јакимоски.

 Главната разлика помеѓу овие две состојби е во тоа што акутната руптура на Ахиловата тетива се јавува ненадејно за време на некоја физичка активност, додека, пак, тендинопатија се јавува постепено поради хронично преоптоварување на тетивата. Редовна физичка активност, соодветно загревање и истегнување може да помогнат во намалување на ризикот од повреди.

Руптурата на Ахиловата тетива, која може да биде делумна или целосна, е најчестата повреда на тетивата на долните екстремитети. Д-р Јакимоски вели дека има повеќе ризик-фактори што влијаат врз структурата на тетивата, односно да ја ослабат структурата на тетивата и да го зголемат ризикот од нејзина руптура. Фактори на ризик за руптура на Ахиловата тетива:

• возраст – процесот на стареење ја намалува еластичноста и ја ослабува тетивата, што ја прави повеќе склона кон повреди

• воспаление или тендиопатија – што се манифестира со болка, оток и дисфункција, често е резултат на преоптоварување, што води до микропукнатини поради нарушено заздравување

• вежбање без соодветно загревање

• ненадејно зголемување на количината или интензитетот на вежбањето

• употреба на кортикостероиди и одредени антибиотици

• присуство на одредени здравствени состојби како: гихт, ревматоиден артритис, дијабетес и хронична бубрежна болест.

„Акутната руптура на Ахиловата тетива позната и како пукнување се манифестира со ненадејна, силна и остра болка во пределот на тетивата и задниот дел од ногата. Во некои случаи, пациентите и сами може да го чујат звукот на „пукање“ што се доживува како удар одзади. По интензивната остра болка, оваа состојба обично е проследена помалку интензивна болка, а некои руптури може да бидат и безболни“, вели д-р Јакимоски.

По повредата, лицето што се здобило со руптура на Ахилова тетива може да има тешкотии во одењето, неспособност да трча или да застане на повредената нога, отежнато стоење на прсти, неможност да се свитка стапалото надолу.

За точна дијагноза на руптура на Ахилова тетива, најчесто се врши клинички преглед, а во случаи на сомнеж, може да се користат и дополнителни методи, како ултразвучен преглед или магнетна резонанца (МРИ). Д-р Јакимоски истакнува дека златен стандард во клиничката дијагностика на оваа состојба е Томсоновиот тест.

„Кога го правиме клиничкиот преглед кај пациентот со руптура на Ахилова тетива, може да забележиме слабост на движењата на плантарна флексија, односно пациентите не можат да го свиткуваат стапалото надолу или не можат да застанат на прсти. Исто така, може да се забележат модринки или оток околу скочниот зглоб, како и губење на контурата на кожата во пределот на тетивата. Понекогаш може да се забележи и вдлабнатинка што ни покажува дека има прекин на континуитетот на тетивата“, објаснува д-р Јакимоски.

 За време на тестот, пациентот лежи на стомак, додека стапалата слободно висат над столот. При притискање на задниот дел на потколеницата, кај пациенти со руптура на Ахиловата тетива не се забележува плантарна флексија – односно не можат да го свиткаат стапалото надолу, што е јасен показател за руптура.

„Лекувањето на руптура на Ахиловата тетива може да биде конзервативно или хируршки, во зависност од возраста на пациентот, општата здравствена состојба и физичката подготвеност. Конзервативниот пристап се применува кај повозрасни пациенти, оние со здравствени проблеми како дијабетес, хронична бубрежна болест, атеросклероза, како и кај луѓе што не се премногу физички активни. Кај овие случаи процентот на повторна појава на руптура е од 10 до 15%. Од друга страна, хируршкиот третман се препорачува кај помлади, физички активни пациенти и професионални спортисти. Кај хируршки третираните пациенти, само кај 1 до 2% ќе се јави повторна руптура. По хируршкиот зафат, пациентите се способни да се вратат на спортските и физичките активности со исто ниво на интензитет како и пред повредата“, вели д-р Јакимоски.

Хируршкиот третман може да се изведе како класична отворена операција, каде што се прави засек (инцизија) во долниот дел од задната страна на потколеницата за шиење – сутура на тетивата или ендоскопска (минимално инвазивна) хирургија, каде што со помали засеци, со камера и специјални инструменти, се пристапува до тетивата за нејзино шиење – сутура. Без разлика на методот на третман, носењето гипс или ортоза е неопходно, а рехабилитацијата и физикалната терапија се клучни за враќање на мускулната сила и опсегот на движење.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!