На две или три деца годишно им треба трансплантација на бубрег во земјава, а сите се препраќаат на интервенции во странство. За жал, во Македонија ниту една приватна здравствена установа нема лиценца за да ги прави трансплантациите. Ова е дополнително тешко затоа што сепак и покрај неможноста да вршат трансплантации, во земјава има обучени доктори кои можат успешно да ги завршат интервенциите. Меѓу нив најголемиот специјалист е д-р Ристо Симеонов, детски хирург од „Аџибадем Систина“, кој зад себе има големо искуство во оваа област. Тој е единствениот лиценциран доктор за бубрежна трансплантација на деца во земјава. Во 2009 година завршил едукација за трансплантација на бубрег во Анкара под менторство на проф. Каракајали и досега во Македонија има изведено десет трансплантации на бубрег кај деца. Додека е дел од најдобрата приватна установа во земјава и во регионот д-р Симеонов трансплантациите ги изведува во болниците на „Аџибадем“ во Турција. Еден од пациентите од годинава е Дарко Митков, кој е роден со валвула на задна уретра, вродена аномалија на задниот ѕид на уретрата пред влезот во мочниот меур. Оваа аномалија довела до отежнато мокрење и развој на секундарен везикоуретерален рефлукс при што под притисок, урината од мочниот меур се враќа преку уретерите назад во бубрезите. И покрај сите интервенции и напори, оваа аномалија направила големо оштетување на бубрезите и било причина за појава на бубрежна инсуфициенција, а Дарко морал да почне со дијализа. Трансплантацијата на бубрег била единственото решение. Сега Дарко може да има нормален живот.
„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГИ ИСПОЛНУВА СИТЕ УСЛОВИ
За тоа која и каква здравствена установа може да врши трансплантации, регулативите ги пропишува Министерството за здравство. Секоја установа која ги исполнува предвидените критериумите може да аплицира за добивање лиценца за изведување трансплантации. Во моментов, сите деца на кои им е потребна трансплантација на бубрег се упатуваат на лекување во странство. Д-р Симеонов вели дека во најголем дел од земјите во околината имаат национален центар за трансплантација во кој се реализираат трансплантациите на бубрег кај деца. Референтен регионален центар со кој соработува КБ „Аџибадем Систина“ е болницата „Аџибадем Атакен“ Истанбул од Турција. Тимот за трансплантација го предводи проф. д-р Хамди Каракајали, со кого веќе има долгогодишна успешна соработка. Докторот објаснува дека „Аџибадем Систина“ ги исполнува условите за да врши трансплантација на бубрег затоа што болницата треба да има посебни кадровски и инфраструктурни услови. Генерално за да врши трансплантации потребен е обучен, лиценциран тим на доктори, хирурзи кои ќе го реализираат оперативниот зафат, инструментарки, анестезиолози и анестезиолошки сестри, тим на педијатри нефролози кои ќе бидат задолжени за предоперативната подготовка и постоперативното следење на функцијата на бубрегот и ординирање на имуносупресивна терапија, радиолози кои ќе ги реализираат потребните иследувања, специјалист по нуклеарна медицина кој ќе ги изработи потребните бубрежни скенови за процена на бубрежната функција, и оддел за интензивна нега и терапија со обучен персонал за работа со трансплантирани пациенти. Потребни се и услови за реализирање на перитонеална и хемодијализа во случај на потреба. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ги има сите потребни капацитети, инфраструктура, опрема, кадар и услови за да почне да изведува бубрежна трансплантација кај деца и возрасни, меѓутоа сè уште нема добиено лиценца од Министерство за здравство. Болницата е комплетно подготвена да ги следи овие пациенти од самиот почеток, да изведе трансплантација и потоа да ги прави сите потребни контроли. „Со отворањето на новиот педијатриски центар, сигурен сум дека ‘Аџибадем Систина’ ќе биде единствената болница која може да понуди врвна здравствена услуга од овој тип“, вели д-р Симеонов.
ТРАНСПЛАНТАЦИЈАТА Е СЛОЖЕН ПРОЦЕС
Вели дека трансплантација на бубрег е индицирана во крајната фаза бубрежно заболување без оглед на примарната причина. „Најчести причини кои придонесуваат до крајната фаза од болеста на бубрезите се малигна хипертензија, инфекции, дијабетес, гломерулонефритис, генетски причини како што се полицистична бубрежна болест, вродени мани на метаболизмот и автоимуни состојби, и вродените аномалии меѓу кои валвула на задна уретра со консекутивна билатерална хидронефроза од висок степен, билатерала уретеропиелитчна стеноза, билатерална превезикална стеноза“, вели д-р Симеонов. Објаснува дека процедурата на трансплантација на бубрег е сложена, а вклучува сложен оперативен зафат, детална предоперативна процена и подготовка и долготраен постоперативен период на следење на состојбата на пациентот. Во тек на оперативниот зафат во повеќето случаи заболените бубрези не се отстрануваат, доколку не е индицирано поинаку. „Се експланира бубрегот од донаторот и се трансплантира кај пациентот, при што се поставува во илијачната регија. Бубрежната артерија од донираниот бубрег најчесто се поврзува со надворешната илијачна артерија кај примателот. Бубрежната вена на трансплантираниот бубрегот најчесто се поврзува со надворешната илијачна вена кај примателот. Предоперативно е неопходно детално да се процени компатибилноста на донаторот и реципиентот по крвна група и HLA-типизација. Во раниот постоперативен период пациентот е сместен на оддел за интензивна нега и лекување, детално се мониторира, се следи продукцијата на урина, крвниот притисок, се ординира потребна антибиотска терапија и се започнува со имуносупресивна терапија со цел да се превенира отфрлање на трансплантираниот бубрег“, вели д-р Симеонов.
СЛУЧАЈОТ НА МИТКОВ
Дарко Митков е роден со валвула на задна уретра, вродена аномалија на задниот ѕид на уретрата пред влезот во мочниот меур. Оваа аномалија довела до отежнато мокрење и развој на секундарен везикоуретерален рефлукс при што под притисок, урината од мочниот меур се враќа преку уретерите назад во бубрезите. И покрај сите интервенции и напори, оваа аномалија направила големо оштетување на бубрезите и била причина за појава на бубрежна инсуфициенција, а Дарко морал да почне со дијализа. „Трансплантацијата на бубрег беше единственото решение, бидејќи неговите бубрези се нефункционални. Откако неговата мајка се пријави за донатор на бубрег, Дарко го подготвувавме за трансплантација. Интервенцијата ја изведовме со проф. д-р Хамди Каракајли и помина во одличен ред. За време на трансплантацијата констатиравме дека потребно да се извади и другиот бубрег на Дарко, и откако се врати од Турција, тука, во ‘Аџибадем Систина’, го отстранивме. Сега пациентот функционира со донираниот бубрег од неговата мајка. Доаѓа на редовни контроли на кои според лабораториските анализи ја одредуваме имуносупресивната терапија. Со редовни контроли и дисциплина Дарко може да има сосема нормален живот “, вели д-р Симеонов.