Традиционалниот аеробик е познат веќе долги години. Тој ги комбинира ритмичките вежби за истегнување и зацврстување на телото. Но, неодамна се појави еден нов вид аеробик кој се изведува во вода, односно во базен. Познат е како аква аеробик или аеробик во вода. Овој вид вежбање има и позитивни и негативни страни во однос на класичниот аеробик.
Аеробикот вклучува кардио вежби за целото тело, а тоа значи дека телото троши многу калории. Битно е да напоменеме дека ако едното стапало константно е фиксирано на подот за време на вежбањето се согоруваат многу помалку калории. Тренингот по аеробик најчесто се состои од вежби кои се фокусирани на долниот дел на телото, колковите, задницата и листовите. Вежбите кои се наменети за долниот дел на телото немаат никаков ефект на горниот дел од телото бидејќи не се создава никаков напор за овој дел. Аква аеробикот тука има предност бидејќи водата создава за 12 пати повеќе отпор од воздухот. За разлика од гравитацијата, отпорот во водата се применува во двата правци, па секое поместување влијае на две мускулни групи.
Аеробикот во кој се вклучени и танцувачки чекори е идеален за подобрување на координацијата и агилноста. Според одредени истражувања, доколку вежбате аеробик 12 недели можете да бидете повитални и да имате позатегнати нозе. Аква аеробикот е идеален за луѓето кои имаат проблеми со рамнотежата. Овој спорт ја подобрува и густината на коските и го намалува ризикот од создавање остеопороза. Но повреди и скршеници можат да се појават доколку имате чести и многу интензивни тренинзи, не носите удобни чевли.
Аква аеробикот го прави телото полесно за дополнителни 40%, па ова е идеално за луѓето кои имаат проблеми со зглобовите или болки во коските. Препорачлив е и за трудници, но тие не смеат да прават многу тешки и напорни вежби. Полесните вежби, пак, се идеални за нив. Аква аеробикот е познат и по тоа што многу позитивно влијае на физичкото и менталното здравје, ни дава енергија и влијае врз расположението. Ова се позитивните страни на аква aеробикот :
- Вежбањето во вода не ги оптоварува зглобовите и со тоа се намалува ризикот од повреди
- Се зајакнува целосната мускулатура задолжена за правилно држење на телото
- Влијае врз развојот на мускулатурата на респираторниот апарат
- Се подобрува кардиоваскуларниот систем
- Се подобрува целосната состојба на телото
- Се развиваат моторичките способности
- Се намалува целулитот
- Го подобрува расположението и ни помага полесно да се соочиме со секојдневните проблеми
Аква аеробикот треба да го избегнуваат луѓе кои имаат проблеми со срцето и крвниот притисок. Доколку сакате да се занимавате со овој спорт неопходно е да се консултирате со доктор.
Препорачливата температура во базенот треба да е помеѓу 26 и 28 целзиусови степени, а тренингот да трае 50 минути. Се препорачува подлогата во базенот да биде рапава, заради стабилноста при изведување на чекорите.