Секогаш позитивен, насмеан и опкружен со деца кои го гледаат како свој суперхерој. Детската насмевка и среќата во очите на родителите по успешна операција се двете работи за кои детскиот хирург, доц. д-р Ристо Симеонов, вели дека го прават среќен и горд човек. Иста таква пожртвуваност и грижа за пациентите гледал и во својот татко, проф. д-р Мирче Симеонов, од кого ја наследил желбата да биде доктор и да помага тогаш кога луѓето во него го гледаат единствениот спас.
Семејството Симеонови е вистински пример за медицинска традиција. Таткото на д-р Симеонов е трауматолог, а токму неговиот животен пример бил пресуден за изборот на професијата.
„Од дете го гледав како се жртвува за сите – соседи, пријатели, случајни минувачи. Ако некој се повреди на игралиште, тој прв трчаше да помогне. Го бараа и дома и на улица, за најразлични потреби – некогаш поради покачена температура, некогаш поради висок крвен притисок. Помагаше буквално на сите. Во неговото присуство луѓето наоѓаа мир и надеж. Тогаш не ми беше јасно зошто го прави тоа. Денес знам – затоа што сакаше да помага“, раскажува д-р Симеонов.
Желбата да биде доктор кај него растела природно, со восхит и со почит кон оваа професија. Прво се запишал во средно медицинско училиште, потоа на Медицинскиот факултет во Скопје, а веднаш потоа започнал да работи на Универзитетската клиника за детска хирургија. Специјализацијата по детска хирургија ја започнал во 2004 година, а низ годините следувале бројни едукации – особено од областа на трансплантацијата.
„Бев една година на едукација во Турција за трансплантација на бубрег и во 2009 година ја направив првата трансплантација на бубрег кај дете во Македонија – момент што засекогаш ќе го паметам.“
КОГА ПОВТОРНО БИ ИЗБИРАЛ, ПАК БИ БИЛ ДЕТСКИ ХИРУРГ
И покрај долгогодишната кариера и бројните титули, д-р Симеонов останува скромен и доследен на детската хирургија. Вели дека, ако би избирал повторно, пак би ја одбрал истата специјалност.

„Детската хирургија е најкомплексна од сите – не само поради возраста на пациентите, туку и поради разновидноста на случаи. Работиме сè: од општа хирургија, урологија, трауматологија, до онколошка, неонатална и торакална хирургија. Секој ден е ново искуство.“
Во текот на кариерата, д-р Симеонов спасил илјадници детски животи. Секоја интервенција ја носи својата тежина, но три типа операции ги издвојува како најсложени. Првата е онколошката хирургија, особено кај тумори на бубрег, црн дроб и надбубрежна жлезда.
„Тоа се операции што бараат прецизност до последен милиметар – бидејќи се работи во близина на големи крвни садови. Целта е туморот да се отстрани целосно, а детето да преживее и закрепне.“
Втората е неонаталната хирургија, каде операциите се изведуваат во првите 24 часа од животот.
„Тука времето е критично. Работиме на корекции на хранопровод, црева, дијафрагма – често кај новороденчиња со тежина под два килограма.“
Третиот голем предизвик се вродените аномалии на жолчните патишта и црниот дроб, каде мора да се реагира во првите 10 до 12 недели по раѓањето.
„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НУДИ УСЛОВИ КАКО ВОДЕЧКИТЕ ЕВРОПСКИ ЦЕНТРИ
Од 2018 година д-р Симеонов е дел од тимот на „Аџибадем Систина“, каде, како што вели, ја има целата потребна поддршка и услови за врвна медицина.

„Тука имаме современа опрема, силна организација и брз, функционален систем. Работиме со услови какви што имаат водечките европски центри. Секое дете ја заслужува најдобрата медицинска грижа, а тука, во ’Аџибадем Систина’, децата ги имаат сите потребни услови за да бидат здрави и среќни. Од самиот почеток, од отворањето на првата, најсовремена и единствена приватна педијатриска болница во земјата, нашата цел беше јасна: да изградиме средина во која секое дете ќе се чувствува безбедно, а секој родител – охрабрен и поддржан. Она што ја издвојува ‚Аџибадем Систина’ од другите болници е комбинацијата на најсовремена технологија, висококомпетентен и посветен медицински тим, како и индивидуализиран пристап кон секое дете и неговото семејство. Овие предности ја прават ‚Аџибадем Систина’ прв избор на родителите, кои бараат најдобра грижа за своите деца. Најважно за обезбедување на сигурноста и довербата кај родителите се: транспарентната комуникација, компетентноста на тимот и целосната поддршка низ целиот процес – од првичната консултација до постоперативната нега. Верувам дека ваквиот интегриран пристап придонесува за позитивни резултати и долгорочна доверба.“
„За квалитетен доктор потребни се: стручност, квалитетна едукација, храброст и пожртвуваност. Според мене, тоа се основни компоненти кои го трасираат патот по кој треба да се развива секој лекар за да биде квалитетен и функционален за пациентите“ — вели доц. д-р Ристо Симеонов.
СЕМЕЈСТВОТО – НАЈГОЛЕМА ИНСПИРАЦИЈА
И покрај сите професионални обврски, д-р Симеонов секогаш наоѓа време за своето семејство. Сопругата, д-р Камелија Симеонова, е специјалист по детска и адолесцентна психијатрија.
„Нејзината поддршка е од огромно значење за нашето семејство. Секоја слободна минута ја поминувам со мојата сопруга и децата – тие се мојата најголема љубов и инспирација.“


„Секогаш има начин да се посветите на работите што ги сакате“, вели тој. „Во лекарската професија постои жртва која не може да се објасни. Но кога ќе видите насмевка кај дете, кога родителот ќе ви каже: ‘Благодарам, докторе, спасивте сè што имам’, знаете дека таа жртва вредела“.
МЕДИЦИНАТА КАКО ПРОФЕСИЈА И КАКО МИСИЈА
Освен како хирург, д-р Симеонов денес има и друга важна улога – национален координатор за здравство во Владата.
„Моите планови и желби, како и на сите здравствени авторитети, се да формираме функционален здравствен систем достапен за сите граѓани, каде што пациентите ќе добиваат брза и квалитетна здравствена услуга. Треба да изградиме систем на вредности и квалитети – со правилна и правична селекција на доктори и друг медицински кадар. Од друга страна, треба да има либерализација на пазарот на доктори, а пациентот да има право по сопствен избор да одбере каде ќе се лекува – сето тоа регулирано во согласност со сите закони и прописи“, нагласува д-р Симеонов.